Leave a comment...

Мегалитска опсерварторија – Кокино

Година: 2100 -1700 г.п.н.е

Градители:  најверојатно предците на Агријаните / Пајонска племенска група

Локација: Кумановско

Извори: kokino.mk, mk.wikipedia.org

Многумина би се запрашале што бара Кокино на нашата страна, дали е тоа локалитет кој поседува архитектура? Секоја човечка интервенција во просторот, која го оформува истиот со цел да му биде дадена функција, а со тоа и соодветна естетика  го чини  архитектура. Кокино поседува и многу повеќе од тоа.

Природен масив, кој е одбран како доминанта од која се овозможува идеален поглед кон небото што значи промислена локација. На истата се одредени обредните позиции, тронови и точки од каде се набљудуваат космичките случувања. Според истите, со човечка интервенција се обликува хоризонтот, со што се насочува погледот кон конкретно избраниот настан со календарска прецизност. Опсерваторијата на Кокино е датирана како 4та најстара во светот.

Од локалитетот не поседуваме археолошки мапи, преку кои технички се дефинираат архитектонско-урбанистичките особиности на просторот, но ќе се обидеме преку она што е достапно да ви го претставиме истиот.

Кокино - сонце

Многу од археолошките наоди од Кокино датираат од раното бронзено време (21- 17 в. пред н. е.), како и од доцното бронзено време (14- 11 в. пред н. е.). Наодите кои датираат од средното бронзено време се многу поретки.

Археолошките истражувања во последните неколку години открија траги од населба од железното време (7в. пред н. е.), подигната на јужната падина на ридот. Ова е клучен доказ дека после тоа локалитетот не бил употребуван како светилиште иако, можеби, продолжила неговата употреба како опсерваторија.

Кокино - мапа

Древната опсерваторија Кокино (или Мегалитската опсерваторија Кокино) е една од најинтересните содржини на овој локалитет. Просторот користен за оваа намена е ориентиран во правец запад – исток. Се состои од пониска, западна и повисока, источна платформа (A и B), со висинска разлика од околу 19 м. меѓу нив, како и западната и северната астрономска платформа ( C и D). Платформите A и B биле користени за обредни дејствија.

Од платформата C се набљудувани, низ соодветни маркери, изгревите на сонцето во деновите на летната долгоденица и зимската краткоденица, како и за време на пролетната и есенската рамноденица. Маркерите за минимална и максимална деклинација на изгревите на полната месечина, во зиме и во лето и даваат на опсерваторијата посебно значење. Праисториските жители на овој простор знаеле дека, во ист календарски ден, истата фаза на месечината се појавува на исто место на хоризонтот на секои 19 години.

Кокино - маркери

Астрономските истражувања покажаа дека астрономската платформа C и маркерите се изработени во втората половина на 19 в. пред н. е. На основа на бележењето на изгревите на полната месечина на источниот хоризонт, праисториските набљудувачи на небото над Кокино изработиле календар со циклус од 19 години. Создавањето на календар е големо достигнување на праисториските жители, доказ за добрата организација на животот и нивната духовна култура.

Последните истаражувања покажаа дека астрономската платформа D, на северната падина на локалитетот, служела за набљудување на пролетната и есенската рамноденица, како и на позициите на ѕвездата Алдебаран, во периодот помеѓу 2000 и 1500 г. пред. н. е. Постојат индикации дека старите набљудувачи на небото, со знаењето кое го поседувале, можеле да ги предвидат затемнувањата на сонцето и месечината.

Кокино - маркер за зимска краткоденица

На опсерваторијата покрај набљудувањата на небото се изведувани и обреди, како ставање на дарови во природните пукнатини во стените (обредни јами) и во кружните камени конструкции биле, веројатно, врзани со некој култ на плодност и Големата Богинка – Мајка, персонифицирана, во тоа време, како карпест планински врв. Малите вотивни керамички фигурини со претстави на делови од човечко тело и домашни животни имале намена да им обезбедат добро здравје на луѓето и стоката.

Кокино - обредна јама

За народите кои живееле во околината на Кокино во Бронзената доба, слично како и за други народи од периодот, елементите биле живи, имале свои карактери и расположенија.
Археолозите претпоставуваат дека две главни форми на религиозни ритуали се изведувале на локалитетот, како дел од обожувањето на две божества кои во една или друга форма биле обожувани во многу култури пред и за време на Бронзената Доба – Големата Богинка Мајка и Сонцето.

Од Saveska — сопствено дело, CC BY-SA 3.0

@Saveska – Wikipedia

Големата Богинка Мајка била персонификација на растот, на плодната земја која ги раѓала посевите, ги хранела домашните животни и самите луѓе кои живееле од неа. Карпите на Кокино имаат вулканско потекло поради што постојат бројни хоризонтални и вертикални пукнатини. Луѓето кои живееле во близина, пукнатините ги доживувале како отвори во утробата на Големата Богинка Мајка. На просторот за обреди, тие носеле дарови од своите куќи, најчесто садови полни со овошје, зеленчук, течни жртви, фигурини, мелници за жито, пирамидални тегови, калапи за лиење на бронзени предмети и како такви ги полагале во тие природни отвори. Откако ќе ги положеле, ги затрупувале со земја и камен. Овие дарови требало да ја одоброволат божицата за таа да им даде плодна сезона.

Кокино - платформа А

Друг обред за кој се верува дека се одржувал на Кокино е поврзан со божеството на Сонцето. Сонцето, кое било сметано за син на Големата Богинка Мајка, означувало светлина, сила, моќ и топлина. Археолозите сметаат дека токму за да се пренесе симболичната моќ на сонцето и правото да се владее со племето се исклесани и троновите на Кокино. Луѓето кои седат на нив се свртени со своите лица на исток.

Кокино - сонце и Алдебарон

Како географска локација, Кокино и неговата околина биле постојано населени уште од почетокот на Бронзената Доба. Разни народи и цивилизации низ вековите го сметале Кокино за свој дом. За некои од нив, како градителите на обсерваторијaта и светилиштето можеме само да претпоставуваме како живееле, поради недостаток на пишан јазик и ограничениот број на артефакти и остатоци од периодот кога тие биле раширени низ овие предели. За други, пак, историјата зачувала текстови, записи и преданија, па за нив можеме да откриеме повеќе детали.

Од Petrovskyz — сопствено дело, превземено од Wikipedia

@Petrovskyz -Wikipedia

Познато е дека на територијата на денешна Република Македонија, во железната доба и во антиката биле населени Пајонците, народ опеан и во Хомеровата Илијада. Познати по своите јавачки способности, Пајонците се бореле на страната на Тројанците во Тројанската војна. Поради своите вештини како коњаници, тие се регрутирани во македонските,  грчките, а во подоцнежни времиња и во римските војски како дел од тешката коњица.

Agrianian

 

На малку од луѓето кои го посетуваат Кокино им е познато дека на територијата која ја нагледува обсерваторијата во времето на Александар Македонски живеел еден од најборбените народи во регионот – Агријаните. Агријаните биле дел од Пајонските племиња, познати по својата вештина во фрлањето на копја, како и својата дисциплина како воена единица. За да ја задржат брзината, со себе носеле сноп џилити, без оклопи и шлемови, па можеби дури и без штитови. Биле вешти во справувањето со тешки терени каде не било практично да се користи фалангата или мобилноста била повредна.

Од Petrovskyz — сопствено дело, prevzemeno od makedonska wikipedia

@Petrovskyz -Wikipedia

За Кокино може да се говори уште многу со оглед на тоа што локалитетот е откриен 2001 година. Истиот треба уште многу да се истражува и документира, но пред се и заштити од непланска туристичка експлоатација. Кокино претставува историска, научна, градителска и  географска Мека која говори за примена на знаењата во цивилизациското минатото на просторот на Република Македонија.

 

Ф.К

 

 

 

Share This:

Коментарите се затворени.