Leave a comment...

Враќање на јавниот простор и зеленилото во центарот на Скопје / Петровски

Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“ – Архитектонски факултет – Скопје

Тема на магистерски труд: Архитектура и природа – природа во архитектура

Наслов: Линеарно градско средиште, обединување преку активна порозна празнина

Автор: м.и.а. Димитар Петровски

Ментор: проф. д-р Митко Хаџи Пуља

Локација: Скопје, Центар

Година: 2017

Живеењето во урбани средини денес е проследено со постојани промени на градскиот контекст што оневозможува создавање на јасен карактер и идентитет на местата. „Стравот“ од празнините услови нивно исполнување со архитектура која ги уништува фрагментите на природа во градот, јавниот живот во него и создава контекст кој оневозможува социјална интеракција. Во годините по транзитирањето од социјализам во пазарна економија, празнините во градот се толкуваат како „неуспех“ на одржувањето на целовитост. Морфологијата на градот Скопје, кој претставува хетерогена структура на отисоци од различни идеи за град, постојано се нарушува губејќи го некогашниот идентитет благодарение на интензивната урбанизација и пополнување на празните површини.

Предмет на ова истражување претставува централното градско подрачје на градот Скопје, како негативен пример во кој е мошне изразено забрзаното урбанизирање и окупирање на постојните зелени површини. Голем број на урбани празнини и зелени површини во последните години се заменети со архитектонски зданија кои ја нарушуваат хармонијата и ги завземаат некогашните маалски центри на локалното население. Забрзаното темпо на промена и урбанизација на центарот на градот придонесува за немање на постојана слика, претстава за целина која е развиена во континуитет. Бројните места кои низ годините придонесувале за социјализација и зближување на граѓаните или извршување на секојдневните ритуали како читање на весник или прошетка, денес се заменети со административни објекти кои се „живи“ само во текот на нивното работно време. Потребата за создавање на простор во кој населението ќе може повторно да ги извршува своите некогашни навики е повеќе од очигледна.

Еден од проблемите со кој се соочува Скопје и околината е појавата на поплави. Катастрофалната поплава во 1962 год. требаше да претставува важна лекција во натамошниот развој и превенција од поплави, но во 2016 год. Скопје е повторно погодено од нова поплава со силен интензитет. Покрај низата на причинители за оваа поплава се јавува и презаситеноста со бетон, асфалт и други водонепропусни материјали, за сметка на зелените површини. Загаденоста на воздухот во скопскиот регион, исто така претставува проблем кој од година во година станува поизразен, а се почесто сме сведоци на екстремни загадувања за време на зимскиот период.

Повторно, покрај низата на причинители за загадувањето се јавува и преголемата заситеност со изградени објекти и намалувањето на зелените површини.

Наспроти неолибералниот капиталистички тренд на апсолутно завземање и економизирање на сите јавни празнини во градот, како врска меѓу две различни морфолошки матрици се предвидува креирање на активна и порозна празнина. Интегрирањето на природата во еден урбан контекст ќе овозможи хуманизирање на просторот и повторно откривање на јавниот простор како средиште на социјалниот живот. Зелената структура во рамките на густо изградената градска матрица придонесува за зголемување на квалитетот на живот во заедницата, создавајќи поволна микро клима и борејќи се против предизвиците на природата. Програмската „неодреденост“ на празнината и вклучувањето на граѓаните во процесот на проектирање ќе резултира со нејзино контролирано еволуирање во согласност со идниот контекст, програмските барања и потребите на заедницата.

Сателитска снимка 2002

Брзото темпо на промени, додавање на нови и одземање на постечки содржини во последните 15 години успеа да го промени разгледуваниот блок до степен на непрепознатливост. Процесот на промена, бришење на постоечките и вметнување на нови содржини сеуште трае, а со тоа оневозможува третирање на блокот како една, единствена целина. Запуштеноста за заградените површини предизвика појава на мочуриште кое за време на летниот период привлекува голем број на инсекти и предизвикува непријатна миризба која создава проблем за жителите во станбениот фронт на ул. Јордан Мијалков. Сообраќајното решение во овој дел од градот, пред се завршетокот на бул. Македонија останува проблем кој се провлекува низ годините и кој создава отежната дистрибуција на автомобилскиот сообраќај.

Сателитска снимка 2017

Состојба на локација

Пред почетокот на проектантската фаза, во развивањето на предлог концептот е вклучено мислењето на граѓаните. Учесници во анкетата се жителите во станбените згради околу самата локација од кои се добиени одговори за постојната состојба на локацијата, како и за посакувани содржини и изглед на новата состојба.

Зборови кои локалните жители ги асоцираат посочениот простор

 

Термини кои жителите ги посочуваат како посакувана интервенција

Новото сообраќајно решение е изработено според деталниот урбанистички план и предвидува подземна сообраќајница на местото на денешниот бул. Македонија. Со тоа за прв пат се создава планираниот „Јужен булевар“ кој има за цел да ги поврзе источниот и западниот дел на градот. Новото решение покрај подобрената циркулација на сообраќајот овозможува обединување на разгледуваната локација, со што се создава можност за уредување на локацијата како една целина со јасен идентитет.

Појдовна точка во креирањето на архитектонското решение е дефинирањето на оски по должината на локацијата кои имаат за цел во себе да ја примат проектната програма. Четирите оски се од различен караткер и се надоврзуваат на постојната просторно – физичка структура на локацијата. Тие претставуваат основа која гарантира зачувување на хомогеноста и идентитетот на целината за време на понатамошниот развој на идните намени.

Проектното решение е добиено со помош на синтеза на седум архитектонски дијаграми со различни структурално – формални аспекти. Дијаграмите имаат улога на слоеви со чие преклопување се добива финалното решение.

Програмата која е интерполирана на разгледуваната локација претставува своевиден компромис помеѓу потребите на локалното население и барањата на инвеститорите за овој дел од градот. Главни предизвици во создавањето на архитектонското решение се задоволување на потребите за јавен простор, креирање на решение кое ќе биде одржливо и ќе изврши влијание врз создавањето на поволна микро-клима.

 

Ситуација

Како порозна граница на локацијата предвиден е трем кој покрај својата покривна улога, во приземјето и на катот може да прими разни комерцијални содржини. Главната цел е да се наруши чувството на „бесконечност“ кое се добива движејќи се по улицата долга повеќе од 700 метри. Toa e постигнато со поделба на целината на пет различни тремови кои создаваат простор за монтажни структури кои ќе се појавуваат и исчезнуваат во зависност од моменталните потреби.

Трем

Станбено-трговскиот комплекс има за цел да создаде простор за сместување на предвидените намени во рамките на локацијата. Со тоа би се задоволиле потребите за станбени, деловни и трговски содржини во централното градско подрачје за подолг временски период. Објектот се состои од слободно приземје со мали комерцијални содржини, кат со трговски и деловни содржини и три станбени кули.

Посебно внимание е посветено на енергетската ефикасност на комплексот, како и искористување на природни извори на енергија. Испуштените и широки тераси на кулите создаваат амбиент на чардак и воедно го спречуваат директниот пад на сончевите зраци во внатрешноста на становите. Оградата на терасите е изработена од перфориран метал, додека на југоисточната и југозападната фасада на објектот се монтирани соларни панели кои ја искористуваат сончевата енергија. Помеѓу станбените кули се поставени ветерници во оската север-југ, како би го искористиле северниот ветер кој е најзастапен на локацијата. Ветерниците ротираат околу вертикалната оска со што значително се намалени вибрациите и бучавата која ја создаваат традиционалните ветерници.

Архитектурата делува во градот преку комплексна мрежа на релации кои секогаш го надминуваат нивото на самата архитектура. Останатиот простор, помеѓу архитектурата и градот подеднакво ја дефинира и поништува архитектонската професија, создавајќи ја комплексната природа на изградената средина. Архитектурата го „прави“ градот, но градот не е направен само од архитектура. Во градот постојат и останати, помалку очигледни простори кои ја артикулираат врската помеѓу архитектурата и градот. Тие простори се празнините на кои отсутствува архитектонската продукција, но се од голема важност за самиот град. Празнините се оние кои го дефинираат градот и се во постојана врска со архитектонската продукција. Добро проектираните празнини кои создаваат позитивни релации помеѓу архитектурата и празниот простор го овозможуваат креирањето на добрите простори, а со самото тоа и добрите градови.

 

Ф.К

Share This:

Коментарите се затворени.