Leave a comment...

ДАУТ ПАШИН АМАМ – Стара скопска чаршија / XV век

Година : втора половина на XV век, измеѓу 1489-1497

Локација: Стара скопска чаршија

Ктитор: Коџа Даут-Паша

Извор:, Османлиски Споменици во Скопје, Скопје 1998; предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова; историски фотографии: www.nationalgallery.mk; www.delcampe.net, македонски форуми и портали.

Даут Пашиниот амам се наоѓа во самото јадро на градот Скопје и е најужната точка од историската содржина на Старата скопска чаршија. Со тоа што јужниот пристап кон чаршиската целина е и нејзиниот најфрекфентен, амамот ја добива улогата на урбан маркер кој со својата монументалност и впечатлива архитектура, го означува почетокот на стариот град.

Ктитор на амамот е Даут-Паша кој извршувал низа високи позиции во Османлиската држава. Тој го гради објектот за време на неговата позиција како румелиски (балкански) беглербег, во периодот од 1489 до 1497. Следна негова функцијата е голем везир, која го носи во Истанбул каде живее до својата смрт. Неговата градителска дејност сочинува низа објекти низ регионот и на териториите на денешна Турција. Во Скопје неговиот вакаф содржел повеќе градби со различни намени, од кои денес е сочуван само амамот.

Амамот заедно со џамијата Ибни Пајко и Даут-пашиниот Ан формираат функционален урбанистички комплекс наречен исламска тројка, која била сместена во најфрекфентниот дел на Чаршијата пред Камениот Мост. Денес од оваа група е сочуван само објектот на амамот, а опстанокот на останатите два е пресретнат од низа природни катастрофи, како и развојот на самиот град низ времето.

„Османлиските Турци создале амами по мерката на човекот во потребна големина, и многу ги украсувале. Затоа што амамот е место каде што човек се одмара и разведрува, таму се бара елеганција и декор за разлика од џамијата, каде се бара сериозност.“

Е.Х. Aјведри, турски научник и истричар

Додека амамот навистина престанува да работи уште многу одамна, постојат и легенди дека тој никогаш не ни бил пуштен во употреба. Христијанското население ја раскажува легендата за клетвата на овој објект поради градењето врз стара црква. Затоа на првиот ден од неговото отварање наместо вода се појавиле змии кои ја каснале ќерќата на Даут-Паша, по што тој наредил затварање на амамот.

Присуството на записи за неговите приходи ги оспоруваат овие легенди, и посочува на високите трошоци за одржување како можна причина за неговото затварање. Исто така се верува дека објектот бил значително оштетен во природните катастрофи од периодот, како големиот земјотрес во 1555г. или пожарот во 1689г., а негова целосна реконструкција никогаш не се реализирала.

Податоци велат дека објектот се користел и како депо за петрол и шпиритус кон крајот на 19-от век. Општината во 1925г. донела одлука за негово рушење која никогаш не се реализирала поради тешкотиите и потребните стредства за уривање на ваква масивна градба.

Првата реставрација на објектот се забележува во 1935/36г. по иницијатива на претседателот на општината Јосиф Михајловски, чија идеја била пренаменување на објектот во музеј и луксузен ресторан. Интервенцијата била мала и опфаќала само поправки на кубињата и покривот.

Целосната обнова на објектот се случува после Втората Светска Војна (1948г.) кога амамот се пренаменува во уметничка галерија која функционира и денес. Во овој потфат се прават низа адаптации на просторот за прилагодување на новата намена, како спојување на машиот и женскиот дел преку неколку премини, отварање на нови отвори како и новиот главен влез сега поставен на источната страна.

Денешен влез на објектот

Повторно се интервенира на објектот во 1979-1982г.со цел подобрување на осветлувањето и загревањето на градбата. Во овој процес се прават посериозни адаптации, кои до одреден степен го нарушуваат интегритетот на културниот споменик преку отварање нови прозорски отвори.

Даут-пашиниот амам е од типот на двојни (чифте) амами, содржејќи машки и женски дел споени по должината, кои заедно содржат вкупна површина од 900м2. Главниот влез на објектот е машкиот влез кој се наоѓал на главната улица додека влезот кон женскиот дел е поставен на северната страна на објектот.

Оригинални влезови на амамот: машки влез | женски влез

Двата дела се целосно одделени, и се развиваат со истите типови на простории: гардероби со шадрван, малку топлите простории, делот за бањање, халветите и тоалетите. Разликата ја забележуваме во поголемата површина на машкиот дел како и неговата малку пообемна декорација. Се среќаваат и две помошни простории, таа во машкиот дел претставувала берберница додека во женскиот најверојатно била наменета за депилација. Двата амами завршуваат во хазната која се наоѓа на источниот крај на објектот, простор кој денес е претворен во главната влезена партија на галеријата.

Основа на Даут-пашиниот амам (од Е. Х. Ајверди)

Градбата е изведена од камен и тула, карактеристично на тогашната архитектура, но и на нејзината намена. Дебелите ѕидови имаат за цел на изолација на објектот и задржување на топлината, поради што на нив среќаваме само некоку мали отвори. Фасадата е декорирана со правилно ѕидање-опус листатум, и ниши со прекршени лаци над влезовите.

Системот на загревање функционирал со хипокаусти, слично како кај римските терми. Во хазната се ложело огништето чиј топол воздух и пламен циркулирале во  испреградениот празен простор под подот. Овој систем се појавува под сите простории освен гардеробите, а ги загревал и ѕидовите преку циркулација на топлиот воздух низ керамичките цевки поставени во нив.

Систем од хипокаусти под женскиот дел на амамот

Кровното решение е сочинето од систем на лаци и куполи врз сите простории, правејќи збир од 13 куполи со различни димензии поставени на тромпи или тамбури. Површините на главните куполи се перфорирани со мали отвори покриени со стакло, кои надоместуваат за ниското осветлување во долните ѕидни партии. Во неколку простории овие перфорации се во форма на ѕвезди што дополнително го збогатува амбиентот во внатрешноста.

Амамот е каракеристичен по неговата богата декорација. Таа се концентрира на лаците, сводовите, подкуполниот појас и слепите куполите, а содржи сталахтитни или ромбоидни декорации. Специфично е што во секој пример станува збор за различна геометрија на орнаментите што укажува кон уметничките вештини на тогашните мајстори.

Во женскиот дел среќаваме остатоци од декорации и на самите ѕидови кои се многу малку зачувани. Тие биле во форма на фризови и се протегале по должина на ѕидовите, на кота од 1.55м од подот. Композицијата сочинувала стилизирани цветови, и се верува дека била релјефно предадена, како во случајот на Чифте Амам.

Во просторот за бањање на женскиот дел се поствени и столбови, што е единственото вакво решение досега сретнато во амамите од регионот. Тука лаковите наместо да се потпираат на страничните ѕидови, тие завршуваат во двата камени повеќестрани столба, кои се карактеризираат со сталахтитно декорирани капители.

Амамот содржел и низа ентериени елементи кои денес не се присутни во објектот: мермерни подни плочи, шадрвани, курни (камени корита), мермерни возвишувања покрај ѕидовите на кои се седнувало за бањање, и исти на кои се лежело за потење и масажи.

По Втората Светска Војна Даут-Пашиниот амам добива статус на објект од културно наследство, и продолжува да функционира како изложбен простор на Националната галерија на Македонија. Тој ја сместува трајната поставка на галеријата, вклучувајќи ја и колекцијата на икони, како и разни повремени изложби.

Објетот денес е сместен во целосно преобразена урбана ситуација. Булеварот Гоце Делчев ја раскинува неговата врска со Чаршијата изолирајќи го во контекст составен од модерните објекти на изминатиот век. Дополнителните урбани интервенции изведени во изминатите години не се трудат да ја подобрат неговата пристапност или визуелна поврзаност, и тој денес е поставен во просторот како самостоечки споменик на отоманската архитектура во новото руво на центарот на Скопје.

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис

Фотографии од денешна состојба: Борис Јурмовски

Share This:

Коментарите се затворени.