Leave a comment...

Иборн.нет / Архипункт

Проект: Ентериерно уредување на деловен простор на Иборн.нет

Студио: Архипункт ДОО Скопје

Автори: Невенка Манчева, Марија Антиќ Николова

Локација: Скопје, Македонија

Година на проектирање: 2016

Фотографии: Андријана Тилиќ

Извор: Архипункт

Програмерските фирми се едни од водечките кога е во прашање грижата за удобноста и квалитетот на амбиентот во кој вработените го минуваат работното време. Тие постојано ги туркаат границите на поимот канцеларија. Работата се помалку инсистира на фиксни работни места, напротив, тенденција е да се обезбедуваат што повеќе разновидни простори за работа во група, за индивидуална работа, консултации, презентации, како и што повеќе неформални катчиња за одмор и релаксација.

Всушност, се повеќе се губи диференцијацијата меѓу простор за одмор и работа, на работата се гледа како на уживање и таа треба да се одвива таму каде што во даден момент ќе се почувствуваме најудобно- некогаш тоа ќе биде бирото, но друг пат просторијата за забава, терасата или пак трпезаријата.

Иборн.нет е таква скопска фирма којашто имаше потреба од трансформација и адаптација на еден постоечки станбен простор во нивен работен. Барањата беа новиот простор да го одразува младешкиот дух на тимот и да одговори на динамичните промени во бројноста на вработените. Влезните термини кои ја дадоа насоката на проектот беа „удобност“, „ведрина“ и „топлина“.

Оваа куќа е нивно второ седиште, па така миграцијата на фирмата од нејзините претходни простории донесе со себе постоечки инвентар и некои навики кои требаше умешно да се вклопат, а се разбира и да се дополнат, надградат или променат за успешно поврзување со новиот простор. Имајќи ја предвид нејзината првична намена како семејна куќа, таа поседуваше повеќе помали простории од кои дел се претворија во мали оази за одмор, дружење и неформално работење, а дел беа споени во поголеми канцеларии за работа во поголеми тимови.

Основниот концепт при осмислувањето на визуелниот идентитет на просториите беше геометријата и боите од логото на Иборн. Коцката од нивното лого послужи како основа за со неколку различни комбинации на боите, секоја од канцелариите да добие своја специфика и уникатен амбиент. Со цел да се постигне 3Д ефект на коцка, искористени се перспективата и прекршувањето на површините од ѕидовите и плафоните. Така идентитетот на суптилен но препознатлив начин провејува во сите простории.

Изградена во 90тите во резиденцијална населба во Скопје со препознатлива естетика од тој период, куќата  послужи како подлога во која преку контрастирање со прочистени форми и површини во ентериерот истата доби современ израз. Ведрината и лежерноста се доловени со употреба на специфично насочено осветлување, како и преку бројните едноставни, а ефектни елементи- дрвени облоги, цвеќе, плута, пикник маса со клупи, скала со полици, јамболија, удобни фотелји и сл. кои внесуваат домашен комфор во работниот простор.

Ф.К

Share This:

Коментарите се затворени.