Leave a comment...

Неолитските модели на куќи потпрени на ногарки – Никос Чаусидис

Највпечатливите археолошки наоди пронајдени на неолитските наоѓалишта во Македонија се секако ќерамичките модели на куќи. Но, наспроти првичниот впечаток, тие ја немале фукцијата на современите макети – да им го претстават на сопствениците нивниот иден дом, туку изгледа се користеле за одредени магиски т.е. религиски постапки.
Најчестата и денес најпопуларна е варијантата каде куќата е силно симплифицирана, некогаш сведена само на кубус, при што во горниот дел на неа се надоврзува фигура на жена. Таа ја симболизира Божицата Мајка, како симбол и покровител на самиот дом, чијашто утроба е изедначена со внатрешниот простор во кој живеат станарите – всушност нејзини деца.

1

Покрај овие, се среќаваат и модели кои немаат приземен дел туку се состојат само од поткровје издигнато на четири столпци. Кај повеќето вакви примери е јасно прикажан страничен влез кој води во него, додека на калканите е редовно е пробиено по едно мало прозорче со кружна, триаголна или ромбоидна форма. Некаде, на калканите се ритмично распоредени назабувања, а слични но поголеми елементи се присутни и на бочните ѕидови. Иако немаат покрив се смета дека тој постоел во вид на капак од слама кој ја поклопувал „кутијата“ оформена во поткровјето. Преку овој елемент всушност може да се заокружи нашата претстава за изгледот на реалните неолитски објекти кои стоеле зад овие модели.

2

Разгледувајќи различни факти поврзани со овие наоди соогледуваме дека овие модели во значителна мера соодвествувале на некакви градби кои навистина постеле во овој период. Ова не води и до прашањето кои биле мотивите за нивното подигање од тлото.

3

– Наколни куќи во вода
Едната можност е овие градби да биле користени од култури чија егзистенција се базирала врз риболовот, кои поради тоа нив ги позиционирале покрај реките езерата или почуриштата. Вакви примери на праисториски наколни живеалишта изградени над вода се откриени на охридското крајбрежје (на пример кај Заливот на коските), а во Македонија опстојуваат и денес преку познатите рибарски колиби од Дојран.
Обликот на специфичните назабени столпци на овие модели можел да се постигнати само преку обложување на дрвена конструкција со глина. Ова е слабата страна на посоченава претпоставака, затоа што ако таквите столпци би се наоѓале во вода таа за кратко време би го уништила овој материјал.

7


– Објекти на територии кои можат повремено да се најдат под вода

На оваа теорија упатуваат наоѓалиштата на кои се откриени овие модели, претежно лоцирани во Пелагониската Рамница – регион кој и денес е подложен на чести поплави. Ако ова се земе предвид издигнувањето на градбиве на ногарки би имало за цел нивна заштита од повремените надоаѓања на водата.

– Објекти на предели со влажни почви, со изобилие од поздемни води
Ова е всушност варијанта на претходната хипотеза во која издигнувањето на објектите се оправдува со заштита на нивниот простор од високиот степен на влажност на тлото предизвикано не од директи поплави туку од присуството на подземни води.

– Амбари за жито
Голема е веројатноста дека овие објекти се користеле како складишта за жито. На тоа укажуваат неколку од наведените градежни елементи чија примена може да се оправда со потребата за заштита на складишниот простор од разни негативни фактори.

Најпрво тоа се прозорците на калканите кои би служеле за проветрување на амбарот, како и остриот двоводен кров кој би обезбедувал лесно одлевање на атмосферските води од сламениот покрив. Во ист контекст може да се оправда и искосувањето на калканите кон надвор како и продолжените стреи. Подигнувањето на објектот од тлото воедно би обезбедувал и заштита на храната во складиштето од габи, инсекти, глодари и други животни. Во овој контекст би можеле да се оправдаат и назабувањата на столпците – како елемент кон го отежнувал лазењето на животните кон складиштето.

8_2

Најдобар аргумент во прилог на оваа теза е присуството на такви објекти во руралното градителство ширум светот. Се до средината на 20 век тие биле познати и во Маедонија и тоа под називот „троњови“ и „куќарици“, користени како привремени живеалишта, простори за текстилни дејности, за складирање на храна или за чување живина.

Колиби на столпци - Македонија

Колиби на столпци – Македонија

 

Колиби на столпци - Македонија

Колиби на столпци – Македонија

– Објекти со симболичка т.е. сакрална намена
Според оваа теорија наведените неолитски објекти можеле да се користат за повремена изолација т.е. затварање во поткровјето на одредени припадници на заедницата (престапници, жени, деца) и тоа поради спречување на нивниот пристап кон надворешниот простор и кoмуницирање со остатокот од општеството.

Во конзервативните општества ширум светот до денес постои верување дека жената за време на менструалниот циклус е „нечиста“, поради што не и се дозволува контакт со другите припадници на заедницата, како и пристап до одредени простори, особено оние во кои се чува и подготвува храна. За таа намена се градат посебни простории – колиби, лоцирани на работ од населбата или во поткровјето на куќата, во кои жените престојуваат за време на овој период. Во некои случаи овие забрани се толку ригорозни што жената дури не смее да има никаков контакт со почвата (најголемиот извор на храна) што всушност би била главна причина за подигањето на овие објекти на ногарки.
Макар колку и да изгледа неверојатно, до неодамна вакви куќарки имало и во Европа, а нивните траги можат да се насетат и во македонскиот фолклор и тоа во споменатите „троњови“ и „куќарици“ чија примарна (табуирана) намена се затскривала со функцијата на „колиби за везење“.

Менструални колиби - Непал

Менструални колиби – Непал

Покрај посочената примарна функција, со тек на времето овие колиби стануваат место за одвивање на повеќе други женски активности: воспитување на девочињата и на младите невести; нивно подучување во тајните на брачниот живот, социјалните односи и мајчинството; практикување магиски и обредни дејствија; учење на техниките на везење, ткаење и друго.

„Куќарици“ колиби за везење - Македонија

„Куќарици“ колиби за везење – Македонија

Во матроналните заедници кадешто жената има статус ист или повисок од мажот наведените куќарки се користат како „љубовни колиби“ во кои жените преноќуваат со своите љубовници. Постојат индиции дека и некои од наведените македонски куќарки се користеле за слична намена – како колиби за спиење на младоженците за време на нивниот меден месец. Неминовноста на овије објекти доаѓа до целосен израз ако се земе предвид дека најархаичната македонска куќа всушност имала само една единствена просторија.

Пр. љубовни колиби - Камбоџа

Љубовни колиби – Камбоџа

Можеби неолитските модели што тука ги претставивме всушност ги прикажуваат токму овие „женски куќарки“ особено земајќи го предвид ставот дека неолитските општества биле матронални т.е. во нив доминирала жената. Тие можеби се подигале од земјата за да се означат „блажената“ т.е. „надземска состојба“ на жената т.е. нејзиниот сакрален статус за време на мнструалниот циклус. Поради тоа овие објекти најверојатно третирани и како сакрални градби т.е. светилишта.

5

Анализираниот тип градби ги наоѓаме и во приказните. Тука мислиме на шумската куќарка на Баба Рога издигната на кокошкини нозе во која таа ги прима децата, обидувајќи се да ги зготви и потоа изеде. Оваа куќарка всушност ја претставува куќата за иницијација која и денес постои во некои конзервативни општества. Таа ја симболизира уторбата на Божицата Мајка (=Баба Рога) која ги прождира децата со цел преку симболично умирање да се обезбеди нивното препородување во возрасни луѓе.

14

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис

Share This:

Коментарите се затворени.