КОНКУРСЕН ТРУД ЗА ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ НА СКОПЈЕ / МИШЧЕВИЧ И ВЕНЦЛЕР, 1965

January 22, 2018

Автори: Радован Мишчевич и Федор Венцлер 

Соработници: Иван Томичич, Бранко Лучич, Антун Маринович, Божо Анчич, Владимир Бубаш, Вељко Франич, Јаков Јелич.

 Година: 1965

Катастрофалниот скопски земјотрес од 1963, уништува 80% од центарот на градот, оставајќи го регионот без неговото главно комерцијално и комуникациско јадро. Ова ја налага потребата за негово најбрзо оживување, но истовремено претставува и можност за досега најрадикалното модерно репланирање на централното подрачје.

Сл, 1,2. Улица Македонија (Skopje Resurgent, 1970, p. 18, p. 22)

За оваа задача комисијата од интернационални експерти решава да повика врвни домашни и странски архитекти на конкурс за создавањето на новиот изглед на центарот на Скопје.

Студиото на Мишчевич и Венцлер од Загреб, се поканети како дел од домашните-југословенски учесници на овој конкурс. Нивниот концепт за центарот на Скопје, заедно со планот на јапонскот тим на Кензо Танге, ја делат првата награда на конкурсот. Подоцна заедно со локалните урбанисти ја формираат финалната – деветта варијанта на обновата на централното подрачје на Скопје.

Сл, 3. Радован Мишчевич и Кензо Танге

Концептот на тимот од Загреб, го решава проблемот на поделеноста на градот преку позиционирање на најважните функции токму до реката. Тој дава еднаква вредност на левиот и десниот брег преку рамномено распоредување на програмите на двете страни. Дополнително се предвидува мост–полоштад до Гранд Хотел, чија цел е зајакнување на пешачките врски преку Вардар.

Сл, 4. Идејно урбанистичко решение (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Функциите се распоредуваат во шема која избегнува создавање на мртви простори во одредени периоди на денот. Па затоа, до деловните и комерцијални програми се позиционираат јавните и културни објекти, пропратени со рекреареативната зона која се развива покрај самата река.

Сл, 5. Поделба на зони и поврзување (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Сообраќај

Планот се надоврзува на предходната сообраќајна концепција на градот, дизајнирана од експертите кои го изготвуваат генералниот урбанистички план на Скопје. Таа предвидува градски автопат кој го тангира центарот од северната страна, нова позиција на железничката станица и поврзување на западниот и источниот дел од Скопје преку сообраќајната аксијала на Јужниот Булевар.

Сл, 6. Положба на центарот во новиот ГУП на Скопје (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Мишчевич и Венцлер воведуваат и нови аспекти во сообраќајниот план на центарот на Скопје за кои се пофалени од комисијата:

  • Во аксијалата на Јужниот Булевар предвидуваат и градска железница или трамвајска линија;
  • Градскиот автопат минимално го поместуваат на север, со цел да се избегне уништувањето на историскиот комплекс на Саат Кулата и Султан-муратовата џамија;
  • Воведување на внатрешен ринг за колско поврзување на многуте концентрирани функции во јадрото на центарот;
  • Давање на приоритет на пешачкото движење во најцентралното подрачје како и предвидување на пешачки аксијали. Главната оска се развива од Чаршијата на север, преку Калето и Камениот мост до улицата Иво Лола Рибар на југ. Дополнителна пешачка насока е таа кон железничката станица која се развива како променада издигната од нивото на градот и со тоа одделена од колскиот сообраќај. Во остатокот од центарот пешачкото движење се издвојува од колското преку неговото насочување низ станбените блокови. Дополнителни пешачки траси се тие на двата брега од реката Вардар;

Паркирањето е поделено во три дела – отврорени паркиралишта кои сместуваат 5612 возила, подземни паркиралишта за вкупно 3420 возила, паркинг гаражи за вкупно 1800 возила;

Сл, 7. Поврзување на центарот на Скопје (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Сл, 8. Организирање на сообраќај – шема (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Простори на основни содржини

На левиот брег од реката Вардар се предвидува новиот универзитетски комплекс кој  го содржи глвниот суд, универзитетската библиотека и ректоратот. Во овој план хрватскиот тим предвидува негово збогатување со дом за млади од западната страна, и спортска сала и парк од источната страна.

За заокружување на историските комплекси на Старата Чаршија и Скопското Кале, се предвидува развојот на станбената зона  на Топаана. Таа се планира како населба со двокатни „македонски куќи“ кои би се поврзале амбиентално и композициски со историскиот опфат, и би се развивале на тераси по падините на теренот.

На главниот плоштад – тогаш наречен Маршал Тито, се планира сместување на Домот на Армијата. Неговиот габарит е низок и овозможува непречена визуелна комуникација меѓу двата брега, но со своето партерно решение успева во дефинирање и поделба на површината на плоштадот. Во пределот покрај реката се развива првата зона на на плоштадот, втората е долж новиот објект на Домот на АРМ, а третата е околу улицата Маршал Тито (сега улица Македонија).

Сл, 9. Шема на градски жаришта (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Домување

На територјата на централното подрачје се предвидува домување на 30 000 жители. Архитектите Мишчевич и Венцлер го развиваат во форма на станбени заедници заградени со вертикални брановидни објекти. Во внатрешноста на овие зони се добиваат поприватни простори во кои се развива станбеното зеленило проследено со детските игралишта, училиштата, градинките и пратечките сервини програми.

Сл, 10. Детал од макета (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Зеленило

Поради високите температури во Скопје за време на летните периоди, на градот му се потребни јаки зелени масиви за разладување.  Централното подрачје тангира три вакви зелени зони: Градскиот Парк, паркот Гази Баба, и планината Водно. Зеленилото од овие зони се воведува во центарот во форма на појаси.

Главниот појас се развива по течението на реката Вардар и дополнително формира три парковски целини: покрај Кале, покрај железничката станица, и покрај спортскиот комплекс до универзитетот.

Споредните појаси навлегуваат во градската структура преку дрворедите долж улиците и булеварите, како и паркиралиштата и станбените зони.

Планот на хрватскиот тим ја истакнува важноста на користење на елементи, врсти на флора и материјали кои се автохтони на Скопската Котлина. Тие дури и предложуваат низа локални растенија и начини за нивно применување во пејсажното обликување на центарот.

Prostorno oblikovanje zelenila centra, uz prirodne odlike terena i dosljednu provedbu zacrtanih smjernica ozelenjavanja, daje u okvirima približnog urbanističkog rješenja mogućnosti za stvaranje humanih ambijenata u centralnom području grada, gdje će uvijek boraviti veliki broj ljudi vezanih za funkcije središta grada.

Извадок од: Miščević i Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje,

idejno urbanističko rešenje, Zagreb, 1965

Сл, 11. Шема на зелени површини и игралишта (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Композиција

Главниот изглед на центарот на градот е формиран од специфичната топографија на подрачјето како ридот на Скопското Кале или течението на реката Вардар. Од клучно значење е и визуелната комуникација со блиските планини Водно и Скопска Црна Гора.

Мишчевич и Венцлер го ориентираат целиот центар кон реката како главната артерија на срцето на градот. Овој простор е најважен за урбанистичко здружување на Скопје, но притоа и најосетлив. Тие препорачуваат градација на изградените волумени околу реката со нивно постепено намалување кон бреговите. Објектите кои тие ги предвидуваат тука ја следат препораката за градење во трусни подрачја, и нивната површна се намалува со развојот по катови.

Сл, 12. Детал од макета (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Заштита на историско урбанискичките целини

Една од најголемите квалитети на историскиот комплекс на Старата Скопската Чаршија се ридовите на Кале и на Саат-Кулата. Тие ја креираат карактеристичната силуета на градот во кој изобилуваат тенките минариња на џамиите и старите ѕидини. Тимот од Загреб ја истакнува потребата за визуелно и просторно поврзување на овие два рида за што е потребно елиминирање на трите високи станбени кули кои се градат покрај улицата Борис Ќидрич (денес бул. Крсте Петков Мисирков).

Дополнително е потребно идно градење на исклучиво ниски објекти на површината на Чаршијата, со цел задржување на карактеристичната пластика на теренот. За ова се укажува кон традиционалните македонски и турски куќи, по чиј урнек тимот препорачува да се градат сите нови објекти во историскиот комплекс.

Сл, 13.  Поглед кон Чаршијата, пред земјотресот (www.delcampe.net)

Сл, 14. Скица (Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, Zagreb 1965)

Сл, 15. Деветтата варијанта (Skopje Resurgent, 1970, p. 337)

Извор: Radovan Miščević, Fedor Wenzler, Skoplje – Centralno Gradsko Područje, idejno urbanističko rešenje, Urbanistički insitut SRH, Zagreb, 1965 | НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје; Skopje Resurgent, United Nations, New York, 1970.

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис

Автор на статија:

| / / |