Leave a comment...

Мурали на скопските фасади

Деновиве сме сведоци на реализација на мурал на северната фасада на станбениот објект во кој е сместена билната аптека на Алкалоид, на булевар „11 Октомври“ во Скопје. Во поглед на светските метрополи, Скопје заостанува со оваа пракса на интегрирање уметност на старите и дотраени фасади и во тој контекст акцијата која се реализира преку МКЦ е за поздравување.

Она кое најповеќе ги засегнува македонските артисти и графитчии е игнорирањето и не еднаквиот третман кој го добиваат во општеството. Кога и да се повикаат македонските артисти, како што беше случајот со големиот мурал на МКЦ, изработен  од 40-тина македонски прогресивни артисти, истите не добиваат надоместок ниту за боја (според изјавите на некои од учесниците).

Во тој контекст сите настани кои се обидуваат да ги вклучат домашните цртачи ја искористуваат нивната позитивна енергија и ентузијазам притоа не нудејќи никаков хонорар и соодветни услови. Се надеваме искрено за промена на оваа пракса и поголемо вклучување  на истите во ваквите проекти под еднакви услови.

На Скопје муралите во минатото му беа познати како техника за маркетинг пораки и многу ретко присутни во архитектонските остварувања. Оваа пракса се менува со овој проект и истото го поздравуваме, но упатуваме и порака и иницијатива за следни вакви активности. Големите светски градови тоа го прават преку јавни огласи, на кои се конкурира со размерна скица, со што се изедначуваат можностите за учество. Покрај акцијата, градот треба во консултација со стручни лица внимателно да ги одбере позициите или контекстот да го ослободат и побараат идеја од самите артисти.

Во продолжение официјалната информација од град СКОПЈЕ:

Светски познатиот уметник – муралист Векс Ван Хилик (Veks Van Hillik) деновиве изработува мурал на зградата над Билната аптека, во центарот на Скопје. Градот Скопје го поддржа проектот на Младинскиот културен центар (МКЦ) за изработка на повеќе мурали на фасадите на зградите во централното и поширокото градско подрачје со 1.250.000 денари. Минатата година два мурали ја украсија фасадата на МКЦ, едниот изработен од групата ЗЕРО (ZERO), а другиот од 40-тина прогресивни уметници од Македонија.

До крајот на оваа, 2017 година, ќе бидат изработени уште десетина мурали од повеќе прогресивни уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка.

Векс Ван Хилик е роден во 1988 година, во југозападна Франција. Под влијание на неговите постари браќа, тој почнува да слика уште од најрана возраст и почетна инспирација наоѓа во природата околу него, во флората и фауната. Хилик подоцна развива сопствен стил: сонувачки, надреален, истовремено вметнувајќи други најразлични влијанија. Сликари како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали или Бретон му се постојана инспирација од минатите векови, но, неговото дело е под влијание и на поп-културата, видео-игрите, стрипот, уличната уметност и тетоважите.

Од 2010 година, кога ја остварува својата прва изложба во Тулуз (каде што денес живее и твори), учествувал во голем број изложби ширум Франција. Неговите дела се познати и во странство, со поставките во галеријата МондоПоп (MondoPop) во Рим во 2012 година и во Салерно, во галеријата ГрислТату (Gristle Tattoo) во Бруклин, Њујорк и во Мелбурн, Австралија во 2013 година.

Секоја слика или цртеж од Векс Ван Хилик изгледа како ода посветена на фантазијата, како таинствен прозорец кон неговите сништа и илузии, каде што секоја сцена и лик се префинета мешавина на невиност и мрачност.

Ф.К

Share This:

Коментарите се затворени.