Leave a comment...

Најавен конкурс за нова сала на КК „Работнички“

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска ќе распиша конкурс за идејно решение за „Повеќенаменска спортска сала во Градски Парк“. Оваа сала со капацитет од 3000 гледачи ќе биде новиот дом на  најтрофејниот клуб КК „Работнички“ и ќе се наоѓа на местото на сегашната сала и поширокото окружување.

Претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ сакаше тука да гради 30 метарска барокна катна гаража на парцелата до салата, решение на кое актуелното општинско раководство силно се спротистави. Цели две години, и покрај заканите со инспекции, актуелното општинско раководство и градоначалникот Андреј Жерновски пружаа  отпор  кон оваа градба. Општината конечно успеа да го спречи градењето на барокната гаража и ќе парцелата ќе ја  пренамени за нова спортска сала.

Изглед од претходно планираната катна гаража

Салата ќе биде проектирана како повеќенаменска, изградена по сите светски стандарди за овој тип градби. Во неа ќе се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис.

Салата ќе располага со амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, како и прес центар, коментаторски кабини и соба за режија. Салата е предвидена да има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните.

(Во прилог како требаше да изгледа катната барокна гаража во Градски парк)

За гледачите и посетителите ќе има фан шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека.

Во салата се предвидени и канцеларии за спортски федерации, просторија за ВИП гости, кацеларии за управа, архива и сала за состаноци.

Надземниот паркинг ќе овозможува паркирање на минумим три автобуси и еден камион, додека подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 150 до 200 возила за потребите на спортистите.

Проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно парнерство, а идејното решение ќе се избере на конкурс, транспарентно како што досега практикуваше општина Центар. Според најавениот интерес, се очекуваат голем број на идејни решенија кои ќе бидат јавно презентирани.

По основното училиште во Капиштец и новата градинка, ова е трет капитален објект кој актуелното раговодство  ќе го реализира.

Извор: Општина Центар

Share This:

Коментарите се затворени.