• February 3, 2018
  • vase-amanito

„Ние сметаме на вас!“ – ИАС11 – Отворање на изложбата

Вчера (02.02.18), во 11:00 часот во големата сала на Архитектонскиот факултет се отвори изложбата на студентски проекти по предметот Архитектонско студио, работени во зимскиот семестар од академската 2017/2018 година. Претставени беа многубројни проекти, почнувајќи од сеќавање – привремено живеалиште за три особи, потоа интервенирање на место во природа на Водно, проектирање станбени, општествени и индустриски објекти, па се до развивање на идеи за град и урбанистички проекти.

Професор д-р Огнен Марина, Декан на Архитектонски факултет одржа говор со што го започна отварањето. Тој истакна дека по 11 пат Архитектонскиот факултет гордо ги отвара вратите и ги претставува проектите на студентите пред пошироката јавност.

„Повторно сме собрани по 11 пат да ги погледнеме Архитектонските студија на Архитектонскиот факултет при Универзитетот св. Кирил и Методиј во Скопје. Тоа се 11 семестри по ред, 6 генерации во континуитет кои што ги покажуваат своите проекти и идеи, тоа се исто така повеќе од 100 студија (архитектонски и урбанистички студија) каде што повеќе од 1000 проекти до сега биле изложени, 1000 проекти кои што секој со себе носи идеја. Тоа се исто така 1000 и повеќе студенти кои што денеска повторно стојат едни до други, исправени едни пред други подготвени за јавно да ги покажат своите идеи, стотици пријателства и соработки кои што верувам голем дел од нив ќе продолжат и во иднина. Се разбира најдобрите успеваат и остануваат.“

„Ова е моментот кога вие станувате нешто повеќе од студенти, денеска станувате автори кои се одважиле да ги покажат своите идеи, своите проекти, своите знаења. Токму затоа денеска ние подготвени сме за најжестока критика, но исто така и за најсјајни пофалби и ги изложуваме нашите проекти јавно не затоа што е тоа едноставно туку затоа што е тешко.“

„Голем дел од идеите можеби ќе бидат реализирани во иднина, голем дел ќе останат заборавени во времето, но верувајте тоа што ќе го правите во иднина секако ќе биде пропратено со она што сте го направиле денеска и тоа нема да ве дефинира и да влијае само на вас туку ќе влијае на илјадници луѓе кои што ќе живеат во вашите згради, во вашите простори, во вашите градови. Затоа креацијата на архитектурата не е едноставна, таа има свои барања, свои закономерности и свои последици за кои што мораме да бидеме свесни. Креацијата на архитектурата на е само лична, таа е и заедничка.“  – рече деканот Огнен Марина.

„Денеска стоиме пред своите проекти одважни како никогаш до сега затоа што знаеме дека тоа што сме го создале и тоа што го покажуваме не е само убаво, туку ги содржи сите вредности на поредокот и дисциплината на кои што им се восхитуваме сите ние. Денеска сме тука за да покажеме и докажеме дека ние сеуште ги негуваме овие вредности. Вие сте тие кои секоја година на крајот на секој семестар го покажувате и го докажувате токму тоа со оваа изложба.“

„Без притисок, но ние сметаме на вас!“ – рече за крај деканот Огнен Марина обраќајќи се кон студентите со честитки за изложбата и желби за успеси во иднина.

Бидејќи успехот никогаш не треба да остане незабележан беше доделена и колекција книги за најдобриот студент на годината Марија Петрова. Наградата ја додели професорот Михаил Токарев потсетувајќи се на годините кога тој бил најдобар студент, сфакајќи го задоволството кое произлегува од љубов кон архитектурата и љубов кон животот.

Мартина Штериова
фотографија: Васе АМАНИТО