• April 21, 2017
  • marh

Објавен изгледот на новиот „Луна парк“ во Скопје

Денес градот Скопје, официјално пред медиумите го презентира новото решение за изгледот на забавниот „Луна парк“.  Со оглед на тоа што освен победничкото решение, немавме можност да ги погледнеме второпласираниот и третопласираниот труд на повиканиот конкурс, како и необврзувањето за доработка на победничкото решение во основен проект, крајната слика за паркот се очекуваше да биде различна од она кое го видовме минатата година.

Во продолжение соопштението на градот, со приложени визуелизации и анимација:

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ денеска /21.04.2017 година, петок/ извршија увид во градежните работи на изградба на нов забавен парк во Градскиот парк.

Со новиот забавен парк ќе се изгради нова инфраструктура, придружни објекти и ќе бидат поставени нов забавни реквизити, а овој проект ќе се реализира фазно. Истиот ќе се простира на истата површина како постојаниот Луна Парк и за неговата изградба нема да се зема од зеленилото во Градскиот Парк.

– Изминатиов период започна реализацијата на капиталниот проект за изградба на нов забавен парк со што скопјани по 44 години ќе добијат нов, модерен забавен парк. Забавниот парк ќе се гради на истата локација како стариот Луна Парк, истиот ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк.

Изградбата на новиот забавен парк ќе се гради фазно, во повеќе години, и изградбата на истиот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Во првата фаза е предвидена изградба на инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, како што се влезно излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување, за што се издвоени около 101 милион денари.

Паралелно со изградбата на инфраструктурата, во оваа фаза ќе се постават седум реквизити и истите треба да пристигнат во рок од 6 месеци, за што се издвоени околу 130 милиони денари. Во првата фаза ќе се постават 1 адреналински, 2 полуадреналински, еден воз на шини и 3 детски реквизити.– кажа градоначалникот Трајановски.

Во рамки на целиот проект за изградба на новиот забавен парк во Скопје ќе бидат набавени и поставени вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.

>>> 3D анимација>>>

Градоначалникот Трајановски посочи дека додека траат градежни работи, Луна Паркот нема да работи, додека дискотеките коишто се лицирани во постојаниот парк, ќе работат и оваа година (сезона).

Со овие постапки, скопјани конечно ќе добијат нов, модерен забавен парк, со нова опрема и реквизити, кој не е обновен од неговата изградба во 1973 година.

Извор: град Скопје