Leave a comment...

Од вчерашната вонредна сесија 02 / Формат: Конкурс

Вчера во 20 часот, на „скверот“ на Архитектонскиот Факултет се оддржа одложената Вонредна сесија 02, формат: Конкурс. Сесијата ја водеше Владо Данаилов, а на истата земаа збор архитектите Трајко Димитров,  Никола Стрезовски и претседателот на ААМ, Мартин Пановски.

Идејата за оваа дебата беше да се дискутира околу конкурсите, нивното значење за обликувањето на Скопје, реазлизирањето и спротивното,  деградирањето на конкурсите, искуствата од истите и насоките за иднината.

Архитект Трајко Димитров прв зема збор и се осврна на времето во кое се стекнати неговите искуства (учество во повеќе од 30 конкурси). Преку личната призма, општата ситуација ја подели на поствоен, постземјотресен и период на независна Македонија.

Во искуствата се увиде општиот раст на конкурсите и зреењето на архитектите и фелата низ годините со кулминирањето во 70тите години, од кога потекнуваат најголемиот дел од општествените објекти во градот и негативната слика во последните години. Во некои од конкурсите Димитров зел учество во улога на член на комисија, во други како конкурент на своите колеги, на трети како победник и коавтор.

Нешто што индиректно го потенцира, е дека во времето на југословенската федерација, не секој конкурс бил соодветен и без политички влијанија на притисок врз општествено успешните компании и организации. Тоа значи дека политиката секогаш се мешала во овие процеси.

Дискусијата ја продолжи архитект Пановски, кој се осврна на последните декади и тековниот период. Од личните искуства и работата во Асоцијацијата на архитекти на Македонија, ги предочи повеќето проблеми кои имаат законска основа или пак од непознавање на тематиката.

Девалвирањето на конкурсите во тендери за јавна набавка и нејасните следни чекори  од прогласувањето на победниците, проблемите со авторството и „куп“ од прашања кои се клучни и на кои треба да се посветиме како би добиле соодветно организирани конкурси. Потребата да се запази текот од самиот старт, што значи соодветна комисија, проектна задача, критериуми и дигнитет во одлуките, значи немање простор за парцијално набљудување туку темелна реорганизација.

Често организаторите на конкурсите не знаат да состават конкурсна задача, ниту го знаат текот на развојот на едно архитектонско дело, па следствено на тоа очекуваат да добијат детален буџет од повик за идејно решение. Многу малку институциите го разбираат поимот конкурс и како тој треба да е спроведен. Во таа насока Пановски ги најави и следните чекори на асоцијацијата во борбата за своето место, преку официјални соработки со општините и градот.

Никола Стрезовски го подвлече ентузијастичкиот поглед на конкурсите и придобивките од истиот. Најголемите процеси на созревање како проектант се случуваат преку овие архитектонски натпревари. Многу искрено ја сподели приказната за личниот предизвик преку силна верба со своето учество да се промени општеството и покрај информациите за наместениот победник во некој од конкурсите.

Раговорите на темата на моменти се оддалечуваа и повторно враќаа на конкретната, но со намера да се поврзат општите проблеми во струката.

Студентите кои беа присутни во голем број, низ прашања се вклучија во сесијата отворајќи ја и темата за лошите плати во струката, преголемиот број на архитекти и факултети како директен импакт. Во коментарите и ставовите се почувствува обесхрабрувањето кое дојде кај нив после споделувањето  на повеќето негативни тековни искуства на темата.

Затоа во дискусијата се вклучи и деканот на АФС, Огнен Марина, кој сепак ја потенцира битноста да се учествува и созрева низ конкурсите, да се разбере придонесот преку покажување на интелектулен став со приложувањето на авторското дело како и ангажираноста во следниот период работите да се придвижат кон подобро. Со вистински позитивен пристап се обиде да им предочи дека ситуацијата не е сјајна но откажувањето е полош избор отколку учеството.

Последно вклучување во дискусијата од присутните во публиката беше на Слободан Велевски, кој ја сподели информацијата за актуелноста на оваа тема на европско ниво, подигната од страна на магазинот А10 и како можете да станете дел од европската дискусија на темата.

Како заклучок на сесијата може да се рече дека дебатите се вистинско место да се пресретнеме и да го споделиме искуството. Сепак овие раговори се водат генерално во интелектуалните кругови и треба сериозно сите да придонесеме заеднички истите да стигнат до јавноста во една симлифицирана форма. Да се истакне битноста на нашата професија во општеството е борба во која МАРХ учествува активно и ја дава поддршката како линк со овие настани.

За конкурсите една дебата не е доволна, но е одличен старт да се раздвижи професијата за ова прашање на повисоко ниво. Остануваат многу прашања и искуства да се споделат, пред да се  дефинира стратегијата на заедничкото делување.

Некои од проблемите кои ги истакнуваме се ниските наградни фондови кои ги прават неатрактивни за меѓународно етаблираните бироа, сиромашно приготвениот материјал во кои недостасуваат .dwg  подлоги, податоци за просторот за интервенција и соодветна фотогалерија, некоординираноста на општините и залагањето за реализација на победничките проекти, јавната транспарентност итн.

Со цел да направиме една регионална споредба како се подготвува техничка документација за меѓународно атрактивен конкурс приложуваме линк од конкурсот за градска библиотека на Варна, кој се оддржа пред две години.

Фото: Борис Јурмовски

Ф.К

Share This:

Коментарите се затворени.