Leave a comment...

Паметна автобуска постојка – Рекорд / Рориќ, Томски, Најдоска, Нусев

Автори: Мила Рориќ, Дејан Томски (архитекти) , Марија Најдоска -(архитект и студент на Финки), Ѓорѓи Нусев (докторант и инженер по електротехника)

Локација: ул. „Димитрије Чуповски“ – постојка Рекорд, Центар Скопје

Година: 2016

Предложеното идејно решение за конкурсот „Паметна автобуска постојка“ лоцирана на Рекорд во Скопје, инспирирано е од принципите на паметниот јавен превоз како дел од актуелните концепти за паметни градови. Појдовна точка во нашиот дизајн е формирањето на функционален и современо обликуван простор, во чии рамки, на корисниците на јавниот превоз ќе им се овозможи континуиран пристап до информации, поврзаност и интеракција со системот на градски превоз.

slika_2

Обликовни аспекти, содржина и функции

Автобуската постојка Рекорд има едноставен и јасен модуларен дизајн – составена е од носачи и транспарентни панели кои наизменично се повторуваат по должината на постојката по принципот полно-празно, при што секој од носачите има наклон кон југ и е покриен со фотоволтаични модули за искористување на сончевата енергија.

Западниот дел од постојката претставува зона за интеракција. Тука почетиот носач е доминантен во димензии, боја и поставен обрaтно од останатите, со цел да отвори директен пристап за пешаците од тротоарот, односно поголем проток низ просторот, како и да ја означи самата локација на постојката. Во него е вграден интерактивниот панел и тој е првиот елемент со кој корисникот се соочува при влез во постојката од тротоарот. Во состав на панелот влегува и апарат за издавање на Скопска-картички за превоз, надополнување на истите и нивно скенирање за проверка на состојбата. Во овој носач вграден е и wi-fi рутер преку кој на целото стојалиште му е овозможен интернет пристап.

Анимација >>>

Интерактивниот панел претставува панел на допир, со софтверско решение кое ги комбинира функционалностите на google maps со податоците од ЈСП, со примарна цел да му овозможи на корисникот побрз пристап до информации, и тоа опција за планирање на патување и опција за детален преглед на одредена автобуска линија. Овие информации ќе може да се добијат и преку гласовни команди, со што на лицата со попреченост им се овозможува подеднаков пристап. Дополнително постои можност за избор на јазик, информации за туристи, информации за поврзување со други видови превоз (city bike, жичница и сл.).

Централниот простор е наменет за стоење со елемент за наслонување, чија горна површина служи за безжично полнење на паметни телефони.

Model

Клупата за седење е поставена во источниот агол, формирана од дрвени даски кои претставуваат топла подлога за седење, а истовремено формираат ергономска потпора за ‘рбетот. На долната површина на клупата се поставени USB-излези за полнење на електронски уреди.

При дизајнот на постојката, внимавано е видното поле во правецот на пристигнување на автобусите да е отворено, со тоа што бочната преграда во тој правец е сведена на миниум и истата е искористена за вградување на LAD дисплеј кој прикажува корисни информации за патниците, имајќи предвид дека е најизложена на нивните погледи. Дел од тие информации тој ги црпи од сензорите поставени на самата постојка, а дел од интернет (пристигнување на следни автобуси, квалитет на воздух, временска прогноза, соопштенија за патниците).

montaza_marh

На источниот крај на постојката предвидено е поставување на корпа за отпадоци со комори за селекција на отпад.

Рекламирањето е застапено на три позиции во проектот, и тоа на бочните страни и на задната страна на постојката, како и во рамки на интерактивниот дисплеј.

Бидејќи станува збор за многу фрекфентна локација, изложена на загадување од издувни гасови и хаотична за перцепција, околу една третина од должината на постојката од страната на улицата е обложена со зеленило, во вид на зелен ѕид кој се состои од многубројни растенија и вграден систем за циркулација на потребната вода. Поставувањето на овој елемент има за цел да создаде попријатна атмосфера за чекање, но и да го ублажи загадувањето на воздухот во радиус од неколку метри.

Диспејот со информации за пристигнување на автобусите  е високо подигнат и видлив од поголема дистанца од тротоарот.  Објавите на дисплеите се придружени со гласовно информирање, пред се’ неопходно за лицата со оштетен вид.

Сензорот за атмосферски влијанија, го активира во зима загревањето на подлогата на автобуската со цел да не се создава мраз и да се избегнат повреди кај корисниците од паѓање.

mini_raboten-model

Материјали

 Подлогата на постојката е изработена од бекатонски елементи со пад кон улицата. Пред самата постојка до ивичниците предлагаме да се постават два линиски сливника, поврзани на атмосферската канализација кои ќе спречат собирање на водата пред постојката, со цел да се избегне прскањето на пешаците.

Секој од носачите на постојката е изработен од челичен лим, во вид на кутиест профил кој од предната страна е затворен со поликарбонат. Во конзолниот дел на носачот сместено е LED-осветлувањето на постојката, додека низ вертикалниот дел минуваат потребните кабли за поврзување со батеријата.

Падот на кровот е кон југ и таа вода преку хоризонталниот олук се спроведува во вертикален олук скриен во највисокиот носач од каде се влева во атмосферска канализација, а дел се користи за наводнување на предвидениот зелен ѕид.

Транспарентните елементи меѓу носачите се предвидени од транспарентен поликарбонат. Конструкцијата на постојката е премачкана со нано-слој од хидрофилниот титаниум диоксид (TiO2), кој под дејство на сончевата светлина, ги разградува нечистотиите, односно постојката ја прави самочистечка.

slika_1

Снабдување со енергија

Постојката предвидено е да се снабдува со енергија преку батерија која ќе се напојува од фотоволтаиците сместени на покривот и дополнително од градската мрежа. Првично ќе се користи енергијата произведена од фотоволтаиците, а по потреба контролната единица ќе го вклучува напојувањето од градската мрежа.

Преку администраторскиот софтвер, ЈСП ќе има увид во податоците од мониторингот  на сите функции на постојката, како што се потрошувачката/производството на енергија на постојката, можните дефекти, бројот на патници, менаџирањето со рекламниот простор (поставување на рекламни видеа) итн. Целиот систем има за цел добивање повратна информација од патниците преку самата постојка со цел да се елиминираат неефикасностите во јавниот превоз, а да се зголеми задоволството на граѓаните од истиот.

Share This:

Коментарите се затворени.