Leave a comment...

Систем на градење и реставрацијата на византиските цркви / Барџиева

д-р Донка Барџиева Трајковска

„Православниот систем на градење и реставрацијата на византиските цркви “

ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО,Скопје

Вовед

Македонија е една од ретките држави на Балканот со сочуван голем број на византиски цркви  кои датираат од периодот на раниот 9-10 век, па се до крајот на 14 век.Некои од овие цркви, претставуваат исклучителни примероци  со врвни  архитектонски и сликарски остварувања[1] и единствени сведоштва за цариградскиот тип на градби кои  при освојувањето на Османлиите се уништени.[2]   Во изминатиот век и половина од домашни и странски автори се напишани бројни  публикации и монографии  за византиските цркви, со систематизирана типологија и стилски карактеристики,[3]а направен е значителен исчекор и во правец на утврдување на местото и улогата  на  мајсторите градители и нивното  познавање на градителските вештини.[4]

Заштитата на византиските цркви во светлината на македонската пракса

Кога станува збор за зашитата на византиските цркви,се чини дека овој степен на познавање на архитектонско – конструктивните вредности не соодветствува со практиката која оди во сосема друга, погрешна и штетна насока. Причините за ваквата состојба во заштитата на византиските цркви во Македонија се комплексни, но генерално  можат да се лоцираат во два клучни  општествени сегменти.

Првиот сегмент е од образовна природа и се однесува  на образованието на кадрите од областа на архитектурата и применетите  уметности, бидејќи заштитата како интердисциплинарна дејност претпоставува  одлично познавање на предметот кој се третира.За успешна заштита можеме да говориме само во оние случаи кога реставраторите освен специјалистичкото познавање на вредностите на споменикот, поседуваат и   познавање на старите техники кое го имплементираат во процесот на реставрирање на автернтичниот систем на градење – архитектонски и зографски- бидејќи интенционално, изградбата на православен храм претпоставува украсување со живопис. За жал, кај нас кадрите кои работат во оваа област,се произлезени од  високообразовни институции доминантно насочени кон  проектирање на  нови градби за сметка на  систематското   проучување на стариот византиски систем на градење. Вака конципираниот начин на образование директно се рефлектира во конзерваторската  практика каде овој кадар себе си  се ,,препознава,, како  ,,проектант,, а не како реставратор -,,чувар,, на старите потврдени  вредности.

Вториот сегмент е во директна  зависност од првиот, барем кога станува збор за македонското искуство. Имено, доколку во процесот на заштита  на споменикот  му се пристапи  како проектант  од кого се бара да ,,проектира,, нов систем на заштита како трајно решение, се појавува  сериозна опасност не само да се занемарат архитектонско-конструктивните вредности на градбата, туку истите да се третираат како ,,застарени,,,,скапи,, и ,,нефункционални,,!!!Токму ваквиот пристап  во Македонија е доминантен во последните триесет години и доведе до драстично нарушување на автентичниот  конструктивен византиски систем на градење и трајно уништување  на стотици квадратни  метри  фреско сликарство.

Современа конзервација и реставрација

 Како долгогодишни проучувачи и  конзерватори на византиските цркви во Македонија, уште на почетокот на нашата професионална кариера[5] се соочивме  со  еден ,,феномен,,. Имено,во фазата на истражувачките работи на кровните површини, постојано наидувавме на  големи слоеви на земја и малтер, измешани со фрагменти на керамиди, кои  архитектите ги нарекуваа ,,градежен отпад,, и истите беa отстранувани.[6] Оваа практика продолжи  и следните години  и стана сосема нормална појава и редовна ,,ставка,, во финансиските пресметки   на конзерваторско – реставраторските проекти, за да кулминира во 1986 година при реконструкција на кровот  на црквата Св.Богородица Перивлепта[7]. Првите сознанија  за иновативното решение  на покривот  ги добивме во 1988 година, во текот на истражувачките работи.Тогаш, за прв пат ја поставивме тезата дека причина за  огромните оштетувања на живописот  е ново-поставениот покрив   и побаравме  негово итно отстранување.Имено со новото авторско решение на кровот (арх.Борис Чипан) отстранети се сите слоеви на земја  од сводовите и косите површини на  покривот, истите се исчистени  до ѕидарија и врз нив е поставена нова конструкција со бетонска кошулица и водонепропусни синтетички адитиви. За да нема директен допир со старата/оригинална конструкција,  направена е  своевидна брана од празен воздушен простор премостен со  посебна конструкција со бетонска кошулица и водонепропусни материјали  на која се  поставени керамидите.Овој празен простор со различна височина, потоа е затворен од  сите надворешни страни.Целиот иновативен систем е финализиран со поставување мали отвори  со решетки  на повеќе места на  покривот, кои би требало да  го ,,вентилираат,, просторот меѓу финалната  стара/оригинална  конструкција и новата одвоена кровна конструција.   Како одминуваше времето а живописот и понатаму пропаѓаше, нашите сомневања  искажани  во елаборатот од 1988 година, се покажуваа исправни за да  кулминираат со повторната  изработка на нов елаборат, десет години подоцна, во 1998година.Овој пат  добивме можност за покомплексни истражувања кои вклучуваа  и мерења на температура и влага и извештаи за состојбата на подлогата со адитивни средства. Детално образложените  резултати во Елаборатот, повторно недвосмислено упатуваа на кровот како  причинител за перманентните оштетувања на живописот. Проектот никогаш не беше реализиран освен во фазата  на чистење на живописот од наталожените соли! Перивлепта повторно  беше цел на конзерваторски реставраторски третман во 2009година со грант од Американската амбасада. Целиот проект кој се сведе на отстранување на кровниот покривач со цел  сушење  на кровната конструкција и целосна реконзервација на живописот преку повторно отстранување на солите и употреба на ретуш во недозволиви количини, беше финализиран оваа година.Но, дали е решен проблемот со Перивлепта и дали е спасено ремек делото на Михаило и Евтихиј? Не!Затоа што причинителот на оштетувањата не е отстранет. Не е отстранет затоа што вклучените експерти, не се раководеа од православниот систем на градење.

Православен систем на градење[8]

Православните храмови се градени во духот на православната догматика, преку долг, континиран пат, поврзан со историјата на Црквата. Како резултат на вековната борба и победа на православието преку едно динамично прочистување,  богословскиот извор за исповедање на верата се преточува во икона, живопис, мозаик, кои на особен начин   изразуваат или поточно  изобразуваат  догма, исповедање на вера, историско – евангелски собитија, старозаветни префигурации и праобрази.[9]

Ентериерот на храмот, а тоа значи иконостасот и живописот,  стануваат централна преокупација на градителството, бидејќи иконата претставува потврда на догмата за оваплотување на Словото. Затоа црковните Оци и градителите во овој период создаваат посебна духовна димензија на градење, “систем“ на градење храм, кој долговечно функционира и ги чува драгоцените изобразби. Ова вековно искуство, но пред се’ задачата која произлегува од почитувањето на иконата, го произведува и “системот“ за чување и одржување…

Потенцирајќи  ја задачата на градителите се истакнува предметот на чување и одржување, со етаблирање  градителски конструктивни елементи кои се приспособени на техниките за изобразување,организацијата на богослужбениот простор со сите елементи  и украсувањето.

Еднокуполните и петокуполните цркви кои се градат по 9 век се доказ за улогата на догмата во задачата на градителите.[10] Имено, куполата нема архитектонска, утилитарна, или служебна функција,освен во неа да се наслика Исус Христос Вседржител и пророците.[11] Така овој дел од храмот, но и сите други делови отвораат површини  за да се исполнат со живопис и адекватна  програма.Станува збор за  сложени внатрешни површини за кои се потребни  низа конструктивни елементи пресметани во геометриска статика како распоред на силите и тежината.На овој начин  се постигнати  извонредни  решенија кои со помош на сводови, лаци и пиластри, ја пренесуваат тежината и притисокот на куполата  дијагонално во темелите, притоа постигнувајќи огромна носивост на сводовите кои се полнат со дебел тампон земја. Зошто е потребна толкава носивост и зошто е потребна таа земја на сводовите и куполите?

Во повеќегодишните истражувања  утврдивме дека , ако ѕидот има дебелина 1м, на одредени места се поставуваат внатрешни и надворешни пиластри од по 15см кои во горните партии се затвораат со лаци. Така ѕидот добива дебелина од 130см, врз кој се ,,обесува,, свод од внатрешната страна, но дебелината на ѕидот над лаците е помасивен  во горните партии, што на прв поглед  делува нелогично. Така е и со куполата која на венецот е помасивна и натоварена со земјан тампон. Кон ова треба да се напомене дека темелите на градбата секогаш се пошироки од ѕидовите. Врза основа на теренските  истражувања на коструктивната статика на православните цркви, дојдовме до сознание дека употребата на земјаниот тампон е сосема природна и ја следи  логиката на  самата градба која гарантира стабилност,односно:

а) како  што темелите  со својата масивност се во земја така и сводните партии се во земја

б) сводовите и куполите се на височина, а височината предизвикува лабавост и нишање

в) масивноста ги укрутува сите конструктивни елементи

г) врзните греди нема да функционираат ако на краевите не се оптоварат со адекватен притисок и се затегнат ( токму затоа се нарекуваат и затезни греди)

    Конструктивниот систем и фреско живописот

За изведување на фреско живопис потребен е ѕид (носач) со дебелина над 80см, од камен или тула кој единствено може да ја задржи потребната влага која обезбедува забавена карбонизација. Оваа влага треба да се одржува на сите површини, вклучително на сводовите и калотите кои  не ја поседуваат  потребната дебелина.Токму од овие причини на сводовите и калотите се поставува дебел тампон од земја чија улога во системот е пресудна.Тампонот обезбедува дебелина на сводната маса за да се изведе живописот и  ја одржува релативната влажност потребна за продолжена карбонизација која трае со векови  штитејќи го  живописот од пресушување.Доколку живописот се пресуши, тој  го губи колоритот заради кристализација на минералните пигменти.

Системот од масивни ѕидови и земјани тампони  произведува микро клима која функционира на посебен начин:

   Влага

– Затворениот и пломбиран земјан тампон на сводовите и куполите или општо на сите кровни површини има својство на апсорпција на вишокот влага која оди по вертикала од темелите преку ѕидовите

– ја задржува влагата како еден вид на резервоар до границата на апсорпција

– во сушните периоди ја испушта влагата, односно ја балансира влажноста помеѓу темелите и сводовите

Температура

Во однос на температурата, тампонот од земја ги амортизира ударите од амплитудите  со самата дебелина како изолатор, како и со влажноста која ги намалува осцилациите на високи и ниски температури.

 Статика

Третата улога на тампонот од земја се однесува на статиката на градбата. Имено, познато е дека вертикалниот притисок ги неутрализира хоризонталните сили кои имаат перманентна тензија од своднИте и куполните. Тој притисок делува на врзните и појасните греди и ги става во функција на хоризонтално затегање, кое пак ги држи вертикалните ѕидови.

Процес на карбонизација на фреско живописот

Четвртата исто така многу  значајна функција која  до сега не е забележана е улогата на земјаниот тампон во процесот на карбонизација. Познато е дека  доколку калциумхидрооксидот  брзо  испари, станува  изгорена вар, а доколку испарувањето е забавено  и  се врши размена на ОH сo CO2,  тогаш се добива стена.

Какво е значењето на забавеното и брзо испарување во процесот на карбонизација и неговото дејство на фреско живописот? Искуството потврдува дека карбонизацијата се движи  секогаш во нагорна линија со векови и дури неограничено, во услови кои се променливи, зависно од влагата, температурата  и физичките сили. Во услови на благопријатна микро клима која ја обезбедува тампонот на земја, добиваме беспрекорна карбонизација на ѕидовите во продолжителен период, односно неограничено, бидејќи се ставени во таа функција физичките сили кои треба да го помогнат хемискиот процес.  Во овој контекст, контролираната динамика на размена во процесот е услов за добра карбонизација. Тоа го “работи“ земјата невидливо, низ микро процеси кои се во непрестано движење, прецизно регулирани и што е најважно никогаш не престануваат, затоа што земјата е “жива“, таа пулсира  во релација со почвата.

Земјаниот тампон и појавата на  соли на живописот

Познато е дека целиот градежен материјал е извор на соли, кои во одредени услови може да се појават на живописот.Тоа се случува  кога ќе се поремети системот и ќе дојде до промена на   динамиката на физичките сили произведени од влага и температура. Токму во вакви случаи  земјаниот тампон  се  покажува  како регулатор на физичките сили кои ги движат солите низ микропроцеси во ѕидните маси во вертикална насока и не дозволуваат да избијат на површината на живописот. Таа улога е забележлива и при капиларна влага чија сила се движи од темелот до 180см во височина,  кога  нема земјан  тампон. На оваа  граница концентрирано  избиваат соли кои го разрушуваат живописот.Кога  функционира тампонот, капиларната влага се распоредува и се транспортира низ апсорпција без да направи штета на живописот. Всушност во системот не е можно да се појави капиларна влага, бидејќи е отворен патот за влагата.Во заштитата на живописот не треба императивно  да се пристапува  кон отстранување на  влагата бидејќи  токму таа е неопходна за неговиот опстанок –  за продолжена карбонизација, за цветот на живописот и општо за материјалите употребени во градбата.

Токму овој привиден парадокс ги доведува во заблуда архитектите кои работат во  службите за заштита бидејќи обидувајќи се да ја отстранат штетната влага воведуваат сопствени непроверени ,,системи,, со кои  ја отстрануваат  и полезната влага.На тој начин го отвараат патот за транзиторна влага и суша која излегува од контрола и предизвикува дополнителна штета.Од професионален аспект целосно се рушат принципите на конзервација кои претпоставуваат респектирање на сите содржини на предметот и нивно зачувување во изворна состојба.

Општата работа на системот е регулација на микро-климатските физички сили кои имаат патека на движење зависно од условите, годишните времиња, почвата, климата, како транзиторни, така и трајни. Таа работа се состои главно од : распоредување на влагата; ублажување на сушата; пренасочување на физичките сили кои создаваат притисок, кондензација, згуснат воздух, мемлија, а со тоа и микроорганизми кои се хранат од калциум; оневозможува  задржување на влагата во внатрешноста на ѕидовите која ги раствора солите; обезбедува релативна влажност околу 50% неопходна за опстанок на живописот; со влагата и движењата обезбедува перманентна карбонизација и перманентна динамика на влажниот воздух, дишење и проветрување.

Кога воздухот во храмот без  земјан тампон изнесува 30% рел. влажност, а во ѕидовите има 60% или 90%, тогаш постојат  услови  за појава на  соли. Сосема е различна ситуацијата кога постои  земјан тампон,  заради физичката сила и својствата на земјата која ја изедначува влажноста на ѕидовите и влажноста на воздухот.Во такви услови воздухот нема сила да извлекува соли, да ги таложи на површината на живописот, а потоа да ги карбонизира. Таа сила се движи во две насоки: или одзема влага, или додава. Во случајот со сув воздух, таа му додава влажност, а во случајот со влажен ѕид таа му одзема влажност. Постои уште една многу значајна компоненета а тоа е силата на динамиката по вертикала која, дури и во услови на  разлика во влагата помеѓу ѕидот и воздухот, не дозволува избивање на соли, бидејќи силата на апсорпција и извлекување на влагата во земјаниот тампон е секогаш поголема од силата на разликата помеѓу ѕидот и воздухот.

Заклучок

Системот на источниот храм се состои во поставување на градбата помеѓу долна и горна  земја и  нивна перманентна циркулација. Таа коресподенција со долната земја преку врската со темелите и ѕидовит е на тој начин , што земната влага или ја користи за распоредување кога нема влага или ја транспортира во воздухот кога има непотребна влага. Овој систем е единствен и нема аналогија со други градежни системи и  кореспондира само со источниот фреско-живопис и е негова интегрална целина[12].

[1]  Curcic, S.,Architecture in the  Balkans, 2010,Yale University Press; Curcic,S.

Hadhitryphanos,Kathleen,E.E.McVey,Saradi,H., Architecture as Icon, 2010,Yale University

Press;Krautheimer,R.Early Chrisтian and Byzantine Architecture, 1992,Yale University Press

Корач,В.,Шупут, М.Архитектура Византијског света,1998, Београд;Mango,C. 1985,

Byzantine  Architecture,London

[2] .Mathews,F.T.1976,The Byzantine churches of Istanbul, Pennsylvania State University Press

[3].Osterhout.G.R.,Master builders of Byzantium1996,Princeton University Press

[4] Osterhout,G.R.,Master builders of Byzantium, 1996,Princeton University Press –и покрај сериозните напори на авторот за расветлување на уште еден многу значаен сегмент на византиската архитектура, со драгоцени информации кои се полезни за заштитата на овој вид наследство недостасува едно многу битно поглавие кое е достапно  само на конзерваторите.

[5] Од 1978 година до 2006година  бев вработена  во Републички завод за заштита на споменици на културата,поминувајќи ги сите степени на звања – почнувајќи од конзерватор до Советник конзерватор.

[6] Работејќи на  косата површина под куполата на северозападниот дел од црквата Св.Ѓорги во Старо Нагоричане, под подлогата на новопоставениот лим, наидов на сочуван оригинален покрив со глазирани ќерамиди поставени во влажен малтер.Станува збор за исклучителен наод ,кој требаше да овозможи  in situ  проучување на стариот византиски  начин на покривање како извонреден придонес во оваа област. За жал, овој откриен покрив не само што не го заинтересира раководителот на проектот, туку  беше оневозможено истиот да се документира.Во фазата на поставување нов, иновативен  покрив со адидитвни  водонепропусни материјали, целосно е отстранет ,,шутот,, и уништен  автентичниот покрив. По некоја керамида  се уште може да се сретне  во некоја од канцелариите на   Националниот конзерваторски центар воСкопје,а црквата кон крајот на деведесетите  години е покриена со олово: Извештај  за извршените конзерваторско реставраторски работи на споменикот на културата цр.,,Св.Ѓорги,,- Ст.Нагоричане, број 07-598/2 од 17.06.1998 (архива  на Републички завод за заштита на  спомениците на културата); На сочуваната ктиторска композиција во првата зона на  северниот ѕид црквата е прикажана со покрив од  керамиди .За ктиторската композиција види кај:Тодић, Б.Старо Нагоричино,1993, Просвета,Српска академија наука и уметности, Београд;

[7] Живописот во оваа црква за прв пат блесна со сиот свој сјај и ја воодушеви стручната и пошироката јавност по чистењето  од наталожената  патина од чад и други нечистотии во 1950 година:Блажић,З 1951,Чишћење и конзервација фресака у цркви Св.Климента у Охриду,Зборник заштите споменика културе(савезни институт за  за заштиту споменика културе),Београд,(стр.60-67)

[8] Ова поглавие е напишано во соработка со Васил Трајковски, зограф во традиционална техника и конзерватор.

[9] Острогорски,Г.1970,О веровањима и схватањима византинаца,ц.д.стр.182-203;

[10]Osterhout,R.Master builders of Byzantium,1996,o.c.7-39;

[11] Osterhout,R.master builders of Byzantium,1996,o.c.7-10;

[12] Позната е само одредена примена во традиционалната стамбената архитектура на Исток, кога се поставува земја во меѓукатните конструкци и под крововите за подобрување на климата:Lewcock, R.1980,Three Problembs of Conservations:Egypt,Oman and emen in Conservation and Cultural Survival(Book of conference proceeding,Renata Hold ed.),66-77;

 

Фотографии:

1

        Сл.1Св.Богородица Перивлепта,изглед од запад ,(фото:Јасмина Зисовска,мај 2012)

2

          Сл.2.Св.Богородица Перивлепта – оштетувања на живописот во поткуполниот простор

(фото: Васил Трајковски,ЦКН,2012)

3

 Сл.3 Сл.3.Поставување на привремен заштитен покрив на отворените  кровни   површини според проектот на Алкидиадис Препис (фото: Васил  Трајковски, ЦКН, 2012)

4

Сл.4.Исто, детаљ (фото:Васил Трајковски,ЦКН2012,)

5

Сл.5.Детаљ од  авторскиот покрив  на проф. Борис Чипан  од 1986г.(фото ЦКН,Васил Трајковски,2012)

Ф.К

Share This:

Коментарите се затворени.