Ревитализација на ПТТ шалтер сала во мултифункционален креативен центар / Петровски и Овезовски

Предмет:     Ревитализација на градителското наследство

Автори:        Димитар Петровски и Борјан Овезовски

Педагошки тим:    доц. д-р Ана Ивановска Дескова / проф. д-р Елизабета Касапова / доц. д-р Јован Ивановски / м-р Емилија Апостолова Чаловска

Проект:         Ревитализација на ПТТ шалтер сала во мултифункционален креативен центар

Локација:     ПТТ комплекс, Скопје

Година:        2017

 

 

 

Денешна состојба

 

 

 

ПТТ шалтер салата на архитектот Јанко Константинов претствува еден од најзначајните објекти кој е изведен во постземјотресно Скопје, како и за македонската архитектура воопшто.

 

 

 

Ентериер на шалтер салата

 

 

 

За тоа сведочат и големиот број на негови признанија и публикации во локалните и светски медиуми. За жал ова архитектонско ремек дело во 2013 година ќе биде зафатено од пожар во кој покрај самиот објект, ќе бидат уништени и ентериерните мурали на академскиот сликар Борко Лазески, кој претставуваа врвно уметничко дело на ѕидното сликарство во Р. Македонија.

 

 

 

 

 

 

Четири години подоцна објектот и понатаму е „заборавен“ и оставен во истата состојба од заминувањето на противпожарните служби. Како да се ревитализира оваа модернистичка скулптура, така што ќе одговори на денешните програмски барања и новонастанатиот контекст на кејот на реката Вардар беше појдовното прашање во разработката на проектот.

 

 

 

Изглед север

 

 

 

Новото решение претставува ревитализација на ПТТ шалтер салата во мултифункционален креативен центар кој би вдомил простори за работа и изложување на голем број креативни творци (уметници, скулптори, музичари, архитекти итн.). Одржливоста на овој објект е предвидена преку членарина која што корисниците на просторот би ја плаќале, со што покрај работниот простор, за нив ќе бидат обезбедени сите потребни реквизити за работа.

 

 

 

Изглед исток

 

 

 

Новото партерно решение на комплексот предвидува создавање на плато пред самиот влез на објектот и ориентирање на пристапот према реката Вардар, наспроти постојниот кој е ориентиран кон катната гаража „Солунски конгрес“.

 

 

 

 

 

 

Новиот пристап во објектот претставува хибридно решение на скали низ кои се протега рампа која ќе овозможи пристап на хендикепирани лица во објектот. Во непосредна близина на објектот, постојниот скулптурален ѕид е искористен како површина за изложување на креативните творби, додека дефинираната кружна површина во внатрешноста создава простор погоден за одржување на работилници за уметност и скулптура на отворено.

 

 

 

 

 

 

Во подрумот на објектот се сместени сервисните простории, паркинг за вработените, остава, како и продавница во која би се продавале потребните реквизити за работа на членовите на центарот.

 

 

 

 

 

 

Приземјето на објектот е поделено во три зони и тоа средишна кружна сала и два прстени, еден помал кој ја обиколува салата и еден поголем по периметарот на објектот, меѓусебе одвоени со средишен коридор. Средишната сала е модуларно поделена и не содржи фиксна опрема со цел во неа да се создаваат различни конфигурации во зависност од потребата, како на пример простор за изложба, предавање, глума, модна ревија, балет и сл.

 

 

 

 

 

 

На местото на поранешните мурали на Борко Лазески се поставени екрани на кои во зависност од случувањето ќе бидат прикажувани различни мултимедијални ефекти. Кога во салата нема да се одвиваат перформанси, на екраните ќе бидат проектирани муралите како сеќавање на уметничките ремек дела.

 

 

 

 

 

 

Во внатрешниот прстен на приземјето се сместени сервисни простории и остави за работилниците, додека во поширокиот прстен се сместени работните простории, студио за балет и административни простории.

 

 

 

 

 

 

 

Во цилиндричниот волумен каде што своевремено биле поставени телефонските говорници е предвидено музичко студио со гледалиште во приземјето и галерија на катот. Како јавен простор достапен за посетителите е предвиден и кафе бар, а во негова непосредна близина е сместено и мини кино/театар со капацитет од 70 гледачи кое се протега низ две спратни висини.

 

 

 

 

 

 

Содржините на катот на објектот во главно се распоредени во потесниот прстен, додека поширокиот прстен е оставен празен и претставува двовисински простор. Покрај работните простории на одредени точки се предвидени и места за одмор и социјализација на членовите на креативниот центар.

 

 

 

Пресек 1-1

 

 

 

Со ревитализација и адаптација на ПТТ шалтер салата во мултифункционален креативен центар се обновува и духот на местото кое е врежано во историјата на градот. Новата намена ќе привлече голем број на креативни творци кои биле оневозможени да ги изразат своите идеи поради немање на соодветен простор и услови за работа.

 

 

 

Пресек 2-2

 

 

 

Центарот ќе овозможи и промовирање на голем број на таленти преку организирање на изложби, промоции и работилници. Од друга страна пак, ревитализацијата на ПТТ шалтер салата ќе претставува позитивен пример за односот на општеството и пред се архитектите према градителското наследство од модерната архитектура.

 

 

 

Пресек 3-3