Leave a comment...

Репроектирање на потегот скопска тврдина–француски гробишта/ Цоневски

Архитектонски Факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Магистерски Труд

Автор : Марко Цоневски

Тема : Архитеконско репроектирање на потегот тврдина кале – француски гробишта во Скопје – Интеграција преку архитектонски интерполации

Ментор : Јован Ивановски

Година : 2016

Динамиката на целокупноста на времето во кое опстојува архитектурата во Скопје е доказ дека нејзината постепена трансформација има потреба за континуирано осознавање на нејзините процеси. Препознавањето на нејзините слоеви кои се настанати како резултат на одредени просторно-временски (историски) пунктови оформуваат богато структурирана основа.

Архитектурата како медиум на историското движење во својата комплексна оствареност често создава внатрешни противречности, и како резултат на тоа, денес постојат урбани извадоци кои тешко комуницираат со градот, а остваруваат физички врски со центарот. Тие во своето постоење не се избориле за својата препознатлива просторно-временска рамка и ја изгубиле првобитната намена, а нивната архитектура е врската која треба да се открие за да се осознае историјата на градот. Само со правилно искористување на нивниот потенцијал и вистински стратегии на нивното менување може да се потврди идентитетот на мултикултурното архитектонско писмо.

Преку истражувањето на овој труд, ќе се обидеме да ги идентификуваме проблемите на еден дел од градот кој подлегнал под последиците на таа фрагментација која допринела до неговата изолираност и напуштеност. Главната цел и предмет на истражувањето ќе биде оживување и обид за негово поврзување со останатите фрагменти на градот. Фрагментот врз кој ќе биде насочен интересот на истражувањето е од огромно историско значење за градот. Тврдината Кале која представува белег не само за познатата силуета на градот Скопје туку и за неговата култура и историја.

 

Провлекувајќи се низ многубројните историски слоеви кои со тек на годините ја создале топографската како и архитектонската форма на овие простори, проучувајќи го начинот на нивната функција би можеле да го рефрагментираме и репроектираме овој простор со цел да создадеме една врска помеѓу навидум одцепените градски фрагменти во една густа градска структура.

Иницијалниот потег на интервенции е фокусиран на просторот од калето кој се протега помеѓу двата бедеми од средовековната тврдината и продожува по западниот срт на ридот. Главната идеја на проектот е надминување на природните топографски бариери за да се поврзат не само повеќе фрагмени од градското ткиво туку и физички и временски слоеви кои биле наметнати на градот со текот на времето. Притоа да се запази добро познатата силуета на ридот и тврдината која представува физички и културен белег на градот Скопје (сл. 23). Паралелно на тоа да се оживее просторо кој порано бил исполнет со активности а денес е заборавен и некористен поради неговата топографска и фрагментна изолација.

Квалитетите кои ги нуди овој “меѓуслој” кој представува природен појас помеѓу две субкултури гледајќи го од аспект на времето се:

– доминантата позиција врз градот што овозможува прекрасни визури на градскиот пејзаж

– високиот степен на зелени зони

– нискиот степен на колското движење што ја прави локацијата тивка и прјатна

– блискоста на локацијата до поголем број на културни зони кои и даваат на локацијата потенцијало за повторно да биде оживеана

– поради нејзините топографски и доминантни карактеристики локацијата има природно осветлување во текот на целиот ден.

Главниот проект се состои од 3 дела или таканаречени акупунктурни зони кои соодветно имаат архитектонски и урбанистички карактер. Првиот дел на проектот се наоѓа помеѓу двата средновековни бедеми на тврдината кои креираат една природна рамна патека, која го надгледува градот, па така таа акупунктурна зона или урбанистички зафат ќе го наречеме “Парк Патека”. Втората зона се фокусира кон задоволување на проблемот со паркинг местата во овој предел на градот и представува врска помеѓу “Паркот Патека” и третата зона од проектот.

Имено втората акупунктурна зона има карактеристики на лебдечки плоштад кој под него има паркинг простор. Третиот и најкомплексниот дел од проектот е со архитектонски карактеристики и представува комплекс на привремено домување од повеќе малечки станбени единици во кои се вклопени и атељеа за уметници. Сите три зони од проектот се меѓусебно поврзани со пешачки патеки и скали кои креираат една кохерентна целина која гледајќи ја во поголем размер спојува и други делови од градот кои се од уметничко – културен интерес. Па така проектот ги вклучува и веќе постоечките музеи, театри и уметнички живеалишта кои се наоѓаат во непосредна близина на локацијата, креирајќи една виртуелна прошетка на културно – уметничка авантура.

Зона 1 – “ Парк Патека”

Паркот патека е природно дефиниран простор помеѓу двата бедеми од средновековната тврдина кои представуваат и негови граници. Тој се протега од јужната страна на тврдината кон север паралелно на реката вардар. Еден од бедемите на калето, поточно тој во внатрешниот дел е повисок од бедемот кој се наоѓа од надворешната страна на ридот, па затоа представува физичка заштита и позадина на паркот. Поради тоа што другиот бедем е понизок паркот е визуелно отворен кон градскиот пејзаж на западната страна од градот.

Програма и хортикултурно уредување на паркот патека

Самата патека која природно е креирана од границите на двата бедеми дополнително е ограничена со два различни слоја на материјал. Од страната на повисокиот бедем кој представува и “грб” на паркот, додаден е насип од бели ситни камења коиј во висина достига до 80cm. Насипот го следи периметарот на бедемот и е ограничен од другата страна со плочи од кородиран челик кој чисто се двои од материјалноста на бедемот создавајќи еден визуелен контраст.

Од страната на понискиот бедем пак, зачуван е слојот од постоечкото ниско зеленило и притоа е дополнително уредено и додадени се разновидни растенија и ниски дрвца кои дополнително го разубавуваат погледот и атмосферската енергија на паркот. Овие два слоја на различни материјали ја дефинираат пешачката патека на паркот која пак е поплочена со плочи од травертин. Травертинот е материјал кој се среќава на повеќе локации непосредно до локацијата но исто така представува контраст на другите материјали. Паркот дополнително е збогатен со бетонски клупи и ниско осветлувње за да се постигне една спокојна и релаксирачка атмосфера.

Покрај хортикултурното уредување на паркот и додадените инфраструктурни елементи, паркот е збогатен и со јавни објекти кои ги задоволуваат потребите на секојдневните корисници. Објектите се исклучиво едноставни и не го нарушуваат познатиот изглед на тврдината. Поставени се во природно дефинирани “џебови” кои се вметнати во структурната форма на периметарот од повисокиот бедем. Со ова се ослободува и не се попречува протокот на парковската пешачка патека.(сл. 26) Трите објекти кои се наоѓаат во паркот се: кафетерија, јавен тоалет  и книжарница. Тие имаат едноставна квадратна форма и се само приземни. Издвоени се од бедемот со дилатација од 1м и го следат неговиот периметар. Изведени се од префабрикувани армирано бетонски елементи и стаклени површини кои се најзастапени на нивните западни фасади при што овозможуваат слободни визури кон градскиот пејзаж. Паркот дополнително може да биде користен како изложбен простор за локалните уметници или пак уметници кости од други држави. Со ова дополнително се збогатува неговата функција со цел да се оживее тој заборавен простор. Функционално се протега до самиот почеток на тврдината и се спојува со постоечките пешачки патеки кои водат до Музејот на Современа Уметност преку втората зона на овој проект.

Зона 2 – “Лебдечки Плоштад”

Лебдечкиот плоштад го добива својот назив поради неговата необична и иновативна карактеристика. Под плоштадот се наоѓа подземен паркин за 37 возила во кој се пристапува преку постоечката пешачко-колска патека од источната страна на локацијата. Во првобитната состојба на локацијата паркингот постои и се наоѓа на отворениот простор, па затаоа идејата е да се задржи и дополнително зголеми, притоа да не е видлив ида не го нарушува парковскиот пејзаж и пешачкото движење низ просторот. Конструктивната бетонска плоча која представува кров на паркингот и ги дефинира границите на плоштадот е перфорирана за да се овозможи природна вентилација и светлина да продира во паркингот. Плоштадот и паркингот се поврзани со лифт и скалишно јадро.

Самиот плоштад е каскадно спуштен кон работ на ридот со што се дефинира границата на “Паркот Патека” која минува низ него и ги спојува Музејот на Современа Уметност и третата зона на проектот, комплексот на станбените единици за домување. Каскадното спуштање на плоштадот исто така овозможува и простор за релаксација и домор како и прекрасни визури кон градскиот пејзаж.

 

Зона 3 –  Станбен комплекс / привремени живеалишта за уметници

Третата и најкомплексна зона за интервенирање е лоцирана на самиот западен срт помеѓу врвот и подножјето на ридот каде поминува улицата “Лазар Личеноски”. Комплексноста на оваа зона се содржи во начинот на кој објектите се каскадно вовлекувани во глинестиот терен за да оформат една кохерентна целина и природна патека која би ги водела корисниците од дното на ридот директно до врвот на ридот до локацијата која ги спојува “MСУ” со плоштадот.

СО ваков потег се прави директна, физичка врска помеѓу градското ткиво во подножјето на калето, калето и населбата која се наоѓа на источниот дел на калето. Непосредно до комплексот исто така се направени помали интервнеции кои вклучуваат простор за паркинг од 17 паркинг места и пробиена патека низ административните објекти која околу себе содржи испреплетени парковски површини и представува директна врска помеѓу станбениот комплекс и реката Вардар.

 

Морфолошко и програмско согледување на станбениот комплекс

При процесот на истражување и снимањето на живеалиштата на уметниците Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, кои се наоѓаат во непосредна близина на локацијата заклучивме дека уметниците најчесто својот работен простор преферираат да им биде во склоп ма местото на живеење. Па така и во двете куќи постојат двовосински простори (Ателјеа) со големи пропорции и широк простор. Покрај просториите неопходни за секојдневниот живот.

Тој заклучок е мошне битен и интегрален дел при изработка на проектот за оваа зона. За да се задржи интегритетот и познатата силуета на локацијата, објектите не смеат да бидат преголеми ниту комплексот да се претвори во мегаломански, сепак треба чисто да се двојат од природата и гордо да го покажуваат своето присуство. Имајки во предвид дека во историјата на овој простор нашите предци веќе имале населби кои каскадно ги вкопувале во теренот, тоа докажува дека ваквата идеја е возможна.

Следејќи ја морфологијата на Музејот на Современа Уметност кој е во непосредна близина и интегрален дел од овој проект заклучивме дека објектите ќе имаат геометриска форма со едноставен карактер. Почнувајќи од модуларниот модел на објектите ги делиме на 2 дела.

Едниот дел на една ваква станбена единица  би служел за задоволување на секојдневните потреби на корисникот а другиот дел бибил простор за работа или негово ателје. Па така креираме една кубусна форма со модул од 3 метри во длабочина и 6 метри во должина кој се дели на дополнителни 3 дела по 2 метри каде се сместени кујната/трепезаријата, спалната/дневната и бањата/тоалетот соодветно.

Вториот дел се состои од единечен модул од 6 метри во длабочина и 6 метри во должина со двовисински простор кој го представува работниот простор или ателјето. Ваквите станбени единици сведувајќи ги на нивниот едноставен волумен, можеме да забележиме дека тие можат да се комбинираат едни со други за да креираат една кохерентна целина каде нивните задни делови (масивни ѕидови) би представувале потпори за заштита од ерозија на земјиштето а нивните предни и странични делови би се отвориле кон градскиот пејзаж и би овозможиле блез и прозорски отвори за светлина и природна вентилација на просторот.

Со ваквите морфолошки карактеристики се овозможува дел од објектот да биде вкопан во теренот а дел да биде изваден надвор, како карпа вкопана во природата. Тоа што е интересно за ваквата морфологија на комплексот е што крововите на одредени објекти стануваат дел од пешачката патека која го спојува ридот од калето со неговото подножје.

Исто така крововите кои се исфрлени од теренот можат да прераснат и во простор за привремени изложби кои дополнително би го оживеале просторот. За да се овозможи дифузна светлина во ателјето на уметникот волуменот на тој дел од станбената единица е двовисински и има отвори само на неговата горна висина.

ЗАКЛУЧОК

Динамиката на целокупноста на времето во кое опстојува архитектурата во Скопје е доказ дека нејзината постепена трансформација има потреба за континуирано осознавање на нејзините процеси. Препознавањето на нејзините слоеви кои се настанати како резултат на одредени просторно-временски (историски) пунктови оформуваат богато структурирана основа.

Архитектурата како медиум на историското движење во својата комплексна оствареност често создава внатрешни противречности, и како резултат на тоа, денес постојат урбани извадоци кои тешко комуницираат со градот, а остваруваат физички врски со центарот.

Тие во своето постоење не се избориле за својата препознатлива просторно-временска рамка и ја изгубиле првобитната намена, а нивната архитектура е врската која треба да се открие за да се осознае историјата на градот. Само со правилно искористување на нивниот потенцијал и вистински стратегии на нивното менување може да се потврди идентитетот на мултикултурното архитектонско писмо.

Преку една длабока истрага за урбаната акупунктура и уметноста во јавниот простор, ги превземаме стратегиите од овие две теми за да создадеме еден плански предлог за оживување на еден ваков заборавен и изолиран фрагмент од градот. Преку интерполација и репоректирање на стратешко избрани зони создаваме една кохерентна целина со цел да му создадеме на овој простор можност во иднина да прерасне во спојувачки елемент на повеќе фрагментирани зони на градот.

Ф.К

Share This:

Коментарите се затворени.