Leave a comment...

Црква Св.Богородица (Св. Спас) – Кучевиште, Скопска Црна Гора / XIV век

Година :  1330/1337

Ктитор: Радослав и Владислава

Локација: с. Кучевиште, Скопска Црна Гора

Фрескоживопис: Григорие и други

Извор: Википедија; www.cdnh.edu.mk; предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова;

___________________________________________________________________________________________

Црквата се наоѓа во селото Кучевиште и датира од Доцновизантискиот период. Архитектурата и живописот се изведуваат на неколку пати низ вековите, што и води до тешката дистинкција помеѓу нивните фазите на развивање. Црквата го носи и името Св. Спас поради селската слава на Спасовден, која се одбележува со векови наназад. Денес објектот продолжува да функционира како црковен храм и е заштитен како културно наследство на Македонија.

село Кучевиште | Извор: wikimapia.org

Во почетокот на XIV век северните територии на Македонија припаѓаат под Српското Кралство и се раководени од жупани и кметови кои честопати се новодојденци од останатите делови на земјата. Сите тие на својта територија градат палати или ѕидини, од кои немаме многу траги, но, и нов сакрален храм кој најчесто е и нивната гробна црква. Ова е причината поради која имаме изобилие на цркви од овој период, распоространети низ северите делови на државата како падините на Скопска Црна Гора. Храмовите, иако се претставници на целосно нов режим, не ги следат романичките карактеристики на останатите српски цркви, туку повторно содржат византиски елементи кои се тогашниот тренд на градење во регионот.

Ваков пример е и црквата Св. Богородица која е изведена при крајот на владеењето на кралот Стефан Дечански, под ктиторство на жупанот Радослав и Владислава. Првичниот објект се состел од главниот наос и бил изграден околу 1330 год, додека нартексот е изведен подоцна, но пред 1337 год.

Основата на објекот е во форма на впишан крст, кој во централниот дел содржи купола потпрена на 4 столба, додека остатокот е покриен со сводови. На западниот дел е подоцна изграден нартексот кој е специфичен поради својата двокатност. Неговиот втор спрат се претвара во капела – Св. Никола, која за време на турското владење служела за тајни литургии. До катот се стигало преку скриени внатрешни скали, кои повеќе не постојат, а наместо нив се изведени надворешните скали кои се користат и денес.

Основа и пресек | Извор: предавања по историја на архитектурата и уметноста во Македонија – АФС

На јужата страна од габаритот на црквата подоцна се додава и трем, кој бил од фукционален карактер за одржување на различни собири, а одреден период го сместувал и селското училиште. Јужниот влез се состои од дрвени врати изработени со инкрустација на коска. Нажалост останата е само една од оригиналните врати на која и е потребна реконструкција. Истиот начин на декорација со коска е користен и за дрвените певници во внатрешноста.

На источната фасада е присутна повеќестраната апсида која е карактеристика на доцновизантиските цркви од овој регион. Таа има пет страни и е богато декорирана со ниши и колонети (второстепена пластика) и керамопластика. Оваа декорација продолжува и во погорните делови на црквата, во полињата на лаците и куполата. За разлика од останатите фасади, јужната и западната се декорирани со фрескоживопис.

Оригиналниот живопис кој се наоѓа во наосот датира од периодот на изградбата на црквата и содржи низа композици, како и приказ на самите ктитори. На нив го среќаваме и потписот на мајсторот Глигорие. Високиот квалитет на изведбата на фреските укажува на можната соработка на зографот со тајфата на Михајло и Ефтихиј. Тој исто така ги исполнува ѕидовите со голем број на композиции и ликови, но сепак не ја достигнува префинетоста и колоритноста на познатите мајстори.

Живопис во насот | Извор: Центар за дигитализација на национално наследство

Следната фаза на живописување на оваа црква е од 1501 година, кога во наосот и нартексот се изведува втор слој на фрески, додека јужната и западната фасада ги добиваат големите композиции кои ги среќаваме и денес. Имињата на мајсторите се непознати, но нивите изведби се својствени на карактеристиките на живописот од османлискиот период, и се значително послаби од нивните византиски предходници.

Живопис на јужна фасада

Живопис на западна фасада – композиција „Страшниот суд“

Сите овие фрески се покриени во 1874 со нов живопис со многу низок квалитет. Со неговото симнување во 1956  повторно се откриваат остварувањата на зографите од XIV век, кои се видливи и денес. Во случајот на нартекстот оригиналните фреските се значително оштетени поради пожар од 80-те, и се во потреба на реконструкција.

На иконостасот во главниот наос ја среќаваме и иконата на Арханѓел Михаил, изработена во 1845 како едно од најраните дела на Дичо зографот од Тресонче.

Натпис над влезот на црквата Св. Никола | Извор: Убавините на Скопска Црна Гора

Црковниот двор содржи и низа функционални објекти: кујна, трпезарија, помошни простории, како и последниот додаток – модерната камбанарија изведена пред десет години.

Историскит локалитет на св. Богородица сега претставува колаж од низата архитектонски интрвенции кои се изведувале до сега. Сите тие ги носат трендовите на градење од своето време и на некој начин ги затскриваат вредностите на оригиналниот доцновизаниски храм. Но токму надоградувањето на овој објект е тоа што му овозможило активно да живее и опстане пет века. Денес хетерогениот изглед е доволен да ни ја раскаже долгата приказна за развивањето на оваа црква како сакрален центар на селото Кучевиште.

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис

 

Share This:

Коментарите се затворени.