ВИЗИЈА ЗА УРБАНИСТИЧКИ РАЗВОЈ НА КУМАНОВО – КРЕАТИВЕН ГРАД ЗА КРЕАТИВНАТА КЛАСА

УРБАНИСТИЧКО ОБЛИКУВАЊЕ 2

Автори: Саше Нешиќ, Анета Мартулкова, Матеј Тодоровски, Ноеми Чаусидис, Дора Тодорчевска, Блаже  Михајлов, Матеја Николиќ, Ана Грковска, Пенелопа Стаматовска, Теодора Михајловска.

Педагошки тим: проф. д-р Дивна Пенчиќ, Стефан Лазаревски, Дана Јовановска.

Проектна задача: Визија за урбанистички развој на Куманово

Локација: Куманово

Година: 2017

Со засилувањето на компетитивноста на пазарите се јавува голема потреба од креативни солуции кои на бизнисите би им дале предност во однос на конкуренцијата. Професионалците кои ги развиваат овие иновации припаѓаат на креативната класа и ја создаваат креативната економија која станува еден доминатен двигател на урбаниот развиток на градовите.

Креативнат класа е термин дефиниран од американскиот економист и социолог Ричард Флорида, и подразбира општествена група на млади едуцирани индивидуалци кои наоѓаат нови начини на решавање на проблемите. Тука спаѓаат уметниците, изведувачите и архитектите, но и научниците, претприемачите, информатичарите, професорите и студентите.

Креативни индивидуалци -> креативни решенија -> квалитетни и уникатни продукти на пазарот -> капитал

Оваа класа освен што генерира креативен капитал, дополнително, поради својата силна активираност во социјалната структура на градот, допринесува кон негово културно развивање. Исто така предизвикува парарелно развивање на останати услужни дејности кои и се потребни за функционирање, пр. амбуланти, угостителски и комерцијални бизниси, сервиси итн.

Во Македонија оваа класа е концентрирана во главниот град а ова дополнително допринесува за негово натрупување. Но, разгледувајќи ги карактеристиките на Куманово забележуваме низа предности кои го прават поволен за развивање во нов креативен центар.

  • Најпрво брзата и веќе развиената врска меѓу Куманово и Скопје им овозможува делење на функциите на работа и домување, како и лесно децентрализирање на одредени програми (пр. уметничките академии);
  • Мултиетничкиот карактер на Куманово е важен за развивање на креативната класа бидејќи ја отстранува екслузивноста и го прави достапен за индивидуалци од сите позадини;
  • Со заситеноста на пазарот во Скопје од големи бизниси и монополи, ниската конкуренција во Куманово овозможува слободен простор во кој може креативната класа да ги развива своите иновации. Пониските животни трошоци во градот го прават дополнително погоден за оваа младите од оваа класа;
  • Доброто поврзување со останатите градови од регионот како Врање, Крива Паланка, Свети Николе и Кратово, ја развива неговата функција на регионален центар, носејќи уште повеќе луѓе во градот;

Еден од главните двигатели на креативната класа е разновидноста на програми кои би ги задоволиле различните интереси на овие индивидуалци. Па затоа во Куманово е потребно развивање на одредени креативни жаришта како уметнички академии, работни  хабови,  мултимедијални центри,  сместувачки капацитети, транспортен хаб и инфо точки, сите поврзани преку интерактивни  јавни  и  комерцијални  зони.Најпрвин започнуваме со мапирање на овие креативни жаришта. Ги сместуваме во веќе постоечки објекти чии вредности стојат неискористени, а со тоа допринесуваме кон ревитализација и компресирање на постоечкиот центар, наместо развивање на нов. Вакви објекти се Домот на занаетчии, Касапскиот Дом, Домот на културата, Поштата, Соколана, фабриката Житомел и хотелот Кристал.

Преку преклопување на програмите се остварува потреба за движење меѓу овие точки. Развивањето на мрежата на Куманово преку велосипедски и пешачки патеки, како и линии на јавен превоз, го раздвижува и заживува центарот на градот. Овие зони на движење дополнително се активираат со комерцијални и јавни простори пивлекувајќи ги жителите уште повеќе кон новите јадра.

1. ОД ВЕЛО РИНГ КОН КРЕАТИВЕН ПЛОШТАД

Размената на идеи меѓу различните групи во креативната класа се смета за еден од нејзините најголеми двигатели. Преку преклопувањето на програмите уметниците, научниците и претприемачите се спојуваат во истите точки што овозможува продуктивна комуникација. За нејзино остварување е потребно развивање на простори во кои би ги сместиле овие заеднички програми и нивно поврзување.

Преку пренасочување и намалување на колските улици во самиот центар, како и поставување на нови паркиралишта по неговите граници, се дава простор за развивање на новопланираната мрежа од велосипедски и пешачки патеки која овозможува брзо движење меѓу жариштата. Дополително предвидуваме и нова мерки за транспорт – брза автобуска линија, и дополнување на велосипедските патеки со систем на јавни велосипеди за изнајмување.

Сите овие точки ги разгледуваме во деталното репланирање на просторот околу Културниот Центар „Трајко Прокопиев“. Тука главниот приоритет е поврзување на плоштадот „Маршал Тито“ со плоштадот „Нова Југославија“ и развивање на пешачките и вело-патеките кои водат до него. Исто така преку партерно уредување на плоштадот пред домот на културата се овозможува интерактивен јавен простор погоден за развивање на програми на отворено, зајакнувајќи го самото културно жариште.

2. КРЕАТИВНО ЖАРИШТЕ – ФАБРИКА ЖИТОМЕЛ

Преку ревитализација на потегот на старата фабрика за жито, овозможуваме простор кој ги сместува ФДУ, ФЛУ, хабот за coworking, музејот на Куманово како и пропратните комерцијални, деловни и рекреативни програми. Со мешањето на програмите се создава целосно нов центар во градот Куманово, чии корисници се најпрвин студентите и младите претприемачи, но и професорите, администацијата, посетителите на музејот, вработените во локалите, како и самите минувачи.

Разгледувајќи ја моменталната состојба на фабриката среќаваме два објекти кои се значително оштетени од пожар. Првиот, помалку оштетен, се ревитализира во хаб за coworking, додека неговите најмногу оштетени делови се санираат и остануваат полуотворени меѓу-простори кои ги примаат програмите на  хабот на отворено. Вториот објект поради својата состојба целосно се отстранува, ослободувајќи голема мултифункционална зелена површина погодна за рекреација, изложување, настани, саеми, фестивали, лизгалиште итн.

Останатиот јавен простор сместува низа програми потребни за креативната класа како простои за работа на отворено; бежични точки и станици за полнење; паркинг за велосипеди, станица за изнајмување на велосипеди и работилица за велосипеди; претпростор на музејот и лапидариум; простор за изведби и изложби на академиите; и површини за комерцијални намени.

3. КРЕАТИВНО ЖАРИШТЕ – КАСАПСКИ ДОМ

Со ревитализација на потегот помеѓу Касапскиот Круг и хотелот „Кристал“ се овозможува негово развивање со дополнителни намени како и анимација на просорот помеѓу нив. Ваквата интервенција опфаќа проширување на веќе постоечкиот галериски простор во Касапскиот Круг и пренамена на дел од истиот во уметнички хаб и простор за работа, изложување и продавање на ликовната академија. Останатиот дел од овој објект ги задржува веќе развиените деловни и комерцијални намени. Хотелот „Кристал“ се трансформира во студентски дома со капацитет на 140 легла повторно наменет за академиите.

И тука јавниот простор ја добива истата важност како внатрешната програма и содржи мултифункционални површини кои го поврзуваат во мрежата на креативни жаришта. Моменталнта функција на овој простор како паркинг се предвидува под земја отварајќи го овој простор за развивање на трет плоштад кој се надоврзува на аксијалата на јавни површини започната од плоштадот „Маршал Тито“ и плоштадот „Нова Југославија“.

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис