“Закачи се„ / Елена Петровска 2014

елена петровска 3 jpg

конкурсен труд за ” Велопаркинг” – Пелистерка ( 1 место )
автор: Елена Петровска
година: 2014

Решението  на овој велопаркинг е добиено по направените функционални, економски и пред се безбедносни анализи ( препорачливо врзување на рамката).  Но, идејата потекнува од повикот “Закачи се!”, кој често го користиме при врзувањето, т.е паркирањето на велосипедите.  Спајалицата е првата асоцијација на закачувањето и од тука натаму се е јасно.

Вело паркингот „Закачи се“ е составен од два елементи: БАЗИС и ТЕЛО. Базисот е линеарен елемент предвиден да се изработи од железо со пресек 4cm/4cm и должина L=322cm. Тој би се врзал за подлогата со анкерни плочи поставени под оската на секој елемент. На базисот потоа се поставуваат спајалиците односно елементите за прикачување на велосипедите, на осовинско растојание од 80cm, вкупно 5 спајалици. Телото пак е во форма на спајалица со димензии h=80cm, b=20cm изведено од тенкоѕидна железна шипка со ∅20. За полесна изведба телото може да се разбие на 4 линеарни и 3 завиени шипки кои потоа би се споиле и би го формирале елементот.

елена петровска 4

Колоритот се состои од две бои кои најизменично се менуваат. Во овој случај се одлучив за жолта и сива бидејќи оваа комбинација на бои често се употребува во урбаната опрема и самата по себе асоцира на елемент од таков карактер. Доволно е впечатлива и воочлива за оние кои сакаат да ја користат а пак од друга страна со самото привлекување на погледите на случајните минувачи го прави паркингот за нијанса побезбедно место за оставање на велосипедот.елена петровска 5

Дополнително е предвидено површината на која ќе се постави вело паркингот да се обележи со боја (аналогно на бојата на елементите) и тука се отвара можност за испишување на името на дизајнот „ЗАКАЧИ СЕ“ или било која друга информација, реклама, текст, порака и слично. Оваа површина на тој начин означена и ограничена го присвојува просторот и става јасно до знаење која е неговата намена со што се намалува можноста тој да биде блокиран од автомобил, клупа, корпа итн.

Обраќање од авторот:

Би сакала да ја поздравам оваа иницијатива на Пелистерка и сите оние кои беа дел од неа. На Скопје му треба будење! Потребно ни е и стимулирање на еден поинаков и поздрав начин на живот и развивање на свеста кај граѓаните за бенефитот од истиот. Морам да кажам дека во последните неколку години се забележува голема промена на подобро и се надевам дека таквиот тренд ќе продолжи и во другите градови. Имаме среќа што токму во нашиот град се оформи една група на точакољубци (На Точак) кои секојдневно не информираат и едуцираат за позитивните аспекти од употребата на велосипедот а со својот активизам и директно учествуваат во подобрување на самите услови за негово користење. Гледано од страна на архитекти наше е да се приклучиме и да го поздравиме секое залагање за подобрување на градот и животот во него. Архитектурата исто така треба да биде медиум за покренување на промени во едно општество. Проектите на кои работиме, макар тоа било и само едно мало парче урбана опрема во овој случај, треба да одат во прилог на тоа да го подобрат квалитетот на функционирање и користење на градовите во кои се имплементирани. И најмалата интервенција во себе ја носи одговорноста да донесе нешто ново и позитивно во средината, да го поттикне нејзиниот корисник да размислува малку поинаку, да промовира одреден начин на живот, со својот дизајн (форма) да стимулира функција која можеби дотогаш била изоставена.

Секој архитект сонува да го види својот цртеж во реалност и се надевам дека за мене ова е само еден почеток

Автор на статија: