logo marh

Марх  е нет простор посветен на промоција на македонската архитектура пред пошироката јавност, преку минатите и денешните реализации, проекти, концепти, идеи.

Оваа страна ќе се потруди да ги објави сите достапни проекти, меѓу нив реализираните и нереализираните кои и се недоволно познати на јавноста, конкурсните трудови и смелите студентски проекти кои никогаш не биле сериозно презентирани, како и исклучително смелиот период на македонската архитектура од 60тите години до крајот на 80тите години.

Целта е да се подигне самосвеста и самодовербата во професијата, влијаејќи едукативно врз пошироката јавност која е опсипана со тековни архитектонски неиздржани проекти како дел од урбанистичкиот хаос. Оваа страна стреми да ги покаже домашните вредности кои се скриени или невидливи за јавноста.

Секојдневно, на социјалните мрежи, споделуваме странски дизајн без притоа да имаме конкретна перцепција  за современиот македонски дизајн, кој не заостанува зад интернационалниот, напротив е дел од него. Токму затоа, овој простор  ќе биде посветен  единствено на македонската архитектура, македонските автори, како и архитектурата во Македонија од странски автори.

Успешноста на оваа страна, ќе зависи од сите нам. Поканети се сите автори, бироа, професори и студенти да ги достават своите најуспешни проекти, да се претстават пред македонската јавност со одмерено образложение и прилози, да напишат критика, мислење став  за она кое сметаат дека треба јавно да се посочи или предупреди.

Да создадеме достапна нет архива и да го стекнеме самоспознанието, да научиме еден од друг и да ја вратиме достојноста на професијата, да ги вратиме стандардите според кои работиме и да го вратиме принципот на знаењето. Да растеме заедно преку споделувањето на оваа страна.

Слободен простор за историја на архитектура, тековна архитектура, студентски трудови, ентериер и мебел, критика и став, информации поврзани со македонската сцена, лекции од професорите како и простор за  промоција.

Да создадеме место на кое споделената порака лесно ќе стигне до професијата и заинтересираната јавност.

Страната почнува скромно и нема за цел да го напаѓа интернет просторот.  Ќе се објавува одмерено и без комерцијални притисоци. Во блиската светла иднина, страната возможно е да стане двојазична (на македонски и англиски јазик) како би се впуштила во меѓународна промоција на македонската архитектура. Пoтоа печатени изданија од пристигнати трудови (годишен пресек), можеби магазин, рецензија, цел тим  итн.

Но… се по ред, прво да го скршиме мразот  🙂

 

Секому добро!

 

од основачот  на страната:

Филип Конески

24.11.2014