Повик за протест против изградбата на панорамското тркало

Денес од 18:00 – 21:00 часот, најавен е протест од група граѓани, против изградбата на панорамското тркало во Вардар.

Повикот се појави на facebook мрежата, настан под наслов „СКОПЈЕ НЕ Е ДИЗНИЛЕНД”

Панорамското тркало е проценето на 18 000 000 евра, сума што очигледно e  нереална на прв поглед. За споредба кулата на АЕК од 150 метри на врвот на Водно која е многу посериозен зафат од мостот со панорамското тркало, чини исто толку- 18 милиони.

Друга компарација која е очигледна и ве предизвикува на размислување, се проценките на градот за новиот Луна Парк. Цената на забавниот парк, изминативе години се движеше помеѓу 7-12 милиони евра,  парк во кој имате повеќе од 20 реквизити. Тогаш како едно панорамско тркало ( без разлика што е на мост ) може да чини толку многу?!

Од било кој аспект, да се набљудува оваа интервенција е спорна.

Урбанистички: Ја узурпира реката, и се наметнува. Доближувањето по течението на реката кон другите два моста е неразумен потег, а  притоа го попречува и погледот кон скопската тврдина од плоштад Македонија. Доближувањето до Камениот мост и попречувањето и на визурите кон истиот исто се недозволиви. Камениот мост и скопската тврдина се скопските заштитни симболи на кои им го краде погледот, „ се натпреварува”  со нив. Мост на оваа локација од секогаш постоел во плановите, но тоа е пешачка конекција-проток на движење, а  не  крајна дестинација, која се шири по течението на реката.

Архитектонски: решението  нема никакви стилски вредности, помешани идеи и естетики, имитациски накитено со цел допадливост и вклопливост во проектот Скопје 2014. Во век кога градовите изградија високотехнолошки, футуристички дизајнерски панорамски тркала, Скопје гради „барокна панорама” и тоа сместена на „барок” мост. Како ќе е организирана функционалноста на оваа градба, кога мостовите треба пред се да се проточни за движење. Каде ли отиде иновативноста?

Економоски: Тркалото чини 18 000 000 евра, пари кои апсолутно ги немаме и се преценета вредност за ваков проект.

Социолошки: Градот сеуште има населби без атмосверска канализација, локални улици без тротоари, хигиена на ужасно ниво, река полна ѓубре. Да не ги спомнуваме другите проблеми со здравството, сиромаштијата,  бидејќи сликата добива сериозно дестабилизирање.

Се на се, овој проект е само дел од „утките” на креаторот, кој никој официјално не го знае, но сите го насетуваат.

 

 

Автор на статија: