Спортско- рекреативен центар во Струмица / Дончева

Универзитет Американ Колеџ Скопје / магистерски труд

Автор: Маја Дончева

Тема: „Архитектонските и социјалните вредности на спортско-рекреативните центри во градовите до 50.000 жители на примерот на градот Струмица“

Ментор: проф. м-р Викторија Еремеева во соработка со проф. д-р Мартин Гулески

Година: 2016

Неодамна архитект Маја Дончева успешно го одбрани својот магистерски труд на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје и се стекна со титулата магистер по архитектура и дизајн. Нејзиниот труд беше на тема „Архитектонските и социјалните вредности на спортско-рекреативните центри во градовите до 50.000 жители на примерот на градот Струмица“ под менторство на проф. м-р Викторија Еремеева во соработка со проф. д-р Мартин Гулески.

Нејзиниот проект го забележавме на годишната изложба на студентите на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС која се одржа месецов во Музејот на град Скопје. Во прилог ви пренесуваме дел од магистерскиот труд:

archi 3d (2)

Спортот и рекреацијата, слично како и уметноста, се одраз на човековиот труд на еден возвишен, благороден начин. Задачата на архитектурата, следствено, е да обезбеди простори сразмерно тој висок идеал. Без разлика дали станува збор за центар за рекреација на општината, училишната гимназија, воден центар, арена или стадион, дизајнот мора да биде прилагоден на потребите на неговите корисници. Тоа подразбира обезбедување на удобност и уживање како на спортистите, така и на рекреативците и публиката, односно љубителите на спортските натпреварувања.

archi 3d (3)

Свеста дека спортот како физичка активност и забава се драгоцени за подобрување на квалитетот на животот на поединецот, а со тоа и на општествената заедница, придонесува континуирано да се посветува внимание на оваа општествена активност, како во нејзиниот развој и усовршување, така и во развојот и архитектонските решенија на спортските објекти, како многу важен, односно неопходен елемент за развој на спортот.

Поради веќе постоечката спортска сала во Струмица која е со голем капацитет на гледачи и тешка за одржување во интерес на општината, како и на граѓаните на општина Струмица е тоа што новопредвидената сала е помала, со цел нејзино полесно одржување, ладење и загревање.

0 ситуација

Границите на градежната парцела на која е предвиден спортско – рекреативниот центар, регулационите и градежни линии се утврдени со ДУП-от, додека со проектот е дефинирана организацијата на конкретната градежна парцела. Објектот е поставен слободно на локација, со четири фасади со отвори. Формата се состои од три засебни сегменти, одделени меѓусебе со дилатација од 10 cm.

Едниот ја сочинува салата со трибини, а во другите два се сместени пропратните содржини – ресторан, кафетерија, спа центар, соби за сместување. Гледалиштата во салата се поставени од една страна и испроектирани се места за 1.000 гледачи.

Главниот влез во спортската сала е предвиден од првиот кат. До него се стигнува преку надворешни скали – едни главни и три пара споредни, како и преку лифтови. Влез во спортската сала е предвиден и од североисточната страна, а до салата се пристапува и од првиот кат во едниот сегмент од спортско-рекреативниот центар. Покрај двата главни влеза кои водат во сегментите со пропратни содржини – од северозападна и југоисточна страна, предвидени се и споредни влезови – влез за ресторанот, влез за спортисти и инструктори, како и технички влезови.

Како до спортската сала, така и до другите два сегменти од спортско – рекреативниот центар водена е сметка за непречен приод на лицата со посебни потреби.

Опис на просторот

 Просторот во објектот е поделен според содржините и активностите што се одвиваат во истиот на три ката, односно П+2. Спортско-рекреативниот центар се состои од следните содржини:

Во приземјето се наоѓаат спортската сала која е со димензии 20х40 метри со по 1m односно 2m заштитен појас. Во склоп на салата се предвидени трибини за 1.000 гледачи, магацин за спортски реквизити како и технички простории. Дел од приземјето на вториот сегмент е зафатен со придружни простории за спортисти и инструктори кои влегуваат од свој посебен влез. Нивниот простор се состои од гардероби за спортски екипи, фамилијарни гардероби, канцеларии за делегати и канцеларии за инструктори. Во склоп на тој дел е предвидена и амбуланта за спортска медицина која може да се користи и од надворешни посетители. Во приземјето е предвиден и ресторан со сопствена кујна и магацин до кој се пристапува од свој посебен технички влез. Во приземјето се предвидени и билетара, продавници за спортска опрема и киосци.

1 приземје

Во приземјето предвидено е и игралиште за мал фудбал на отворено со димензии 32х21 метар, со 1m, односно 2m заштитен појас. Теренот за фудбал е предвиден да биде завршно обработен со вештачка трева.

Од првиот кат се пристапува до трибините во спортската сала до кои водат надворешни главни скали, три пара споредни скали како и лифтови. На катот сместени се кафетерија, спа и фитнес центар и простор за деца. Спа и фитнес центарот се состојат од простор за гардеробирање, простор за контролор и издавање крпи, трим сала, соба за масажи, фитнес центар, соба со кади за ладење и соба со џакузи. Просторот за деца е осмислен во две катни висини, со што е формирана галерија на вториот кат. На првото нивото во спортската сала се предвидени гардеробните пултови, а на второто ниво просторија за коментатори на спортските натпревари и киосци.

2 прв кат

На вториот кат се наоѓа фоајето кое им претходи на собите за сместување. Една од собите е организирана како апартман со двострана ориентација.  Дел од вториот кат е зафатен од тераса чија цел е со поставеното зеленило да надомести за одземениот зелен простор под објектот. Дел од терасата е покриена и на неа има можност за поставување летно кино и кафетерија.

3 втор кат

Со проектот за партерно и хортикултурно уредување се дефинира целата површина на локацијата во смисол на естетски, еколошки и функционален третман на просторот. Од југозападната страна, каде се сместени главните скали кои водат кон влезот во спортската сала е формиран мал плоштад. На него е поставена фонтана и клупи за седење. Околу теренот на отворено е поставена ограда и клупи за седење.

4 пресеци

Во рамки на локацијата се предвидени 80 паркинг места за автомобили, 65 за велосипеди, 2 за автобуси и 3 паркинг места резервирани за лица со посебни потреби. Останатиот дел од партерот се зелени површини.

maketa (2)

Материјалот го приложи и обработи: Стојаноска Софија

Автор на статија: