ЦЕНТАР НА РЕГИОНАЛНОТО НАСЛЕДСТВО ВО ДЕБАР / Ајруш, Стојчески

Студенти/автори на проектот: Филис Ајруш, Виктор Стојчески

Предмет: Архитектонско студио 6/2 – Архитектонски факултет, Скопје

Под менторство на: Проф. Д-р Анета Христова Поповска, сор. Михајло Стојановски

Предметен професор: Проф. Д-р Анета Христова Поповска

Педагошки тим: Проф. Д-р Анета Христова Поповска, Вон. Проф. Д-р Михајло Зиноски,  Доц. д-р Мери Батакоја, сор. Дана Јовановска, сор. Владо Данаилов, сор. Михајло Стојановски

Локација: Дебар

Година: 2016/2017

 

Целта на работата на Архитектонско студио 6-2 беше да се испроектира ЦЕНТАР НА РЕГИОНАЛНОТО НАСЛЕДСТВО ВО ДЕБАР кој вклучува музејска, културно-изведбена и научно истражувачка содржина поврзана со природното и културното наследство на реканско-дебарскиот регион.

Локацијата се наоѓа во централното градско подрачје, непосредно до Домот на културата, па затоа главни елементи на контекстот се токму Домот на културата, спортска сала и Џамијата на Муфтија Ружди Љата.

Имајќи во предвид дека архитектонскиот концепт требаше да ги вклучува аспектите на природниот пејзаж и изградената средина како обединет контекст од каде ќе се изведуваат аналитичките и проектантските инструменти на проектантската процедура, решивме површината од локацијата која што ќе ја одземеме со нашиот зафат, да ја вратиме на кровот на објектот, со што би се формирало отворено шеталиште кое ќе биде независно од самиот објект. Исто така, преку атриумот, кој е отворен за сите посетители и случајни минувачи, сакавме уште повеќе да ја засилиме идејата овој културен центар да стане и градски центар.

Со оглед на тоа што џамијата е во непосредна близина, и што нејзината ограда има неколку специфични правци, токму тие правци беа правците што го дефинираа објектот и го формираа атриумот, а исто така преку нив објектот се прилагодува и не го нарушува контекстот. Оградата скалесто се качува, па затоа таа се повторува на периферијата на објектот, со што и објектот постепено се “качува” и “расте”.

Од улицата на западната страна е предвиден паркинг, каде што се наоѓа главниот влез за посетители. Се влегува во повеќевисински влезен хол, во којшто слободно се поставени скали и лифтови, потоа инфо-пулт со билетара, санитарии за посетители и гардероба. Во продолжение се наоѓа фоајето пред влезот во мултуфункционалната сала.

Посетителот треба да почне да се качува нагоре, каде на наредното ниво е галеријата за мултуфункционалната сала и предавалната, а на најгорното ниво е библиотеката со читалните. На секое ниво има мали мостови, како и галерии, кои се одлични за пауза и визуелен контакт со некои од другите делови од објектот, но и за поставување на некои привремени изложби или дела кои би биле вовед во изложбата во главните изложбени сали.

Од најгорното ниво е предвидено спуштање со рампа до првата сала која е за природно-научна збирка, во која се предвидува “аквариумски” принцип на изложба, па затоа природна светлина не е предвидена. Со спуштање преку наредната рампа, се стигнува до салата за етнолошко-антрополошка збирка, во којашто поради типот на експонатите кои се изложуваат, од областа на архитектурата, занаетите, стопанството и обичаите, предвидено е осветлување со превртени лантерни. Наредната рампа не води до салата за археолошка збирка, во којашто поради изложување на археолошки експонати со акцент на археолошки локалитети, предвидено е директно зенитално осветлување. Карактеристично за салите е тоа што од крајот на секоја сала може да се “фрли” поглед до наредната сала која е пониска, со што можеби се постигнува чувство на желба и нетрпеливост кај посетителот, но исто така се нуди автентично искуство преку вакво “режирање” на неговата рута. Со последната рампа се стигнува во продавницата и кафетеријата, кои се достапни и за други минувачи, а не само за посетителите на музејот.

Од североисточната страна има засебен влез за вработени, каде и се сместени научните и стручните служби, администрацијата, како и техничкиот персонал и возачите, фото студио и компјутерско документирање, организирани во посебни канцеларии и простории или во двовисинска просторија организирана како заедничка канцелариска работа.

Од источната страна се наоѓа и влезот за дотур на експонати, каде се наоѓаат и едно помало и едно поголемо главно депо, како и една реставраторска и конзерваторска лабораторија, додека останатите лаборатории се сместени на ниво и во близина на изложбените сали, секоја во зависност од видот на артефактите кои се карактеристични за секоја збирка. Исто така, за секоја сала на своето ниво се предвидени и помали депоа. Комуникацијата меѓу вработените, односно поврзувањето на салите со лабораториите и депоата, е преку ходниците на секое ниво и двете комуникациски јадра.

Што се однесува до материјалноста, ѕидот на периферијата од објектот ја повторува камената обработка на ѕидот-ограда од џамијата, со различен, логичен ритам на отвори од секоја страна, додека од внатрешната страна кон атриумот, објектот е целосно застаклен со што целосно се отвара кон атриумот, но и луѓето во атриумот или на отвореното шеталиште можат да “ѕирнат” внатре и за тие што го немаат посетено тоа би било еден вид на покана да влезат.

Така, постигнавме овој објект да функционира како регионален центар на културата, кој треба да ги промовира диверзитетот, отвореноста и комуникацијата како вредности.

Ф.К