„13 начини на гледање на градот” / 24 јуни 20:30 часот, SIA

извор: SIA

13 начини на гледање на градот

Куратор: Даниел Серафимовски
Асистент: Оливер Илиевски
Отворање на изложбата: 24 Јуни 8:30
Времетраење на изложбата: 24 Јуни – 10 Јули 2015

Новата архитектонска изложба на Агенција за Сериозни Интереси (СИА), нуди преглед на различни начини на гледање на градот, во овој случај, на градот Скопје. Избраните дела и проекти се тековни истражувања и дела кои се одраз на особена страст и интерес на поединечните соработници, во однос на специфични архитектонски / урбани / социолошки теми. Некои од овие “Градски Студии” и “Градски Приказни” се развиени како дел од академски истражувачки проекти; други повеќе се резултат на личен однос со градот. Делата ја изразуваат почитта и посветеноста на архитектот кон нивниот град, нешто што би можело лесно да се доведе во прашање со оглед на драматичните трансформации на голем број згради, улици и јавните простори, кој градот ги претрпе во текот на изминатите пет години.

Избраните дела се обид да се преиспитаат постоечките квалитети на градот, од кои некои премногу брзо се менуваат, се преобразуваат, па дури и исчезнуваат во текот на изминатиот период на интензивна урбана активност. Делата кои се собрани во оваа изложба се одраз на можноста за задржување на колективната меморија на граѓаните, дури и кога (а можеби и токму поради тоа) загубите веќе се значајни. Делата на архитекти, уметници и други автори што се вклучени во оваа изложба, на различни начини, го одразуваат активизмот на граѓаните како одговор на сомнителни социо-културни политики и чудни урбани феномени – граѓани кои ги вреднуваат и ги ценат објектите и просторите на нивниот град, зградите и местата кои ја формираат позадината на нивниот секојдневен живот.

Изложбата Тринаесет начини на гледање на градот – како што се подразбира од насловот (кој што се реферира на поемата на Валас Стивенс, Тринаесет начини на гледање на ќос) – е обид да се пристапи на одредена тема од различни перспективи и точки на гледање, здружувајќи автори од неколку генерации, чии дела се групирани околу одредени теми или наративи. Изложбата го покажува градот Скопје гледан од дистанца, преку воздушни фотографии од далечното минато, со слики од семејната архива Еремееви. Градот се набљудува и од внатре, посочувајќи на скриените квалитети на помалку видливи јавни простори во градот преку типолошка студија под наслов “Невидливо Скопје – Архитектонски Водич”, (Студио Скопје, на чело со Јован Ивановски) . Изложбата, исто така вклучува цртежи и модели на неколку важни локални згради од периодот на модерната, подготвени од страна на архитект Мартин Гулески (чија страст за макетарство започнала во детството) – како вредна анализа и документација на одредено архитектонско наследство.

Покрај овие студии, има и серија на лични “Градски Приказни”. Во “четири врати и еден ѕид – Алберти во мојот дом”, проф. Влатко П. Коробар се осврнува на трансформациите низ време на една модернистичка куќа (неговата семејна куќа, од страна на непознат архитект), куќа чија организација се поврзува со добро познатиот поим на Алберти “куќата како мал град” и “градот како голема куќа. Дамјан Момировски развива мапирање на “заборавени” Партизански споменици низ градот, додека уметникот / архитектот Филип Јовановски документира серија на “скриени” уметнички акции во јавниот простор на градот. Архитектите Минас и Виолета Бакалчев, во делото „Кога градот ќе процвета“, преку серија на фотографии од нивното секојдневно опкружување (крај кејот на Вардар) откриваат една друга димензија, речиси друг свет на самоникнати растенија и цвеќиња, со кои се потврдува можноста дека еден убав ден, градот повторно ќе процвета.

Изложбата “Тринаесет начини на гледање на градот” е поврзана со тековниот истражувачки проект “Скопје Отворена Архива”, инициран од страна на архитектот Даниел Серафимовски во пролетта 2014 година, и ќе продолжи со уште две изложби, со цел да се соберат лични страсти , искуства и работни методологии, во една поголема поетска целина.

Учесници: Виолета Бакалчев (архитект) / Минас Бакалчев (архитект); Домника Бошкова (архитект); Слободан Велевски (архитект) / Марија Мано Велевска (архитект) / Огнен Марина (архитект); Мартин Гулески (архитект); Владо Данаилов (архитект) / Моника Новковиќ (архитект) / Гордан Витевски (архитект); Викторија Еремеева (архитект) / Максим Наумовски (архитект) [Михаил Фјодорович Еремеев (геометар) и Борис Михајлович Еремеев (архитект)]; Јован Ивановски (архитект), Владимир Десков (архитект), Паолина Милушева (архитект), Биљана Темелковска (архитект), Иван Николовски (архитект), Сања Лилиткин (архитект), Нина Карангелеска Тодоровска (архитект), Мартин Ефремовски (архитект), Сања Тасева (архитект), Бисера Крцковска (архитект), Александар Балдазарски (архитект); Ѓорѓе Јовановиќ (уметник); Филип Јовановски (уметник); Влатко П. Коробар (архитект); Дамјан Момировски (архитект), Зоран Петровски (куратор); Митко Хаџи-Пуља (архитект).

Слика:
Михаил Фјодорович Еремеев
цирка 1923-27

Автор на статија: