5 Години МАРХ

Вчера вечер во холот на Младинскиот културен центар, МАРХ прослави 5 години постоење. Настанот беше од отворен карактер, најавен на социјалните мрежи со повик до сите заинтересирани.

Прославата беше конципирана како Коктел + Архибазар + Разговори,  додека на истата и претходеа доделувања награди на најсреќните читатели, во соработка со нашите  пријатели (Шизик на Ризик, Privateprint, EASA, 5до12).

 

 

Свеченоста ја отвори со воведен говор, проф. д-р Бојан Каранаков, продекан за наука и меѓународна соработка, при Архитектонскиот факултет , кој меѓудругото истакна :

„Во годината на големи архитектонски јубилеи: 100 години БАУХАУС, 70 ГОДИНИ АФС вечерва сме собрани тука да одбележиме уште еден, навидум, скромен јубилеј – 5 ГОДИНИ МАРХ.

Што претставува МАРХ? Името МАРХ е акроним за МАКЕДОНСКА АРХИТЕКТУРА. Тоа име стои зад едно мало делче од огромниот интернет просторот со многу специфична улога. МАРХ е веб страна посветена на промоција на македонската архитектура пред пошироката јавност.“

 

 

Во останатиот дел од говорот Каранаков ги истакна неговите впечатоци за платформата, пренесувајќи ја искрената подршка во свое име и во име на Архитектонскиот Факултет Скопје и деканот проф. д-р Огнен Марина.

„Во овие 5 изминати години МАРХ скромно, ненаметливо и полека растеше и се развиваше за да може вечерва гордо да застанат пред нас, членовите на колективот кој стои зад овие 4 букви. Но, право на скромност сметам дека имаат само оние кои се одважиле да направат нешто. Оној кој не се обидел, нема право да биде скромен, затоа што не знае колку е тешко, колку откажувања се потребни и колку препреки треба да се преминат за да се стигне до тука. “

 

 

 

Во продолжение се обрати, основачот на страната, Филип Конески, кој ја истакна нескриената радост за јубилејот.

„ … Ваквите јубилеи, не насочуваат на мислата –  до каде сме стигнале, што сме направиле, на каде треба да одиме?! Чекориме полека, согласно нашите финансиски, временски и интелектуални можности, меѓутоа не гледајќи на истото како на пречка, туку единствено како предизвик.

Марх се појави во едно време на безнадежност, на девастирање вредности и несигурност. Следствено на тоа, МАРХ се роди како реакција на оваа општествена акција. Тоа беше период на скептицизам, со кој се соочив секаде каде се обратив пред самиот почеток, но никој пат осудувајќи, единствено разбирајќи ја ситуацијата во која бевме сите подеднакво.

Затоа започнав сосем сам, со идеја дека впечатокот ќе се промени, доколку стремежот, љубовта и ентузијазмот пропратени со умерени чекори и воздржаност од големите и брзи очекувања, се преточат во искрено дело. За кратко време, веќе за првиот роденден се појавија истомислениците, луѓето кои ми се придружија бидејќи имаме сличен порив за придонес и подигнување на свеста за себе си – за домашната сцена, за македонската архитектура. Тука искрено сакам да се заблагодарам на сите кои беа, а особено на оние кои истрајаа во ова, и со гордост да кажам дека МАРХ го градиме заеднички. Фамилијата, гледајќи Ве сите присутни расте и тоа ми предизвикува неизмерна радост и верба за понатаму…“

 

 

Потоа следеше презентацијата која ретроперспективно ги поврза суштинските одредби на мисијата.

Мартина Штериова говореше за брендингот на страната,  како настанува логото, типографијата, потоа шемата на делување, начинот на соработка, креирањето објави, целокупната мисија и достигнувањата во минатото. Штериова го претстави и тимот  кој работи тековно, како и соработките со Википедија на македонски јазик, Архипункт, Биеналето на македонската архитектура  со кои се создадоа работилниците Архивики, како и изложбата „Невидлив урбанизам“.

Ноеми Чаусидис го одржа завршниот говор, во кој се посвети на иднината и плановите за развој,. Меѓу следните чекори беше најавена дублер страната на англиски јазик, потоа годишните печатени изданија, истражувачките проекти и паметниот маркетинг како основа за одржливост и исплатливост.

 

 

Меѓудругото, Чаусидис го објасни концептот на настанот, претставувајќи ги изложувачите на Архибазарот и гостите кои беа дел од разговорите.

По презентацијата, публиката беше поканета на пригоден коктел и закуска, по која  следеше опуштена атмосфера, со музичкиот избор на Dj Drazi Drags.

 

 

На архибазарот можеше да се набави архитектонска литература, илустрации,  облека , накит, сувенири, разгледници, уметнички дела. На истиот зедоа учество:

PrivatePrint;
Vasil Shemkoski ( Боенка за возрасни – Скопје 091);
– Архитектонска литература од Ана Ивановска, Владимир Десков, Јован Ивановски;
5 до 12;
0.10error of harmony;
EASA Macedonia;
– Бетонско Скопје;
Сувенири Скопје

 

Она што го понудивме како наши изданија беше Бетонско Скопје 1 и 2, како и нашите нови сетови разгледници „Македонска споменична архитектура“ кој се реализираше во соработка со Министерството за култура на Р. С. Македонија и „Дебармаалска еклектика“ во соработка со градот Скопје.

Настанот го следеше пријатно чувство и другарување,   посетен од страна на професори, архитекти,  студенти, заинтересирани љубители на домашната сцена, луѓе од креативните струки, пријатели.

 

За време на траењето на архибазарот во позадина се случуваа и разговорите, во форма на кратки интервјуа со архитекти кои се бават со други дејности.

 

 

Истите ќе можете да ги погледнете во облик на објави во престојните денови. Разговаравме со :

– Ирина Атанаскова / Nameless Tattoo
Mateja Nikolikj / графички дизајн
Jovanovski Dame / дигитални визуализации
– Тамара Забазноска – Tam Ryn / stringscapes
– Илија Стефановски / концепт шоп 0.10error of harmony
Nikola Uzunovski / визуелна уметност
– Жарко Чулиќ / Zarko Culik Photography

 

5тиот роденден заврши со насмеани лица, расположени посетители и силна подршка да продолжиме и понатаму со нашата мисија.  Ви благодариме на сите што не удостоивте со вашето присуство и ни укажавте чест за она што го работиме.

Особена благодарност до тимот на  Младинскиот Културен Центар, без кој овој настан немаше да биде возможен.

Секому добро!

фотографии: Васе Аманито