ААМ со соопштение за изградбата на „Нов универзитетски клинички центар“

February 9, 2018

Денес во 12 часот во просториите на ГЕМ клубот. Асоцијацијата на архитекти на Македонија, одржа прес -конференција со цел да го искаже својот став околу прашањето за изградбата и локацијата на новиот универзитетски клинички центар. На истата земаа збор претседателот на ААМ, архитект Мартин Пановски и архитект Иван Арсовски.

Пановски во воведот на ова обраќање пред јавноста истакна за тешката состојба во која се наоѓа архитектурата и деградираноста на професијата, која е тргната настрана од сите случувања во која би требало да биде примарна при донесувањето на одлуките:

„Во сите наши изјави кога сме прашани кој е најлошиот аспект на проектот Скопје 2014, дали се тоа фасадите, објектите или скулптурите, секогаш како најлош момент го издвојуваме всушност тоталитарниот систем на планирање и изградба, кој го наметна проектот Скопје 2014 а се прошири низ целата земја. Тој систем се карактеризира со комплетно негирање на архитектите во креирањето на урбаниот простор. Тоа значи дека архитектите веќе подолго време не го креираат просторот во кој сите живееме. Повеќе од 10 години архитектите и урбанистите се третираат од страна на властите како извршители на нечии желби и замисли, а не како креативни, стручни лица кои треба да се најодговорни за урбниот простор на една држава. Изминативе денови сме сведоци на повторното отворање на прашањето за локацијата за изградба на Клиничкиот центар. И повторно како и секогаш кога станува збор за било каква интервенција или модерно кажано инвестиција во урбаниот простор одлуките се носат без консултација од стручната јавност и за урбанизам и архитектура се зборува од аспект на градежништво и сообраќај. Да тоа се делови со кои се занимаваме, но архитектурата и урбанизмот се многу повеќе од градење и транспорт.

Како што слушнавме во медиумите сеуште се размислува и сеуште се анализира дали да се продолжи со изградба на клиничкиот центар на старата локација или да се отпочне со градење на нова. Тука се наметнува прашањето кој е тој што размислува и анализира, урбанистички и архитектонски прашања кои се од огромно значење за дражавата? Дали во владата имаат формирано тим од архитекти и доктори кои ја вршат анализата или тоа е тим од градежници и економисти? Не знам дали се вклучени докторите како најзасегната страна во процесот на одлучување, но знам дека од ниедна релевантна институција која се занимава со архитектурата и урбанизмот не е побарано официјално мислење или експертиза. Ниту некој се обратил до Асоцијацијата на архитекти за овој проблем, а колку што ни е познато се нема обратено ниту до Архитектонскиот факултет, ниту Агенцијата за просторно планирање ниту до Секторите за урбанизам на град Скопје и општина Центар. Тоа значи дека ниедна релевантна институција која се занимава со планирање на простор и архитектура не е консултирана или прашана за урбанистички и архитектонски проблем. Ова значи дека повторно одлуките во каква околина ќе живееме како таа ќе изгледа и како ќе се развива во иднина, се носат некаде и од некој. Планирањето на просторот не смее да се сфати како желби на поединци. Како фела веќе искрено сме заморени од давање на мислења далинешто е добро или не на нечија веќе готова изработена идеја. Но бидејќи ААМ има обврска да се грижи за развојот на изградениот простор на тлото на Република Македонија, повторно смеприморани да реагираме на таква готова идеја за која и претходно сме го искажале својот став, Клиничкиот центар треба да се гради на нова локација.“

Во вториот дел од пресот, архитектот Иван Арсовски ги образложи  урбанистички аспекти на двете локации:

„Во изминатиот период ААМ оствари неколку работни состаноци со инволвирани страни, професионалци од областа на урбанистичко планирање, архитектурата, како и здравството, притоа анализирајќи ги сите досегашни стратешки документи од областа на просторното и урбанистичко планирање, каде се планирани стратегии за избор на најсоодветен простор – локација за изградба на „Нов универзитетски клинички центар“ во град Скопје, Република Македонија.
Од целокупната урбанистичка документација (претходна и сегашна), во изминатите 20 години континуирано се потврдува планираната локација за „Нов универзитетски клинички центар“ и тоа со:

– Генералниот урбанистички план (ГУП) на град Скопје 2001-2020 година,
– Генералниот урбанистички план (ГУП) на град Скопје 2012-2022 година.
– Урбанистички план за градска четврт „ССЗ 01“ 2013-2022 година.
– Детален урбанистички план за „Нов универзитетски клинички центар – Скопје“ (во изработка)

За изборот и погодноста на локацијата потврдува и интернационалната институционална поддршка од Европската инвестициска банка, преку изработената Физибилити студијата за дислокација на Универзитетски клинички центар – Скопје, како и искуствата од Папскиот универзитетски клинички центар во Рим – „Policlinico Agostino Gemalli“ дадени во предусловите за изработка на прелиминарната Планска програма за „Нов универзитетски клинички центар“. Конкретно планираната локација, во стратешките плански документи, се наоѓа на територијата на Општина Карпош во Скопје, на Север од населбата Злокуќани и на Југ подолжно железничката пруга со правец Скопје – Кичево. На истиот простор заедно со „Психијатриската клиника Бардовци“ ќе претставуваат една единствена просторна целина. Планиранта површина за реализација изнесува cca 92 хектари.

Погодностите кои произлегуваат од изборот на локацијата од стратешките плански документи се:

– Географска поставеност (макролокациски) на ниво на Република Македонија и Регионот,
– Релјефната конфигурација,
– Струењето и циркулацијата на воздушните маси (доминантен правец и јачина),
– Близината на Централното градско подрачје на град Скопје и неговата структура и инфраструктура,
– Сообраќајната (патна и железничка) поврзаност и проточност
• Градска магистрална ул. “Словенечка“ и Собирна ул. “Љубљанска“
• Железничката пруга Скопје – Кичево, која е поврзана со локалната линија „Скопски јазел“ и со Транспортниот центар – Скопје, а со тоа и со целокупната железничка мрежа во Република Македонија: Кочани – Скопје, Битола – Скопје, Гевгелија – Скопје и Кичево – Скопје, како и Приштина – Скопје (од Република Косово) и Ниш – Скопје (Република Србија)- Можност за брз пристап до Новиот универзитетски клинички центар за специјалните возила, јавниот градски превоз и приватните корисници,
– Можност за планирање на брза железница,
– Можност за поврзување на Новиот универзитетски клинички центар по воздушен пат (Хелиодром),
– Зголемување на стандардите и нормативите во планирање на стационарниот сообраќај (паркирањето),
– Можност за поврзување на инфраструктурните водови за снабдување со електроенергија, телекомуникации и гас,
– Можност за поврзување на системот за водоснабдување,
– Можност за изнесување на отпадните води од локалитетот,
– Добри микроклиматски услови и чиста еколошка средина,
– Погодност од економски аспект и реализација како GREENFIELD инвестиција,
– Чиста, брза и сукцесивна (фазна) дислокација на постојниот Универзитетски Клинички Центар според зацртана динамика на дислокација, со што ќе се овозможи непречено функционирање на постојниот сé до комплетното оформување на „Нов универзитетски клинички центар“.


Површината планирана за Новиот универзитетски клинички центар е скоро трикратно зголемена во однос на постојниот Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“, а со тоа се отвораат можности за:
– Подобрување на здравствените услуги,
– Подобрување на организационата структура на здравствените работници,
– Подобрување на условите за квалитет за практична обука и истражувачки активности,
– Интегрираност и рационалност во задоволување на потребите на корисниците,
– Зголемен стандард во површина по болничко легло,
– Зголемен стандард на зеленилото и слободната површина во рамките на градежната парцела,
– Зголемен стандард за опслужување на лицата со инвалидитет и др.

Асоцијацијата на архитектите на Македонија, во своето делување и работење, се залага за почитување на професионалните стандарди на нејзините членови (Архитекти), коишто дале значаен придонес и континуитет во планирањето на просторот, затоа и застанува зад целокупниот ангажман на професионалците кои изминатите 20 години работеле на оваа проблематика и ја одредиле точната локација потврдена со претходните стратешки плански документи за „Нов универзитетски клинички центар“ во град Скопје. ААМ очекува широка подршка од сите релевантни институции за продолжување на овој процес за дислокација на постојниот Клинички центар, потпрен врз стручноста, знаењето и искуството на професионалните чинители и исполнување на овој стратешки интерес на Република Македонија.“

Од сите овие причини Асоцијацијата на архитекти е против продолжување на изградба те реновирање и доградување на Клиничкиот центар на постојната локација. Со изградбата на Клиничкиот центар на постојната локација ќе се направи непоправлива штета и на здравството во Република Македонија и на здравјето на нејзините граѓани.

Ќе се направи урбанистичка и еколошка штета на градот Скопје кој и вака две декади претставува поле на градежно изживување. Доколку владата по извршените анализи кои соопшти дека ги прави сепак реши да го гради Клиничкиот центар на постојната локација ќе направи грешка која во иднина ќе кошта многу повеќе од најавените пенали од 5.5 мил евра за раскинување на договорот за градба и таа грешка ќе биде многу тешко поправлива. Излишно е да се прават анализи на местоположбата кога имате очигледен сообраќаен хаос кој заради постојната градска улична мрежа не можете да го поправите а може да очекувате дека ќе станува полош.

При ваков очигледен урбанистички хаос во кој се наоѓа Клиничкиот центар, со давање на изјава дека се прават анализи во јавноста се прави слика дека некои стручни лица ‐ архитекти не знаат што прават што доведува до лоша слика за архитектонската фела на Република Македонија. Како Асоцијација на архитекти бараме од владата да побара од архитектите на Република Македонија стручно мислење не само за темата Клинички центар туку за сите битни просторни зафати на тлото на Република Македонија. Под ова подразбираме активно вклучување на архитектонската фела при креирањето на јавните политики кои се однесуваат на архитектурата и урбанизмот.

Фотографии: Борис Јурмовски

Извор: Асоцијација на архитекти на Македонија

 

Ф.К

Автор на статија:

| / / / / |