За Алфред Рот и неговиот придонес во обновата на Скопје

Изминатиот период сме сведоци на процесот наречен енергетска ефикасност кој индиректно ја нарушува автентичноста на поголемиот дел училишни објекти од времето на Модерната во Скопје. МАРХ работи на документирање на истите, со цел дигитално да се презентира нивната архитектонска и културна вредност.

Како резултат на посочените намери, денес ви го претставуваме серијалот „Песталоци“ кој се состои од четири објави за основното училиште „Ј.Х. Песталоци“ во Скопје, објект со посебно значење за градот. Првиот дел од серијалот е посветен на авторот Алфред Рот.

Извор: Монографија „Песталоци“ – Кочо В. Костов; Магистерски труд / Утврдување на методи и постапки за заштита на објекти од периодот на модерната во Р. Македонија преку примерот на О.У. Јохан Хајнрих Песталоци – Ана Ивановска

Вовед

“ЖИВОТОТ ФОРМИРА И МОДУЛИРА. ВИСТИНСКИОТ ЖИВОТ НЕ Е РАБОТА НА ЗБОРОВИ, ТУКУ НА ДЕЈСТВИЈА!” – Алфред Рот

Во времето на економската криза, непосредно пред втората светска војна и застојот на полето на социјалното домување, школите стануваат централна тема на швајцарската архитектонска авангарда.

По катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје на 26 Јули 1963 година, градот станува едно големо, а можеби и најголемо градилиште во Европа. Во пост-земјотресната обнова се вклучуваат голем број експерти од сите дисциплини, меѓу кои архитекти-оние најпознатите во светот. Меѓу нив е и светски познатиот швајцарски архитект, професор Алфред Рот, кој е автор на првиот општествен објект изграден по земјотресот, училиштето „Ј.Х. Песталоци“

За Алфред Рот (1903-1998)

Швајцарски дизајнер, архитект и универзитетски професор кој долг дел од својот работен век интезивно се занимава со проблемот на школските објекти и модерното образование.

Рот се смета за важен претставник на Neue Bauens, движење слично на Bauhaus и De Stijl кое воедно се спротиставува на конзервативната традиционална архитектура и се стреми кон нешто ново, односно модерно (рационализација и стандардизација на употребата на нови материјали, фактички и едноставни ентериери, многу сонце, воздух и светлина).

Студирал архитектура на ЕТХ Универзитетот во Цирих и е ученик на Карл Мозер, основачот на модерната швајцарска архитектура и еден од основачите на ЦИАМ, а од 1927 до 1928 година работи во студиото на Ле Корбизје и Пјер Женере со посредство на проф. Мозер.  Во повоениот период соработувал со финскиот архитект Алвар Алто.

Тој прави обид да ги премости различните раферентни точки кои и даваат правец на неговата кариера – Мондријан, Алто, Корбизје.

Неговото уметничко дело е под силно влијание на неговиот познаник Пит Мондријан, поради кој, тој си поставува задача за систематизација на бојата во модерната.

Алфред Рот смета дека прашањето на естетика и форма е од секундарно значење бидејќи архитектурата не е слободна уметност, туку нераскинливо врзана за реалноста и контекстот. Според него “ Просторот и просторините интеракции се оние кои ја чинат основната супстанца на архитектурата; а материјалот, конструкцијата, планирањето и формата се средства на дизајнот.

Подоцна воспоставува архитектонска пракса во неговиот сопствен дом. Студенти од цел свет престојуваат и работат под негово менторство, меѓу који и одреден број на македонски.

Придонес во обновата на Скопје

“АРХИТЕКТИТЕ ПРОЕКТИРААТ, НО СУШТИНАТА Е ВО РАЦЕТЕ НА УЧИТЕЛОТ. ЗНАЧИ, НЕКА НИ БИДЕ СОСЕМА ЈАСНО: МОЖЕМЕ ДА СОЗДАДЕМЕ МНОГУ ИНСПИРАТИВЕН, ОТВОРЕН И ФЛЕКСИБИЛЕН ПРОСТОР, НО УЧИТЕЛОТ Е ЧОВЕКОТ КОЈ ТРЕБА СО ДЕЦАТА ЗАЕДНО ДА ИЗВЛЕЧЕ МАКСИМУМ ОД ПРОСТОРНИТЕ МОЖНОСТИ.” – Алфред Рот

Во 1964 година Швајцарската влада му ја доверува изработката на нов училишен објект во градот. Изведбата трае од 1966 до 1969 година. Тој го применува целокупното свое архитектонско знаење и градителска вештина во изградбата на новиот објект, со што во 1968 година ја добива наградата  „13 Ноември“ од областа на градежништвото од страна на градот Скопје. Самиот Рот во едно од своите обраќања пред скопската јавност ќе истакне дека станува збор за прв објект во светот по својата сложена конструкција. Низ целиот овој период тој има голема интеракција со македонските студенти и архитекти меѓу кој сé и архитектите Живко Поповски и Вангел Божиновски.

МАРХ ви пренесува дел од таа интеракција за подобро да се запознаете со значењето на личноста на Алфред Рот.

Живко Поповски за Алфред Рот

-Јас сум од оние луѓе кои доцна, мошне доцна стануваат свесни за она што е од вредност, она што е од значење, а уште полошо од тоа, понекогаш останувам несвесен за тоа. Еве, не знам точно за првата непосредна средба со архитектот Алфред Рот.

Не се сеќавам што беше повод, но без знаење на “официјалните” домаќи-ни, архитект Алфред Рот замина со нас, во мојот стар жолт “спачек”…радостен и полн со благодарност за искажаното насекаде искрено пријателство и внимание, но сепак со желба за непосредното, за она што е надвор од официјалното.

Појде со нас на една лесна закуска од зеленчук наместо печено јагне, а пота на градскиот стадион, на дерби натпреварот меѓу “Вардар” и “Црвена Звезда”, за да се загуби туркајќи се во толпата луѓе пред влезот и потоа стиснати како во кошница, еден до друг да го бодриме “Вардар” и да бараме победа заедно со тој релативно стар Швајцарец, архитект и професор на Високата техничка школа во Цирих, познаник и пријател на Пит Мондријан, Адолф Лос, Јозеф Хофман, Аугуст Пере, Хенри Ван де Велде, соработник со Корбизје и Алто, сведок и учесник во многу настани од Современата архитектура…. Особено енергичен со живи и итри движења. Спремен да слуша, но исто така и долго да говори и објаснува. Наполно отворен. Ми раскажува, повеќе со прашања, како му се украдени неколку слики и цртежи од неговата колекција, (П.Мондријан, Корбизје) За среќа Интерпол ги пронаоѓа за кусо време. Некои од нив се оштетени доста.

Низок, во споредба со висок човек. Уредно замазнета коса. … педантно облечен, преовладуваат сиви и сини тонови, кошула во “каре” внимателно одбрана, (дали е тоа поради белата коса или светло сивите очи, со истра-жувачки поглед?). Главата секогаш крената, силни вилици, карактеристичен и исправен торакс, долги раце.

Луѓе со нормален ритам тешко можат да го следат. Јас спаѓам во нив. Чуствувам недостиг на некакво предзнаење, затоа правам селекција. Го примам она што ми е полесно. Срам по мене, но со тоа учам како да подучувам. – Архитект Живко Поповски

Мимоза Несторова – Томиќ за Алфред Рот

-Мојот сопруг арх. Љубомир Томиќ го познаваше. Се запознаа еднаш кога дојде во Скопје, не знам за што точно беше. Подоцна кога се случи земјетресот, сопругот го шеташе низ градот, а Рот од него побара предлог за проектанти. Сопругот предложи тројца од кои беше и Радомир Лалович. Сите тројца проектанти заминаа кај Рот, но тој го задржи само Лалович. Знаете, на тие големи имиња кога ќе им испратите архитект, они мислат дека тоа е разработувач. Но арх. Лалович беше дисциплиниран, многу добар архитект и одличен студент. Така Алфред го прифати од почеток, а подоцна виде дека е и доста инвентивен па му дозволи да направи неколку измени на проектот.

Разговор помеѓу Вангел Божиновски и Алфред Рот

ВАНГЕЛ БОЖИНОВСКИ: Денес, кога воспитувањето практично е одделено од секојдневното семејно живеење (…) и предадено во рацете на општеството, денес кога телото на информациите расте пребрзо за човековиот ум, денес кога скоро секоја акција за реализирање на животот е специјализирана и средена во компјутер, се чини (повеќе од кога и да е) дека системот на образованието е вистински за подобра иднина. Професоре Рот, бидете љубезни и кажете ни кој дел од одговорноста припаѓа на архитектот во паралелното живеење со овој проблем ?

АЛФРЕД РОТ: Архитектите интервенираат во човековата околина… Архитектите, без сомнение, ја обликуваат околината во согласност со човековите потреби и во согласност со неговата фантазија. Исто така не треба да се сомневаме во сé побрзото растење на компјутерската технологија, која би требало да го ослободи животот. Образованието секако дека се прилагодува и ќе се прилагодува на новиот живот, трпејќи влијание и влијаејќи на него. Што е важно за архитектите денес? Како и секогаш исполнувањето на мисијата, одговорноста, Дали ние навистина му служиме на човекот? Во областа на образованието дали ние создаваме хармонични простори што ја воспалуваат фантазијата на детето? Ако на прво место (што е најчест случај) сакаме да направиме зделка со архитектурата, сакаме да направиме пари од архитектурата, тогашната мисија која им служи на најчовечките и највисоките аспекти на животот, е промашена.