Современо реобликување на Бит-пазар, 2018 / Tодоровски

23.08.2018

Година: 2018

Тема: Перформативниот пејсаж како програмски медиум на јавниот простор / згради

Наслов: Развивање на инхерентните вредности на Бит-пазар преку современи обликовни постапки

Предмет: Магистерски труд / АФС

Автори: Матеј Тодоровски

Ментор: Проф. д-р Анета Христова-Поповска

Локација: Бит-пазар, Скопје

Локацијата на Бит-пазар со векови добива различни форми кои го сместуваат главното пазариште на градот Скопје. Неговата денешна ситуација се карактеризира со огромна густина на тезги и недоволна инфраструктура, што ја отвара темата на неговото модерно реинтерпретирање, која студентот детално ја разработува во оваа магистерска теза. Трудот резултира во објект кој одговара на современите потреби на градското пазариште и креира впечатлива форма инспирирана од структурата на Старата скопска чаршија. Иако во меѓувреме започна реализацијата на новиот објект на Бит-пазар, погледнете ја оваа целосно поинаква визија која креира архитектонски симбол на ова историско пазариште.

Сл, 1. Историски развој на Бит-пазар

Бит-пазар како најголемиот и најстариот пазар во Републиката, претставува специфичен архитектонско-урбанистички фрагмент од градот, кој со години етапно се развива во одреден правец. Но, се чини дека еволуцијата на оваа типологија на трговски објекти е застаната во времето. Како резултат на ова, денес може да се забележи суб-стандардна структура со ниски функционални вредности, која иницира метеж. Покрај препознавање на проблемите на конкретното подрачје, ќе бидат разгледувани вредностите и стекнатите карактеристики на пазарот.

 

Сл, 2. Програмска анализа и застапеност на производи

Со цел олеснување на преоптоварениот бул. Крсте Петков-Мисирков и подобро поврзување на пазарот со уличната мрежа на градот, се воспоставува нова колска врска. Таа е продолжение на оската на ул. Филип II Maкедонски и е дел од уличната мрежа која го формира Малиот ринг. Оваа новопроектирана колска и пешачка оска значи дефинирање на границата на Старата чаршија од источната страна страна и овозможува соодветен пристап до сервисните улици од терцијалната мрежа на блокот 26 Јули и Мавровка. Долж улицата се предвидени тротоари за пешаци, паркинг простори на слободните парцели и една катна гаража.

Во делот каде што се планира пазарот новопроектираната улица продолжува на подземно ниво и се дели на две траси. Примарната траса ја следи оската на постојната ул. ,,192” и истата може да функционира независно од пазарот. Преку исклучување од примарната траса се пристигнува до двете подземни нивоа наменети за паркирање, магацини и други простории за потребите на пазарот. На овој начин се овозможува целосно отворање и непрекинато пешачко движење во контактната зона со Старата чаршија, се зајакнува сообраќајната врска со центарот на градот и истовремено се олеснува преоптоварениот булевар. 

Сл, 3. Поврзување со поширокиот контекст: лево, продолжување на оската на мал ринг / десно, креирање на граница меѓу Старата чаршија и опфатот околу 26-ти Јули

Новиот концепт се стреми кон задржување на ,,отвореноста” на објектот и го избегнува класичниот концепт на современите  типологии на шопинг центри. За постигнување на оваа цел, потребно е соодветно поврзување на урбаните оски од непосредниот контекст, читање на морфологијата на контекстот и надоврзување на правците од околината. 

Сл, 4. Фронт на бул. Крсте Петков-Мисирков вклучувајќи ја источната фасада на новопроектираниот објект

Кровот се стреми кон креирање на нов урбан естетски елемент , кој всушност го дава карактерот на просторот . Истиот е подигнат од структурата сочинета од продажни единици, на начин што се овозможува визуелен контакт со чаршијата, визури кон силуетата на градот, како и проветрување, и осветлување. На овој начин, се задржува отворениот карактер на пазарот кон контекстот.

Сл, 5. Подолжен пресек

Примарната функција на просторот се задржува. Тоа е трговско-комерцијалната намена исполнета со мали комерцијални единици кои генерално може да се развиваат во три категории: пренхранбени продукти, трговија и услуги. Со цел подигнување на стандардот и подобро функционирање на оваа групација од тезги и дуќани, значително се зголемуваат нејзините сервисни зони, кои се клучни за ефикасно функцинирање на објектот.

Сл, 6. Програмска диспозиција

Сл, 7. Основа на ниво – 1

Сл, 8. Основа на приземје

Сл, 9. Развој на новоа и конструкција

Секундарната конструкција која ја носи кровната покривка е формирана од прекршени челични рамки и столбови, кои формираат триаголни полиња. Во полињата се поставени рожници од кутијаст профил со димензии 24х12 цм, на кои е поставена кровна покривка од калзип систем.

Преку ваква современа форма пазарот станува препознатлив јавен простор/објект во градот чив карактер се стреми кон отвореност и флуидност. Неизградениот дел на објектот создава можност за создавање на понатамошни различни сценарија, како главен аспект на перформативниот пејсаж.

Од студентот

Сл, 10. Конструкција на кров и структура на секундарна фасада

Сл, 11. Визуализација на покриениот пазар

Сл, 12. Визуализација на покриениот пазар

Сл, 13. Визуализација на новопроектираниот пазар во постоечкиот контекстот