Признанија за четвртата година МАРХ Македонска архитектура

Веќе традиционално за роденденот доделуваме благодарници  или признанија за изминатата година, на луѓето кои придонесуваат кон промоција на домашното градителско наследство  во рамките на Македонија и надвор од неа.

Бевме сведоци на неодамнешното интернационално претставување на југословенската архитектура, во која значајно место зазема и домашната сцена. „Кон бетонска утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“  беше насловот на изложбата организирана во престижната МОМА, во Њујорк, каде на достоен начин беше преставено модерното и постмодерното наследство на Македонија.

Од Македонија, членови на кураторското советодавно тело на истражувањето и изложбата беа архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски, кои години наназад придонесуваат кон документирањето и архивирањето на она што е гордост за домашната сцена, воедно активно учествувајќи во образованието на студентите, нивното анимирање и вклучување во проекти од сличен карактер.

Затоа оваа година, одлучивме на овој тим, да му доделиме признанија за исклучителниот придонес кон промоцијата на македонската архитектура. Честитки! 🙂