Победнички решенија за фасадата на Цементарница Усје, ПАРАМЕТРИК И ГРАДИНА / Андријевски, Пејовски, Николовски, Николоски, Трајаноски

Дата на распишување на конкурс: 6.11.2017

Конкурс: Студентски конкурс за избор на најдобро решение за обнова на фасадни површини на објекти во сопственост на Цементарница Усје АД Скопје, Групација Титан

Тип на конкурс: Студентски, интерен во рамките на Архитектонски Факултет- Скопје

Автори: Сашо Андријевски, Мирослав Пејовски, Јосиф Николовски, Урош Николоски, Љубен Трајаноски

Конкурсот кој беше распишан од Архитектонскиот Факултет – Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје беше шанса да ги истакнеме нашите ставови во однос на прашањето за идната фасадата на Цементарница Усје која сметаме дека е исклучително значаен дел од југоисточната зона на градот. Претпријатието Цементарница Усје АД Скопје во потрага по обнова на изгледот на највидните структури и инсталации се обрати на студентите за свежи идеи, предизвик што ние го сфативме многу сериозно. Во процесот на истражувањето и концептуализацијата на новата фасада дојде до силно поларизирање на ставовите и следствено како сублимација на нашите гледишта, кои варираа од концептуални колоритни апликации до софистицирани зафати и монтажа на кабелски системи, произлегоа 3 труда со кои нашиот тим конкурираше. Во овој случај ќе ги елаборираме двете победнички решенија.

Сл, 1. Решение Параметрик – визуализација

ПАРАМЕТРИК

Предложеното решение е производ на нашата идеја за тоа каков визуелен идентитет треба да има фабриката. Како прв генеративен аспект е идејата за  интегрирањето на молекулата на цементот во целината, при тоа користејќи современ јазик и алатки при создавање на дизајнот за фасадата. Втората цел која сметавме дека е важна да се постигне е олеснување на масивноста на чистата геометриска форма на цилиндрите и доближување до формите на природата, како и интегрирање во неа. Иако фасадната обработка е едноставна за изведба и рентабилна (бојадисување следејќи едноставна ортогонална шема), футуристичкиот визуелен впечаток ќе ја подобри претставата за една фабрика во регионот.  Како дополнување на идејата за лесност на комплексот, предлагаме рефлектирачка обработка на објектите во склоп на силосите. Методата што ја користевме е дигитално генерирана текстура која ја менува својата структура во однос на даден криволиниски вектор. Постепеното зголемување и намалување на основниот елемент – точката резултира со визуелно згуснување и разретчување на формата на цилиндарот. Масивноста на силосите создаваат груба слика за околината во која се наоѓа самата фабрика и современиот лик на предложеното решение е начин да се измени оваа слика. Карактерот на фасадата има за цел да ја промени визуелната репрезентација на фабриката, притоа со нејзината современост и препознатливост да постави врска помеѓу модернитетот и изворноста на истата.

Од студентите

Сл, 2. Решение Параметрик – визуализација

ГРАДИНА

Идејата за фабрика – градина, всушност има за цел – дематеријализирање на силосите на фабриката преку нивна интеграција со околната природа на начин кој што прави симбиоза помеѓу индустријата и природата. Главна цел на решението е да го промени начинот на кој фабриката е перцепирана, а со самото тоа и зборот „индустрија“. Фасадното решение го формира дијагонална мрежеста композиција, сочинета од сајли и метални дистанцери, по кои предвидуваме да растат ластери. Мрежната структура има тенденција да се разретчува кон висината на силосите  и на тој начин го постигнува елементот на дематеријализација.
Фасадното решение, покрај тоа што има за цел да фабриката ја обвитка за зеленило, под зеленилото, на делови ќе биде видлива крутоста и изгледот на силосите, па јасно ќе се чита промената на карактерот и историјата на фабриката. Maсивните бетонски силоси покриени со обвивка од природата, комплетно ќе ја интегрираат фабриката во зеленилото, а со тоа фабриката ќе ја предводи идејата за еко-фабрика и свест, не само во земјата, туку и регионот.

Сл, 3. Решение Градина – визуализација

Сл, 4. Решение Градина – инструкции за монтажа

Сл, 5. Решение Градина – детал на фасаден сегмент

Сл, 6. Решение Градина – визуализација

Сл, 7. Решение Градина – визуализација

Сл, 8. Решение Параметрик – изглед

Сл, 9. Решение Параметрик – изглед

Сл, 10. Решение Параметрик – изглед

Сл, 11. Решение Параметрик – детал на фасаден сегмент

Сл, 12. Решение Параметрик – визуализација