Чифте Амам – Стара скопска чаршија / XV век

Период: втора половина на XV век

Локација: Стара скопска чаршија

Ктитор: Иса – Бег

Чифте амамот е културно историски споменик во самото јадро на Старата скопска чаршија. Тука од густо изградениот контекст се издвојува со својата големина и монументални куполи. Амамот (турска бања) датира од 15в, а денес е реадаптиран во уметничка галерија. Со оваа ревитализација обејктот продолжува да живее и во денешниот град, претставувајќи еден од клучните отомански споменици во Скопје.

Сл, 1. Чифте амам во потесниот контекст (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998)

Ктитор на градбата е третиот отомански управител на Скопје, Иса Бег. За време на неговото раководење со градот, тој изведува и други објекти вклучувајќи ја и Иса-беговата џамија.

Објектот го добива името од типологија на двоен (чифте) амам, но исто бил нарекуван и Иса-бегов амам, Бојаџиски амам, Јашар-бегов амам, а отоманскиот патописец Евија Челеби го нарекува и Шекил амам.

Сл, 2. Поглед од улицата (МАРХ.мк)

Парцелата на која тој се изведува се наоѓала во Бојаџиската чаршија, покрај истоимениот мегдан (плоштад) и близу реката Серава. Уште на почетокот наоколу објектот почнале да се надоврзуваат низа помали дуќани, кои со своите пристапни улици формирале блоковска структура во чиј центар е сместен амамот.

Сл, 3. Формација на блокот (Google Earth)

Чифте амамот ја заокружува исламската урбанистичка тројка сочинета од Сули Ан и Мурат-пашината џамија. Исламските тројки биле програмски групации во отоманските градви, сочинети од три јавни објекти: анови за преноќување, џамии за религиски обреди, амами за хигиена. Имало повеќе вакви тројки низ Скопската чаршијата, но оваа е единствената чии три објекти се сеуште зачувани.

Сл, 4. Исламска урбанистичка тројка – џамија, ан и амам (МАРХ.мк)

Амамот имал главна функција на градска бања, која освен за одржување на хигиената имала и голема социјална улога. Процесот на бањање бил друштвено случување кое со себе некогаш носело и одредени ритуали. Па така, во женскиот дел биле посебни обичаите на подготвување и бањање на невестите, кои биле проследени и со свадбарски песни.

Сл, 5. Мали куполи во ентериерот на машкиот дел (МАРХ.мк)

Тој функционира со оваа програма до 1916/17г. додека низ наредните години се пренаменува во тутунско здружение, работилница за сапун, кожарско претпријатије, а многу често служи едноставно како магацин.

Сл, 6. Скица од потесниот контекст (Завод за урбанизам и архитектура Скопје, Книга 20, 1967)

Првите поголеми штети на структурата на објектот биле за време на замјотресот во 1555г., кога се урнале двете големи куполи. По нивната обнова амамот продолжувала да функционира уште долги години, преживувајќи го и големиот пожар во Скопје во 1689г.

Три века подоцна 1963г., само кратко по почетокот на реконструкцијата на веќе старата структура на Чифте-амамот, Скопје е погодено од уште еден катастрофален земјотрес. Сеизмичките сили поврторно предизвикуваат големи штети на конструкцијата на градбата, посебно во неговиот североисточен дел.

Сл, 7. Оштетувања на големата купола од машкиот дел од амамот, предизвикани за време на земјотресот во 1963г.(Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998)

Низ наредните децении се развиваат неколку проекти за реконструкција на амамот, еден од кои е дело на Заводот за урбанизам и архитектура – Скопје, и предвидува реадаптација во угостителски објект. За отварање на фасадата кон ул. Битпазарска, авторите предвидуваат отстранување на дел од околните дуќани и креирање на плоштад. Тој би бил партерно уреден со зеленило, летна тераса и фонтана. Објектот е саниран и големите куполи се реконструирани со цел да се спречат понатамошни уривања, но планот за пренамена на објектот во ресторан никогаш не се реализира.

Сл, 8. План за реадаптација на амамот во угостителски објект со плоштад (Завод за урбанизам и архитектура Скопје, Книга 20, 1967)

Сл, 9. Визуализациа од планот за реадаптација на амамот во угостителски објект со плоштад (Завод за урбанизам и архитектура Скопје, Книга 20, 1967)

Чифте амамот останува во состојба на руини до 2002г. кога најпосле ја доживува својата целосна реконструкција. На градбата се прават низа измени со цел нејзина адаптација на новата програма – изложбен простор на Националната галерија на Македонија.

Сл, 10. Oснова на објектот денес (www.nationalgallery.mk)

Сл, 11. Реадаптација на просторот за бањање во машкиот дел од амамот (лево: Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998; десно: МАРХ.мк )

Сл, 12. Денешен влез на објектот (МАРХ.мк )

Чифте амам по типологија е двоен амам, кој содржи одвоени машки и женски дел, до кои се пристапува преку засебни влезови. Иако за двојните амами е типично двете партии да се споени по должина, во овој случај среќаваме поинакво решение каде деловите се споени по широчината на капалуците (просториите за бањање). Со ова се добива специфичната издолжена форма на градбата кој има вкупна површина од 1056м2.

Сл, 13. Oснова на амамот, од Е. Х. Ајверди (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998); Двојноста на Чифте амамот (МАРХ.мк)

Машкиот и женскиот дел се состојат од истите простории: гардероби, малку топлите простории, просториите за бањање, и халветите (вруќи делови за бањање). Кон машкиот дел оригинално се пристапувало од северозападната страна, тој имал повеќе простории и подетална внатрешна декорација. Од југоисточната страна се пристапувало кон женскиот дел, кој подоцна содржел и базен за бањање наманет за се поголемата еврејска популација во Скопје.

Сл, 14. Намена на просториите (МАРХ.мк)

Градбата е изѕидана од камен, тула и малтер, формирајќи дебели ѕидови кои имаат за цел изолација на објектот и задржување на топлината.  Ова е причината поради која тие немаат прозорски перфорации, освен во ладните делови кај гардеробите. За осветлување на топлите делови се поставени мали отвори на куполите кои зенитално ги осветлувале просториите.

Сл, 15. Гардеробата на машкиот дел на амамот (МАРХ.мк)

Фасадата е декорирана со правилно ѕидање-опус листатум, назабени венци од тула и орнаментални лаци над влезовите и прозорците. Објектот е покриен со сводови и куполи поставени над сите простории, правејќи збир од 20 куполи од различни димензии, поставени на тромпи и пандантифи.

Сл, 16. Детали од фасадата на амамот, опус-листатум, лачни декорации, назабени венци (МАРХ.мк)

Системот на загревање функционирал со хипокаусти, слично како кај римските терми. Хазната била потавена по должина на просториите за бањање, и во неа се ложело огништето чиј топол воздух циркулирал во испреградениот празен простор под подот. Овој систем се појавува под сите простории освен гардеробите, а ги загревал и ѕидовите преку циркулација на топлиот воздух низ керамичките цевки поставени во нив. Во Чифте амамот, е зачуван источниот женски халвет каде се изложени фрагменти од системот за загревање на бањата.

Сл, 17. Остатоци од системот за загравење кој се сотоел од хипокаусти и керамички цевки, источен халвет во женскиот дел на амамот (МАРХ.мк)

Внатрешниот изглед на амамот е збогатен со релјефни орнаменти, сталахтитни декорации, ромбоидни венци и декоративни ниши. Највпечатливите орнаменти се наоѓаат на самите лаци и под куполите.

Сл, 18, 19, 20. Декорации во ентериерот на амамот (МАРХ.мк)

Сл, 21. Декоративен фриз поставен на 1.2 висина од подот, се состоел од релејфни орнаменти во форма на стилизирани цветови (Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, 1998)

Амамот содржел и низа ентериени елементи кои денес не се присутни во објектот: мермерни подни плочи, шадрвани, мермерни возвишувања покрај ѕидовите наменети за бањање, и други на кои се лежело за потење и масажи. Во сите простории за бањање се наоѓале по некоку курни (камени корита), кои биле впечатливо декорирани по рабовите. Дел од овие ентериерни елементи се сеуште зачувани и изложени во денешната галерија Чифте Амам.

Сл, 22. Камени курни од капалуците на амамот (МАРХ.мк)

Сл, 23. Камена курна од источниот халвет на женскиот дел (МАРХ.мк)

Објектот денес е сеуште сместен во густото органско ткаење на чаршијата, кое е слично на оригиналниот контекст на првично изведениот амам. Иако со модернизацијата и надоградувањето на околните дуќани се затвараат дел од погледите кон објектот, тој со свите 20 куполи, сеуште доминира во силуетата на Старата скопска чаршија.

Сл, 24. Денешен контекст на амамот

Во процесот на реконструкциј ја губи својата оригнална намена што претставува штета за најголемиот зачуван амам на територијата на Македонија. Адаптацијата на објектот прави низа измени на старата архитектура, од кои би го издвоие поврзувањето на машкиот и женскиот дел, како позначителна измена на оригиналната архитектонска идеа. Со пробивање на премин меѓу овие две целини се менува основната просторна карактеристика на објектот како збир од два засебни и изолирани делови.

Ова ново линиско движење низ амамот е од корист на неговата денешна галериска програма, која во него изложува голем број на привремени уметнички изложби. Станувајќи актуелна културна точка, Чифте амамот, речиси 5 века после неговото градење, продолжува да функционира како јавен монументален објект.

Сл, 25.  Ентериер (МАРХ.мк)

Сл, 25, 26. Уметнички поставки во реадаптираниот амам (www.nationalgallery.mk)

Извор: Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски Споменици во Скопје, Скопје 1998; предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова; www.nationalgallery.mk.

Фотографии од денешна состојба: Борис Јурмовски