• February 4, 2018
  • martina-shteriova

Доделени наградите за конкурсот на темата „Индустрија во град“

Заврши конкурсот на Цементарница УСЈЕ и Архитектонскиот факултет од Скопје.

Во склоп на студентската изложба на архитектонските студија која се отвори на 02.02.2018г. на Архитектонскиот факултет во Скопје беа доделени и наградите за најдобрите студентски архитектонски решенија за обнова на фасадни површини на објекти во Цементарница УСЈЕ.

Цементарница УСЈЕ ги додели наградите по Конкурсот за најдобри архитектонски решенија за обнова на фасадите на силосите на компанијата, објавен за студентите од Архитектонскиот факултет, Скопје. Комисијата составена од претставници на Архитектонскиот факултет и Цементарница УСЈЕ додели вкупно четири награди за најдобри проекти. Две од нив припаѓаат на тимот составен од: Љубен Трајаноски, Мирослав Пејовски, Сашо Андријевски, Јосиф Николовски и Урош Николоски; вториот тим го сочинуваат: Валбона Фејза и Сања Аврамоска и третиот добитнички тим се студентите: Христина Мијалчева и Синиша Павловски.

Вкупниот награден фонд изнесуваше 74000 денари и секое од избраните решенија беше наградено со по 15000 денари. Сите учесници добија симболична награда за учество во конкурсот.

Задачата на конкурсот објавен од страна на Цементарница УСЈЕ и Архитектонскиот факултет од Скопје беше студентите да изработат архитектонски решенија за обнова на фасадните површини на објектите на силосите, преку предлози за површинска обработка, колоритно решение и ноќно осветлување.

Како оштествено одговорна компанија УСЈЕ, покрај континуираното модернизирање на технологијата и процедурите за производство, го иницира овој конкурс за обнова на фасадните површини со цел тие уште подобро да се вклопат во нивното непосредно опкружување.

„Им честитаме на студентите и на Архитектонскиот факултет за енергијата, за квалитетот и иновативноста на решенијата. Тие очигледно ја препознаа нашата визија за примена на најмодерни пристапи, која УСЈЕ ја следи и во своето производство и во односот кон заедницата, промовирајќи ги највисоките стандарди во заштитата и грижата за животната средина. Верувам дека ќе имаме нови можности за соработка во користењето на овие идејни решенија во идни нови проекти“, истакна главниот извршен директор на УСЈЕ, Борис Хрисафов, на свеченото доделување на наградите.

Цементарница УСЈЕ континуирано се залага за тесна соработка со заедницата и со образовните институции во сите проекти што тоа го дозволуваат. За тоа говорат не само бројните досегашни проекти, туку и признанијата што компанијата ги добива за својата општествена одговорност на национално и локално ниво.

„Оваа соработка со УСЈЕ е навистина исклучителен пример, кој треба да се промовира и следи. Ваквите проекти докажуваат дека успешните заеднички проекти на реалниот сектор и образованието не само што се можни, туку и обезбедуваат висок бенефит за двете страни – индустријата добива контакт со свежите идеи на иднината, а студентите можност да работат на реална основа и така да стекнат драгоцено искуство уште во текот на образовниот процес“, рече проф. д-р. Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Цементарница УСЈЕ, покрај тоа што ги награди, ги откупи 4-те избрани решенија за во иднина да подготви проектно решение за реализирање на обновувањето на фасадите на силосите на компанијата, што ќе отвори нови можности за соработка со образовните институции и студентите.

Мартина Штериова
фотографија: Васе АМАНИТО