ДОМОТ Е НАШ 2

Домот е наш 2 е работилница која ќе се одржи на 21ви септември во мензата на студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје. Работилницата ќе биде во форма на кратки дискусии и вежби помеѓу студентите сместени во домот и студенти од градот Скопје. Целта на оваа работилница е да се отвори дискусија на тема реанимација на дворот на студентскиот дом.

Иако отворениот простор околу студентскиот дом е многу важен како за станарите на домот, така и за сите жители на општина Карпош и на Скопје, тој е запоставен и се наоѓа во незавидни услови.

Реанимација на овој двор не би значело само обновување и подобрување на физичките услови на овој отворен простор, туку и заживување и внесување на програма којашто би го направила овој простор атрактивен за сите млади луѓе. Целта на проектот е да се направи brainstorming на идеи кои студентите би сакале да ги видат реализирани, но и да се поттикне иницијатива кај нив за активно вклучување во понудата на програма за истиот простор.

Работилницата ќе биде водена од 5 млади тутори и активни граѓани во Скопје со различна професионална позадина. Тутори се : Стефан Момиќ, Ивана Балабанова, Милош Андоновски , Раде Кекеновски и Кристијан Калинов.

Домот е наш 2 е настан организиран од МЕЛЕЕМ Скопје – Здружение за развој на урбана култура и актуелизација на простор кое се занимава со актуелизација на заборавени простори во градот од граѓаните и институциите, а кои имаат огромен потенцијал.

Првиот настан Домот е наш се случи во 2013та година, кога МЕЛЕЕМ организираше предавање на архитектот на комплексот, Георги Константиновски, во платото на домот. Од тогаш до денес, се случија многу други културни настани, како и се реновираа 2 згради од домот.

МЕЛЕЕМ верува дека работата кон оваа зграда е заедничка на повеќе организации, студентите, граѓаните и институциите и затоа, Домот е наш.

Оваа активност е дел од „Домот е наш 2“, имплементиран од страна на добитникот на Наградата за младинско учество, МЕЛЕЕМ Скопје – Здружение заразвој на урбана култура и актуелизација на простор, и е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.