Отворена првата годишна изложба на студентите од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер

Во вторникот 28 јуни 2019 година во просториите на музеј на град Скопје беше отворена првата годишна изложба на студентите од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер.

Поставките на оваа изложба, повеќе од 200 цртежи, макети и нацрти се студентски проекти изработени по предметите: Стилови и декорација, Ликовно изразување со пластично обликување, Перспектива, Композиција, осветлување и бои, Проектирање-основи и реализација и Индустриски дизајн- современи движења, во текот на деветгодишното постоење на факултетот.

Ваквиот начин на презентација претставува уникатна можност јавноста да ги запознае идните дизајнери но и начинот на кој една идеја го минува својот пат и трансформација од замисла до конечен производ.

На свеченото отворање, на гостите им се обратија Деканот на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер – Проф. Д-р Зоран Трпоски, Проф. Д-р Елена Никољски-Паневски и Градоначалникот на Општина Гази Баба- Борис Георгиевски.

Во своето обраќање, деканот ФДТМЕ – Проф. Д-р Зоран Трпоски, го посочи развојниот пат на факултетот кој започнува во далечната 1947 година со основањето на  Земјоделско – шумарскиот факултет, за подоцна во 1975 истиот да се издвои како посебна институција Шумарски факултет, кој ќе одигра огромна улога во развојот на дрвната индустрија во нашата земја.

Следејќи ги модерните образовни текови во 2010 година, како посебна институција, се издвојува Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, во кој полето на научно-истражувачката работа и наставата е од областа на технологиите за обработка на дрво, како носители на дизајнот на мебел и ентериер.

Градоначалникот на општина Гази Баба – Борис Георгиевски, во чии рамки се наоѓа ФДТМЕ во своето обраќање, им честиташе на студентите и професорите за организацијата на првата изложба, ја потенцираше досегашната соработката со факултетот, која е преточена во конкретни проекти како што се ентериерите на Детското село, културниот дом во Автокоманда и просторот на јавното претпријатие на општина Гази баба и најави уште многу заеднички проекти и во иднина.

Проф. Д-р Елена Никољски-Паневски, која заедно со тимот студенти од четврта година ја организираше оваа изложба, во своето обраќање го истакна значењето на тимската работа во дизајнирањето на мебелот и ентериерот. Дизајнот се работи во тим. Тимот треба да содржи: технолог, конструктор, економист….

Во средиште на тимот секогаш се наоѓа дизајнерот: не затоа што е најважен, туку затоа што тој е врската. Затоа дизајнерите секогаш треба да се скромни и отворени за соработка.

Изложбата ќе биде отворена до 2 јуни.