„Fragility“ / Хаџи – Василева

Автор: Елпида Хаџи-Василева

Година: 2015

Локација на изложување: Галерија „Фабрика“, Брајтон, Англија

Поддрживач: Art Council England, Brighton and Hove

Архитект: Перо Бојков

Инженер: TJ Thickett & Associates

Фотографии: Bernard G Mills, Tom Thistlethwaite

Извори: elpihv.co.ukcandidmagazine.com/

 

Простор кој лебди и рефлектира, посветен на последните моменти од животот или „преминот“ кон белата светлина (како ја опишуваат често луѓето) е инспиративниот тригер на  Елпида Хаџи-Василева во креирањето на иснсталацијата „Fragility“.

 

Инсталацијата беше специјално креирана и поставена во објект кој служел во минатото како црковен храм, а денес ја вдомува галеријата „Фабрика“ (Brighton’s Fabrica art gallery) во Брајтон, Англија. Посетителите на галеријата можеа да го видат делото на Хаџи-Василева од 8ми јули до 23 август, 2015 година.

Насловот „Fragility“ размислува за процесот на животот, неговото исцрпување и доближувањето до смртта. Сите константно го планираме животот, но никој не ја планира својата смрт, т.е заминувањето од овој свет. Сите сме опседнати со него, но истовремено сите и се плашиме од неговиот крај. Авторот посакува да погледне низ значењето на смртта, обидувајќи се тоа да го стори од позитивен агол или бар да ја поттикне дискусијата за  неа. Тргнувајќи од таа мисла, Елпида креира простор во кој отворено ќе дискутираме за „крајот“.

Инсталацијата е изработена од мрежна стомачна мембрана на свињите, која најчесто во месната индустрија се води како индустриски отпад. Неслучајно е избрана истата, која ги држи органите, а притоа има изразена структура на вени низ кои циркулирала крвта.  Таа е еластична и неправилна, но со хемиска обработка и извлекување, а потоа и колажирање се добива патерн од кој, авторот формира проѕирни панели. Во некои од вените се забележува остаток од згрутчена крв, што дополнително го потикнува чувството на смрзнатост на моментот т.е прекин на текот што создава енергија, а таа пак живот.

Делото е специјално креирано за просторот во кој се изложува, инспирирајќи се од црковната архитектура на објектот, притоа создавајќи црква во црква. Во истата се имплентираат и православните правила на организација на храмот, влегувајќи од запад и насочувајќи го погледот кон олтарната фокусна точка на исток. Архитектурата е креирана од слоеви налик завеси, кои на одредено растојание го надвиснуваат просторот.

Го истакнуваат засводувањето и кон стабилната точка на подот тие веќе исчезнуваат, со што се постигнува ефектот на лебдење.

Во инсталацијата е креиран и полузатворен  простор, во кој се потикнува осамувањето во истиот како момент за себе, насочувајќи го погледот кон висината како правец или посакување. Од истата точка е овозможен и поглед кон просторот од каде сте пристапиле, свртувајќи се назад и поентирајќи кон прозорот кој ја внесува светлината во просторот.

Природата на материјалот ја истакнува редуцираната пропустливост на светлоста, потенцирајќи го патот на крвта низ истакнатите вени. Материјалот е добиен од убиено животно, од чие тело животот исчезнал многу брзо. Креирајќи простор од остатоците на тоа тело, Хаџи-Василева ја отвора вратата на размислување за останатото и можноста за постоењето на нешто повеќе од животот во „заробеното тело“. Ослободувањето на тоа тело, можеби значи и премин кон подобро.

 

Ф.К