Гран-при за ТЕТРАКТИС на биенале во Минск

Од 9 до 11 Ноември, во Минск, Белорусија, во Палатата на уметностите беше оддржано доделување на награди на победниците на 12-тиот Национален Архитектонски фестивал, посветен на 950-тата годишнина на градот Минск.

Целиот настан беше под покровителство на Белоруската Унија на Архитекти, со поддршка од Министерството за Архитектура и Градежништво.

Во рамките на настанот се оддржа и интернационалното Биенале за млади архитекти – Леонардо 2017, во кое зедоа учество млади архитекти од 17 земји, и беа изложени повеќе од 120 проекти. Наградувањето беше под надлежност на Интернационалната Унија на Архитекти и Интернационалната Асоцијација на Архитектонски Унии.

На биеналето Леонардо 2017 учествуваше и македонското проектантско биро ТЕТРАКТИС Кристијан ДООЕЛ кое ја освои Гран-При наградата во категорија проекти.

Наградата беше доделена во категоријата “Пејзажна архитектура, урбан дизајн, монументална уметност и скулптурална архитектура”, за проектот “ Конзервација, реконструкција и адаптација на црквата “Св. Никола” во Mаврово. Автори на проектот се Соња Милачиќ, Ана Наумова и Анета Николова, под менторство на Кристијан Јорданов.

Поради видливите оштетувања, како и големиот ризик од целосно уништување на некогашниот верски храм, доста е актуелна иницијативата за заживување, санација и заштита на црквата која е евидентиран споменик на културата во Македонија.

Загрижувачки е фактот што во последната катастарска снимка на Македонија црквата не е регистрирана како постоечки објект.

Храмот е изграден во 1850 година и е конципиран како трикоробна црква со петострана апсида, кула камбанарија и иконостас изработен од Дичо Зограф, прочуен мајстор зограф од реканскиот регион.

И денес црквата е извонреден примерок на македонската архитектура од средината на 19 век, која локалните жители сеуште ја доживуваат како свет објект.

На 29 Март 2016-тата година, МАРХ креираше посебна објава за проектот на Тетрактис. Објавата можете да ја погледнете на следниот линк >>>>>>

 

Антонио Грујевски