Хотел во Пештани / Толкова, Трајановски

Година: 2017/2018

Тема: Нови фронтови на вода – хотел во Пештани, Охридско Езеро

Автори: Билјана Толкова, Горан Трајановски

Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Проф. д-р Саша Тасиќ, Викторија Богданова, Александар Петановски и Гордан Петров.

Локација: Пештани, Охридско Езеро

„Проектот се базира на идејата за поставување на репер изразен преку доминантна вертикала која ќе означи значајно место во самата населба, родено  како плод на традицијата и новото време, место кое би му вдахнало младешки дух на Пештани, но во исто време  ќе се поклони кон Охридската Архитектонска Школа.

Целокупната програма на хотелот  е сместена во една кула, а покрај тоа, во проектот размислувано е и за непосредната околина. Така, веднаш до самиот објект се формира мал плоштад којшто прави комуникација и врска со широката улица поставена нормално на него, а токму под ова ниво е решено паркирањето. Источно од објектот, постоечката ширина формирана со повлекувањето на објектите од уличниот фронт, е предвидена како место за собири, саеми, пазари и сл., а за таа цел, во објектите коишто се наоѓаат на нејзиниот раб, се предвидува активно приземје, односно разни гостилници, риболовни друштва, продавници за сувенири и сл.

Целиот овој комплекс функционира како целина и покрај тоа што го сече сообраќајница, а тоа е замислено како зона со посебен режим на движење. Плажата е на ниво подолу, до коешто се пристигнува со помош на пешачки рампи на двете страни соодветно. Тоа е потенцирано и со нискиот бедем кој на ниво на шеталиштето може да се користи како места за одмарање, односно уживање во погледот кон езерската шир. Исто така, овозможено е пристигнување и по воден пат, така што предвидено е и пристаниште коешто со својата форма формира еден вид ,,воден” двор.

Пресек 1-1

Објектот е проектиран согласно сите врски на различните простори коишто е неопходно да постојат во еден хотел, сместени на деветнаесет нивоа. Користен е проектантски модул од 420 и 660см со комбинација АБА. Посебен предизвик беше да се овозможи нивна конекција во ваквата стегната вертикала која од приземјето, се’ до најгорниот кат се развива во еден волумен.


Квадратната геометрија на основите, се рефлектира и може да биде прочитана и во фасадните платна, со наизменично длабење на шуплини на секои два ката соодветно, коишто од своја страна добиваат намена која го разбранува станбениот дел и му дава еден посебен жар на вообичаените хотелските ходници и скалишните краци, овој пат поставени по периметарот на внатрешниот атриум и во постојана визуелна позвраност со останатите катови, како и со околниот контекст.

Општествениот дел генерално ги завзема долните катови на објектот, иако се преплетува и нагоре, во делот на станбените катови, во вид на отворени мултифункционални тераси кои би вдомиле различни содржини, со што почесто би се користеле и скалите како комуникации, наместо лифтовите, па гостите пристигнувајќи до својата соба, би поминале една интересна и поразлична променада низ отворените тераси и погледите кои тие ги нудат, стигнувајќи се до панорамскиот бар на најгорното ниво.

Пресек 2-2

Станбениот дел е сочинет од комбинација на соба со два единечни кревети, соба со двоен кревет, соба за хендикепирани лица или пак бизнис апартман. Истите добиваат различна ориентација, кон Охридското Езеро, кон планината Галичица, или пак бочно, со можност за уживање и давање на значење на сите природни убавини кои ги поседува ова место.

Во процесот на обмислување на проектот, размислувано е и за материјализацијата на истиот. Се предлага една специфична материјализација со бетон, односно ѕидови кои во својата структура се составени од изолација вградена во бетон, искрено покажан и видлив во ентериерот и екстериерот на објектот. На тој начин се добива една поинаква атмосфера во собите на хотелот, а бетонот иако навидум ,,ладен’’ материјал, со својата топлина не би се наметнал на контекстот и би овозможил доминација на природните убавини.“

 

Ф.К