Отворен повикот за учество на најголемиот саем на уметност во Македонија – Ин Ситу

June 23, 2018

Ин Ситу саем на уметност – Скопје

 contact@insitu.mk

Меѓународниот саем на уметност„Ин Ситу“ – досега познат како Паратисима Скопје, за својот прв јубилеј на своето петто издание оваа година се ре-брендира, постанувајќи единствен независен саем на уметност од овој вид и размер во Македонија.

Петтото издание на саемот, кој досега претстави повеќе од 450 независни автори учесници кои потекнуваат од 39 земји ќе се одржи од 13 – 15 септември во Младинскиот културен центар, Скопје.

Повикот за учество во поставката за визуелни уметности, оваа година курирана од Ана Франговска,ќе биде отворен до 15 јули додека за учество во изложбената поставка за дизајн, под кураторство на Драган Христов – Лудус, може да се аплицира до 20 јули.

Саемската програма посветена на архитектурата ќе ја курираат Слободан Велески и Марија Мано Велевска правејќи внимателна селекција на странски предавачи кои во соработка со локалниот сектор ќе имаат можност да започнат значајна размена и соработки.

„Ин Ситу воспоставува комуникација помеѓу „локалното“ и „меѓународното“ по повеќе основи;  пред сѐ во контекст на исклучителните и сериозни соработки вклучени во процесот на презентирање на поставките и програмата, потоа преку квалитетот на условите за изложување на независната сцена, а воедно и во однос на разновидната програма која не само што создава нова, многубројна публика и ја одржува љубопитноста, туку ја пласира македонската сцена како рамноправна со меѓународната. Во улога на културен катализатор, Ин Ситу го премостува  и нашиот локален јаз, обединувајќи  ги различностите во изразувањето, потеклото, познанствата, возраста, академската поткрепа и сите  други „формалности“ кои досега беа (зло)употребувани како изговор за професионална видливост и творечка препознатливост.“ – изјава од Бојана Стојменовска, организатор на саемот за уметност Ин Ситу.

„Драги креативци од областа на визуелните уметности, сега добивме наш, национален бренд за уметнички саем по модел на светските саеми за уметност, како потентна лабораторија за визуелен кондензиран потенцијал. И низ историјата саемите беа местата од каде се раѓаа и презентираа сите значајни уметници, а секако и концептот на ‘саемот на одбиените’ е дискурс кој дава еквилибриум во дихотомната егзистенцијалност на овие манифестации. Во „Ин-ситу“ нема примени и одбиени, туку сите сте и повеќе од добредојдени да се пријавите за учество, па да се преброиме и да дадеме еден реален преглед за состојбите со рецентната визуелна уметност и локално, а и во регионот. За бенефитите од ваквиот начин на презентација и промоција и не треба многу да се говори, бидејќи истите се слоевити: многубројна публика, меѓународна визибилност, потенцијал за идни проекти, награди итн. Се гледаме на Ин-ситу!“- изјава од Ана Франговска

„Ребрендирањето на саемот е  почеток на ново поглавје каде фокусот ќе биде  квалитетот во понатамошниот развој на популарниот саем. Ги поканувам сите дизајнери кај нас, регионот и пошироко и ги охрабрувам да ги претстават најновите колекции, производи и прототипи пред нашата многубројна публика и да ја искористат единствената можност што Ин Ситу ќе им ја понуди како саем со интернационален карактер, бројна публика, посетеност и награди од различен вид.“ – изјава од Драган Христов.

„Саемот оваа година го проширува своето поле на делување со вклучување на архитектурата како конститутивен сегмент во програмската структура на настанот, со што значително се збогатува и проширува можноста за промоција на нови креативни содржини. Делот за архитектурата го сочинуваат серија предавања и дискусии насловени како UP2COME Architecture каде ќе бидат претставени млади но веќе етаблирани архитектонски бироа од регионот и пошироко. Сметме дека овој формат дозволува поголема интеракција и непосредна размена на искуства помеѓу публиката и гостите, а притоа  значително ќе придонесе во збогатување на знаењата не само во однос на продукцијата и креативното творештво туку ќе навлезе и во комплексниот систем на раководење на архитектонско биро и справување со предизвиците на професијата кои се надвор или гранично го допираат креативното поле на архитектурата“  – изјава од Слободан Велевски и Марија Мано Велевска

Тричлено жири ќе биде селектор на учесници кои ќе бидат наградени со независни изложби, учество на меѓународни саеми надвор од Македонија и можности за професионален развој и претставување.

Овогодишната програма на саемот ќе содржи три програмски единици: уметност, дизајн и архитектура, проследени со „off“-програма од предавања, работилници, проекции и музички настапи во соработка со национални и меѓународни автори и организации.

Бескомпромисно инсистирајќи на подигнување на стандардот во изложувањето на уметностите и дизајнот, Ин Ситу продолжува да нуди програма која несомнено придонесува кон раст и развој на препознатлива и прогресивна културно-уметничка сцена во Македонија.

Вклучени линкови во текстот:

Повикот за учество во поставката за визуелни уметности – https://insitu.mk/mk/otvoren-povik/

учество во изложбената поставка за дизајн – https://insitu.mk/mk/otvoren-povik-dizajn/

 

Автор на статија:

| / / |