БЕСКОНЕЧНА СОБА

14.06.2018

Фотографии: Борис Јурмовски

Вчера, на 13.06.2018 година (среда), со почеток во 20:00 часот, во Младинскиот Културен Центар во Скопје, се отвори архитектонската изложба под наслов „Бесконечна соба“. На изложбата се претставени пет архитектонски проекти пријавени на меѓународни конкурси во Скопје, Варна и Загреб, работени во периодот помеѓу 2013 и 2018 година.

 

На отворањето се обрати и  професорот, архитект Мартин Гулевски, кои  има свој осврт за изложбата во печатената брошура. Меѓу другото ќе истакне: „ Архитектонски конкурс-мегдан за професионална демонстрација на авторски идеи, ставови, искуства, знаења и умеења во формирањето архитектонски простор за зададена тема во дефинирани програмски и просторни услови. Предизвик за секој творец којшто се почитува себеси и се смета за професионалец. Опит од кој се учи, се проширува хоризонтот на сознанијата, професионално се расте. Резултатите секогаш се поучни. Важно е да се учествува!“

Оваа современа архитектонска поставка ја симулира силната врска помеѓу архитектот и местото на создавање, актуализирајќи ги прашањата за неговата улога во општеството. Петте проекти нудат наши размисли за можните начини на делување во преостанатите празнини во еден современ град.

Појдовна точка при конципирањето на изложбата е собата како симбол на бесконечната творечката слобода. Собата претставува тежиште на креативна енергија на авторите и креативен вакуум низ кој се испреплетуваат петте проекти. Творејќи во овој простор авторите ја омекнуваат границата помеѓу архитектонската мечта и неизбежното секојдневие. Интимната врска меѓу авторот и собата претставува прибежиште, место на инспирацијa, поттик за систематичност, дисциплина и љубопитно  истражување.

Проектите се работени од тимови составени од осум млади автори: Бранислава Ѓорѓевиќ Атанасовска, Елена Пазарџиевска, Нина Карангелеска Тодоровска, Марија Димитриевска, Силвија Шалева, Стефан Тодоровски, Биљана Смилеска и Никола Кунгуловски.