Како помина „СКОПЈЕ 55“

November 7, 2018

Од 27ми до 30ти октомври 2018та траеше проектот Скопје 55 организиран од МЕЛЕЕМ и ги вклучуваше следните активности:

Работилница која се одржуваше во Музејот на Град Скопје каде учество земаа 16 студенти по архитектура. За време на работилницата студентите изработија емотивни мапи за Скопје каде тие ги представија своите дневни патеки и најчесто посетени места во градот. Потоа сите ги споделија своите мапи со останатите учесници каде се разви дискусија околу проблемите, но и позитивните аспекти на градот во сите различни населби.

 

 

Како резултат на сите овие мапи се изработи урбана инсталација од привремен карактер во размер 1 на 1, која што беше инспирирана од мапа на студент, но прилагодена на теренот. Инсталацијата беше работена од материјал црвено црево. Таа беше поставена во паркот Форум кој има огромен потенцијал да стане новиот алтернативен центар на градот. Тоа е зелен јавен простор кој моментално е запуштен и заборавен, но има одлучини услови со одржување да прими најразлични активности. Инсталацијата беше поставена тука од 30ти до 5ти ноември со цел да го привлече вниманието на граѓаните и надлежните институции.

Дополнително на работилницата беше организирана тура со архитектот Трајко Димитров кој ги прошета студентите околу објектот на Палома Бјанка, задниот двор и паркот Форум. Архитектот им објасни на студентите каков бил процесот на изградба на сите згради од целиот блок од неговото лично искуство.

Исто така како дел од вечерната програма се организираа две предавања и дискусии во кафе КОТУР, во паркот Форум, каде учество земаа активни граѓани на Скопје, архитекти, но и граѓани со други професии и разговараа за како нивното делување ги тангира проблемите на градот и нуди различна перспектива и решенија.

На 28ми октомври 2018та гости беа

  1. Христина Секулоска и Ирена Милојеска ХИМА, кои ги споделија своите интернационални искуства со конкурсите за светлина и инсталацијата на Паратисима. Исто така споделија за овогодинешната INCM средба која по нивна заслуга ќе се случи во Трпејца и повикаа на вклученост од страна на студентите и сите зиантересирани. За повеќе информации следете ја фејсбук страната EASA Macedonia
  2. Мартин Пановски од Радиус и ААМ, зборуваше за интервенцијата врз остатоците на Езерце и последователниот третмант врз ваков тип на интервенции. Тој исто така го сподели со публиката поимот Баукултура под чија тема беше овогодинешното биенале на македонската архитектура, како и важноста на овој поим да се користи не само во проектирањето туку и во секојдневното живеење.
  3. Филип Конески и Мартина Штериова од МАРХ ги споделија целите за отворање на овој веб сајт за архитектура и идните планови. Тие зборуваа за проектот Бетонско Скопје кој можете да си го набавите во МКЦ и потенцираа дека ги подржуваат студентите да ги споделуваат нивните проекти на овој вебсајт затоа што тие имаат посебна вредност и искреност и се голема инспирација за целата архитектонска сцена. Филип Конески нагласи дека е важно да се доближи архитектурата кон сите луѓе, а не само да биде во круговите на фелата.
  4. Васил Шемковски разговараше за неговиот пат кон станување илустратор и за раѓањето на боенката за возрасни Скопје 091. Тој ја мотивираше публиката со својот говор да го сака Скопје, и да го работи тоа што сака, но со позитивна мисла за својот град.
  5. Дарко Поповски од бендовите Ego Disco и Pluto’s Doubts го искажа своето незадоволство за недоволна понуда на простори за проби за македонските бендови во Скопје и ја претстави својата замисла за објект во кој бендовите ќе имаат своја соба, меѓутоа и простор помеѓу каде ќе можат да се среќаваат и споделуваат идеи. Тој спомна дека објектот на поранешно макотекс е моментално мала верзија на неговата замисла и реална потреба, но дека треба да се работи посериозно за да се стигне до овој сон да стане реалност.
  6. За крај како неочекувани гости, на наше особено задоволство се вклучија претставници од организацијата Cultural Echoes кои се занимаваат со промоција и документирање на запуштените индустриски згради и нивна реактивација со активности потребни на сите граѓани во македонските градови. Повеќе можете да се инормирате на нивниот фејсбук пејџ.

Втората вечер дискусии гости беа:

 

  1. Владо Данаилов од Архи.тек и Студио 90 кој ги сподели искуствата со едномесечното издание кое го работи со Мила Димитровска и се издаваше на Архитектонски Факултет Скопје. Тој ја издвои статијата Скопје 2063 од архи.тек каде се зборува за Скопје во иднината. Исто така тој го сподели проектот за студентски дом кој го има работено со Елена Тасевска со кој го води студио 90 и ги образложи просторните квалитети на соби кои имаат мала површина во основа на двовисински простор достоен за две лица. Владо во две прилики го цитираше авторот Влада Урошевиќ, и неговите зборови за Скопје и градот.
  2. Даница Павловска Циги зборуваше за Го сакам ГТЦ и низата активности кои се случуваа во 2014та година како протест против поставување на фасада врз објектот на ГТЦ. Таа потенцираше дека акцијата била мирољубива и имала цел да го сака и да го гушка објектот, тоа било препознаено од многу повеќе луѓе отколку што таа очекувала и на настанот се појавиле граѓани од сите населби на Скопје. Таа разговараше за сите правни постапки кои што биле превземени за да се заштити објектот.
  3. Маја Лозаноска од МЕЛЕЕМ ја претстави работата на организацијата МЕЛЕЕМ, но од економски и организациски аспект. Таа ги претстави сите предизвици со кои една организација се соочува, како бирократски и административни. Маја ја охрабри младата публика дека за да се организира еден настан или да се постави една урбана инсталација како оние на МЕЛЕЕМ, не е само да се нацрта, туку дека треба да се завршат и други аспекти и барања, но без разлика на тоа, сето тоа се постигнува во интердисциплинарен тим на млади луѓе.
  4. Иван Шопов автор на антиразгледници Скопје 091, прочита неколку текстови од неговата книга и алудираше дека почуствувал порив да пишува за Скопје кое го сака во моментот кога сите имале негативен став. Тој исто така го цитираше Влада Урошевиќ, кој треба сите да го прочитаме.

 

На крајот од двете предавања се разви дискусија каде публиката активно учествуваше. Посетеноста на настанот докажа дека вакви интердисциплинарни дискусии на луѓе од различни возрасти се важни за нашиот град и МЕЛЕЕМ ќе продолжи да ги организира и во иднина.

 

Проектот Скопје 55 има за цел да проектира визии за градот Скопје 55 години по земјотресот, да отвори прашања без егзактни одговори, да провоцира дискусија и актуелизира заборавени простори во градот Скопје кој имаат огромен потенцијал за решавање на актуелни прашања.

 

Водачи на работилниците беа: Сара Симоска, Калиа Димитрова и Ирене Манцини.

 

Проектот е финансиран од Министертвото за Култура на Република Македонија.

 

Автор на статија:

| / / / |