Kонкурсен труд за архитектонско-урбанистичко уредување на ридот Кале / Андонова, Мицевска, Милојеска

Автори:  Андонова Елена, Мицевска Натали, Милојеска Ирена
Година: 2019

Ридот на Кале е празнина во урбаното миле на градот, издигнувајќи се над скопската панорама бидувајќи меѓа меѓу традиционалниот балкански град на северната страна и стремежот кон европеизација на јужната страна. Иако во централното градско подрачје,во обидот да се заштити како културна целина (класифицирајќи го како заштитино зеленило) заедно со објектот на МСУ кој со својата белина се издигнува стоички како Акропол, ридот со својата статичност и неартикулираност на пејзаж тоне и се губи во колективната меморија на градот како место за активни случувања.

 

 

 

 

Оставен на забот на времето, обраснат со плевел, налик епизода на Зона на Самракот при првите знаци на стемнување. Долгата транзиција го има оддадено својот белег во непланско поставените субстандардни објекти за домување нанижани долж источната страна на ридот и неговата спонтана фрагментација. Ридот на Калето е ничија земја, оставен како простор помеѓу, и во просторна и во функционална и во временска смисла. Читајќи го ридот како урбан архипелаг, фрагментите кои се јавуваат формираат острови – некои повеќе некои помалку порозни, острови на неконтролиран урбан раст, музејскиот остров, островот на тврдината , остров формиран од самата топографија на јужната страна. Овие острови со своите внатрешни рабови ја формираат ним им инверзната слика т.е. празнината. Цитирајќи го Рем Коолхас, онаму каде нема ништо се е возможно, онаму каде има архитектура ништо (повеќе) не е возможно. Авторите ја бираат токму празнината како свој остров на потенцијали т.е. како оперативно поле за архитектонските интервенции.

 

 

Авторите на ова идејно решение ја препознаваат и почитуваат вредноста на еден таков градски акропол возвишен над градското секојдневие. Затоа нивниот пристап е понизен, архитектонски минимален и ефемерален, но сепак како гест присутен. Идејата е преку минимална архитектонска интервенција да се создаде плетора на можни идни настани и случувања. Целта е да се покаже архитектурата, но да се нагласи пејзажот. Препознавајќи го МСУ како жариште и единствена програма на ридот, авторите го користат растерот т.е. модуларната мрежа на столбовите на тремот како би ги поставиле идните програми долж ридот.

 

 

Идејата на растер столбови (од тремот на МСУ) продолжува подолжно по целиот рид во форма на ефемерален павиљон, со растер формиран од  тополи, кој идеолошки се врзува со идејата на Кензо Танге за новите бедеми/утврдувања на градот. Оската на растерот столбови на тремот на МСУ ја дели празнината подложно на 6 џеба на кои им се зададени програми од јавен и колективен карактер.

 

 

 

Пристапувањето кон ридот со новопредвидените содржини е од две точки. Задржано е врзувањето со постојната патека низ Чаршијата и источнојужната влезна точка, а предвидено е и ново физичко врзување од западната страна на ридот преку патека која ги следи изохипсите обезбедувајќи панорами на различни висински точки и врзувајќи ја новата програма со спортскорекреативниот центар. Предвидените програми се поставени на начин да сугерираат одредена рута на движење подолжно низ ридот.

 

 

Првиот џеб е воведен, информативен со музејска продавница, инфопоинт, тоалети како и еден од павиљоните предвидени за дел од музејската збирка на МСУ. Овој џеб е потонат во зеленило, каде архитектурата е второстепена на пејзажот. Вториот џеб е сосема отворен кон скопската панорама налик плато, со павиљон решен во гест кој го нагласува погледот а во него содржи бифе и летна сцена.

 

 

Третиот џеб е посветен на најмладите, каде во павиљоните би се организирале детски работилници врзани со уметноста (учење на среќа низ игра). Тој е помеѓу музејскиот остров и еден од островите на неконтролирано урбано ширење. Четвртиот џеб е посветен на јавните задоволства. Во колективната меморија просторот окулу МСУ е простор кој неретко се користи од младите генерации за вечерни собиранки, прослави и дружби. Малото плато пред тремот со својот павиљон те парти архитектура не се наметнува на архитектурата на МСУ, напротив ги врамува погледите кон градот и планината Водно.

 

 

Петтиот џеб исто како и првиот е потонат во зеленило и ги содржи вториот павиљон за потребите на МСУ како и работилници од уметнички карактер, создавање на уметнички дела додека се бидеува опкружен со природа и уметност.

 

 

Шестиот џеб со ориентација кон градската панорама содржи во себе павиљонте парти архитектура за аудиовизуелни перформанси (претставување на различни актови на уметност преку аудиовизуелни хармонии). На самиот крај на ридот на најдалечната точка се предвидени павиљони за приватни задоволства (осамување и/или бидувањее заедно и пронаоѓање на вистинската смисла на животот).

 

 

Планот на павиљоните е неутрален, тој може да прими секаква програма и да се прилагоди на секое идно сценарио. План кој дозволува да се случи било каква промена,замена без да се промени првичната хипотеза.

 

 

Авторите не се дефинитивни и статични во именувањето на програмата на секој павиљон и на секој џеб со цел да се остави простор за слободно интерпретирање на начинот на случување на активностите, како и да се избегне класично видување на типолошки простор по стандардните нормативи на проектирање на истиот.

 

 

Овие интервенции просторно и функционално се со отворен крај, ја прифаќаат непредвидливоста на иднината и формираат нов остров на случувања како на архипелагот кој е ридот Кале така и во целината на скопското урбано миле.