Конкурсен труд – Затворен пливачки базен / Љ. Реџепи, Е. Север

September 10, 2018

Година: 2018

Дата на распишување на конкурс: 28.06.2018

Тема: Конкурс за избор на идејно решение за затворен пливачки базен

Автори: Љавдрим Реџепи и Енес Север

Инвеститор: Агенција за млади и спорт

Неодамна беше распишан конкурс од Агенција за млади и спорт со конкретен опис на предметот: „За потребите на Агенцијата за млади и спорт треба да се изработи, Идејно решение за Затворен пливачки базен. Потребно е да се испроектира објект наменет за спортови на вода во затворен простор. Просторот треба да се дефинира тематски, односно да се креира тема која ќе ги поврзе во целина објектите во непосредната средина или комплексот. Изборот на темата, треба да одговори на интересите на хетерогена старосна структура на посетители.“

Во прилог ви го презентираме проектот рангиран со трета награда од жири комисијата, кој е дело на авторите Љавдрим Реџепи и Енес Север.

Сл. 1 – Визуелизација

Затворениот пливачки базен е сместен на локација која во непосредна близина има различни спортски објекти, како на пример спортска сала, игралиште за фудбал, отворен пливачки базен, терени за играње тенис, како и парк и зеленило кои овозможуваат различни активности за различната или хетерогената старосна структура на посетители. Значи, објектот е сместен во спортски комплекс со што се овозможува креирање на микролокација со разни спортски активности. Поставен на рамен терен, објектот е лесно пристапен од две страни, каде е овозможено и паркирање во рамки на локацијата.

Сл. 2 – Концепт

Водечка идеја при проектирање на базенот е модуларноста, со што се истражуваат можностите за формирање на архитектонска форма од еден основен модул преку формални методи како: мултипликација, одземање, додавање и др.

Сл. 3 – Основа на ниво ±0.00

Основниот модул е со димензии 2x2x2 метри којшто со мултипликација овозможува различни можности на формирање како на надворешното обликување, така и на внатрешниот простор.

Сл. 4 – Основа на ниво +4.00

Објектот претставува контраст сам по себе, каде што надворешноста со својата динамична структура изгледа лесно, слободно, бело, додека внатрешноста и целиот ентериер е обоен во црвена боја. На таков начин се формира дистинкција на она што е внатре и она што е надвор.

Сл. 5 – Основа на ниво +8.00

Предвидени се неколку влезови во објектот. Корисниците на базенот или пливачите влегуваат странично од двете страни на објектот, додека посетителите до трибините пристигнуваат преку надворешни скали поставени на фасадата на објектот, односно помеѓу самата структура. Исто така се предвидени два стаклени лифтови за лица со посебни потреби, кои се поставени во модулот 2×2 метри. Проектирани се две базенски корита од кои едното (поголемото) е со димензии 25×12.5 метри, кое ќе се користи за натпревари и за тренинг, додека другото е со димензии 8.8×12.5 метри и ќе се користи за обука на непливачи, рекреација итн.

Сл. 6 – Пресек 1-1

За разлика од класичниот тип на градење со греди и столбови, предложено е решение кое ќе користи друг вид на градба, односно на ѕидовите се применува метод на јазли и стапови, кои даваат добра крутост на објектот. Кровната конструкција е исто така решетка од истите елементи, со што се овозможува економично градење, но исто така и ефикасно користење на објектот.

Сл. 7 – Пресек 2-2

Во однос на материјалите, целокупната надворешна конструкција е формирана од челични елементи, додека фасадата е покриена со лексан и стакло.

Сл. 8 – Пресек 3-3

На кровната конструкција, во вид на шаховско поле се поставени соларни панели преку кои се добива целосниот воден систем кој ќе биде потребен за одржување на базенот.

Сл. 9 – Пресек 4-4

На предната фасада се извадени неколку модули со цел формирање на надворешни мали површини кои ќе се користат како тераси кои даваат интересна атмосфера на објектот. Од другата страна во вид на настрешница е формиран простор кој ќе се користи за рекреација. Идејата за ова е дека фасадата на објектот треба да биде интерактивна и да овозможува различни функции кои се потребни во една современа градба.

Сл. 10 – Западна фасада

Вкупен број на гледачи е 396. Во вториот кат се димензионирани соодветен број на тоалети, како и мала кафетерија.

Сл. 11 – Северна фасада

Огласот и известувањето за конкурсот можете да ги погледнете на официјалната страна на ЕСЈН (https://www.e-nabavki.gov.mk/).

 

 

 

 

*** Вкупната вредност на Конкурсот за избор на идејно решение изнесуваше 80.000,00 денари без вклучени персонален данок, агенциска провизија и ДДВ, поединечно   Конкурсните награди се распоредени на следниот начин:

  1. Прва награда – 50.000,00 денари во нето износ
  2. Втора награда – 20.000,00 денари во нето износ
  3. Трета награда – 10.000,00  денари во нето износ
Автор на статија:

| / / |