Куќа за двајца / Радиус архитекти

Автори: Александар Наумчески, Мартин Пановски, Јана Гугуловска Ѓорѓевик, Душица Диновска Пановска;

Студио: Радиус архитекти

Фотографија: Васе Аманито

Година: 2018

Локација: Скопје

Вкупна изградена површина (Пр+По) : 560 m2

Површина на парцела: 616 m2

Оваа семејна куќа е сместена на агол меѓу станбени улици во населбата Тафталиџе, во близина на центарот на Скопје. Населбата е густо населена со едносемејни куќи, од кои повеќето приземни, изградени после земјотресот во Скопје 1963 год. Иако новиот урбанистички план дозволува поголеми висини, нашата тенденција во согласност со програмата на клиентот беше да се вметне куќата во нејзината околина и да се интерпретира стариот дух на соседството на современ начин.

Висината е усогласена со постојните фасади на соседите, иако приземјето е издигнато над нивото на улицата, со гаража во подземно ниво. Подрумот е обоен со црно за да создаде лебдечки ефект на куќата. Главниот влез е потенциран со вовлекување и нанесување  на дрвена текстура на ѕидовите и таванот. Главниот елемент на јужната фасада е терасата со голема и висока настрешница, која овозможува навлегување на сончева светлина во зима, а го спречува топлото летно осончување.

Влезот води директно во срцето на куќата каде се отвара главната дневна соба која е поврзана со терасата и градината со големи фасадни отвори, а е дополнително дифузно осветлена со високи отвори на северната страна. Кујната со трпезаријата и секундарната дневна соба се исто така ориентирани кон југ, додека двете двокреветни соби со нивните тоалети и гардеробери се поставени на северната фасада.

Во подрумот е решено паркирањето, а сместени се и техничка просторија и остава.