Повеќесемејна станбена зграда / Лазороски, Бојаџиева

February 24, 2018

Година: 2018

Автори: Јордан Лазороски и Љубица Бојаџиева

Педагошки тим: проф. д-р Минас Бакалчев, доц. д-р Саша Тасиќ, м-р Викторија Богданова, м-р Александар Петановски, м-р Гордан Петров, Марија Петрова

Во петтиот семестар тема на Архитектонското Студио 5.1 беше интегрираното домување, па следствено на тоа семестралниот проект ни беше проектирање на повеќесемејна станбена зграда чијашто локација е фрагмент од урбан блок, западно од центарот на Скопје, градска четврт „Буњаковец 2“ (во моментов просторот што го зафаќа фабриката „Треска“).

За да стигнеме до оваа крајна возбудлива и динамична форма, поминавме низ една долга развојна линија на проби на различни волумени и нивна корекција. Предизвикот беше тоа што се сретнавме со локација која е целосно рамна и празна, локација од која не може многу да се извлече во смисла читање на контекстот и наша интерпретација на тоа. Единствено што можеше да се искористи беа соседните урбани блокови обликувани како затворени типови на блокови со пешачки продори, па од тука и тргнавме.

Со оглед на тоа дека ја добивме средната парцела во еден таков блок се решивме да го следиме јазикот на блоковите и поставивме две згради, паралелни на себе, на фронтовите на улиците на кои има колски сообраќај. Со тоа добивме голем слободен простор помеѓу зградите и проблем како тие да бидат поврзани во приземјето. После неколку обиди сфативме дека најдобро би било да ги поврземе зградите по целата нивна височина, во однос на дијагоналата на парцелата. Како што може да се види од цртежите за развој на формата, користевме и четвртини од круг во кои ја впишавме длабочината на претходнопланираната зграда, што понатака со додавање на скалишно јадро станува модуларна единица за бескрајно нижење на мегаструктури.

Четвртинките од кругот ги поврзуваме со една права спона која ја има истата длабочина. Со тоа ја добиваме финалната форма на зградата на која и додаваме патека по нејзиниот периметар која соодветно добива функција на пристапен бочен коридор или тераса. За уредувањето на партерот, како и за поставувањето на преградните ѕидови во зградата се служевме со правци кои почнуваат од еден ист заеднички центар, центарот на веќеспоменатиот круг.

Во однос на програмскиот распоред низ објектот ги имаме задолжителните двособни, трисобни и четирисобни станови распоредени низ пет катови т.е. домувањето како главна содржина која ја креваме за две катни висини во однос на теренот. Во тој двовисински простор, односно приземјето плус еден кат, сместивме два стаклени павиљони кои служат како кафетерии и урбана опрема на пример: амебовидни клупи за седење, ниско зеленило, сè со цел социјализација и рекреација на станарите, но и на сите посетители.

Дополнително за да создадеме посебен ефект и амбиент на тој социјален простор, останатиот дел од локацијата кој останува неизграден го исполнивме со плитка водена површина на која поставивме платформи за движење. Заради тоа правиме гест на поместување на зеленилото на проодната раззеленета кровна тераса што делумно ја покриваме со настрешница со кружни перфорации заради игра со светлината.

Модел

Материјалите што доминираат на фасадата се натур-бетонот и стаклото, што и даваат чистина, едноставност, но во исто време и софистицираност на зградата која заради тоа што од сите страни е застаклена добива уште еден квалитет за поудобно живеење, а тоа е двојната ориентација на становите.

 

Ф.К

Автор на статија:

| / / / / |