„Mакедонка, споменик на Револуцијата“ / Радовани

Локација: Куманово, Плоштад Маршал Тито

Автор: Коста Ангели Радовани

Соработник: арх. Маријан Хаберле

Година: 1951-1962

Извори: Jugoslavija-spomenici revoluciji 1968; Revolucionarno Kiparstvo 1977; Zagrebački kulturni mozaik u Skopju 1980

 

Кој е Коста Ангели Радовани?

Коста Ангели Радовани е хрватски вајар и графичар, роден во Лондон на 6-ти октомври 1916-тата година, син на сликарот Франo Бранислав и швајцарката Ен Вајс. Пораснал во космополитски и полиглотски амбиент. Во 1920-тата година, со родителите се доселуваат во Загреб каде што го завршува основното и средното образование. Студирал вајарство во Милано (1934-1938) на Accademia di Belle Arti, кај Франческо Месина и графика кај Бенвеното Дисерторио. По дипломирањето се вратил во Загреб, каде што ги продолжил студиите на загребачката Академија за ликовни уметности, под менторство на вајарот Фране Кршиниќ и графичкиот дизајнер Томислав Крижман. После војната патува низ Италија, Франција, Швајцарија и Белгија, низ афрички и азиски држави, како и во САД. Во 1978-та година бил избран за вондреден професор на Академијата за ликовни уметности во Сараево, каде што работи се до неговото пензионирање во 1987-та година. Како визитинг професор работел и на Меѓународната летна академија во Салцбург.

Бил редовен член на Хрватската академија на науките и уметностите од 1992-та година.

Во скулптурата на Ангели Радовани очигледно се настојува да се изрази волуменот, масата, позитивната (полна) форма. Неговата ориентација кон маса, значи и ориентација кон статичната форма, концизно исцртан преглед, големи линии, едноставност без дигресија и орнаментација, неговата скулптура е доста гола. Во неговата работа постојат две главни мотиви: акт и портрет. Иако во неговиот опус се разликуваат неколку клучни периоди, би било непристојно да им се препише карактер и стилска фаза.

Починал на 27-ми февруари 2002-та година во Загреб.

Историски контекст за споменикот на Револуцијата „Македонка“

Куманово припаѓа меѓу оние македонски центри во кои веднаш по самиот почеток на Фашистичката окупација се формира активен отпор. Во октомври 1941-та година, се формира Кумановскиот партизански одред (подоцна баталјон „Орце Николов“), еден од првите вооружани ослободителски формации во Македонија. Како реакција на активноста на партизанскиот одред, следувале апсења и убиства од страна на окупаторот. Теророт врз населението во 1943-та придонел за огромно вклучување во партизанските формации од Куманово и околината, а во градот сé до ослободувањето делувале различни народноослободителни организации. Куманово и околината се ослободени на 11-ти ноември 1944-та. Во знак на сеќавање на паднатите борци од НОБ се подигнати Македонка, споменик на Револуцијата (Коста Ангели Радовани; арх. Маријан Хаберле) и спомен костурница (Сретен Стојановиќ; арх. Коста Зордумис).

Имињата и авторите на двете спомен обележја често се мешаат во јавноста.

Анализа на делото

Кај Радовани посебно интересно е тоа што и кога работел некои типични пост-воени теми, тие биле далеку од соцреализмот. Својот пристап кон уметноста често настојвал да го поедностави, претераната мистификација не била нешто кон кое би посегнал.

Но, женскиот лик е она по што најмногу го паметиме овој уметник. Жени со полни облини, изработува целиот свој живот, почнувајќи од 30-тите, па се до 90-тите години од 20-от век.

Во која и фаза и да бил, што и да работел, Коста Радовани сликал актови и тие ја обележале неговата кариера.

Скулптурата „Македонка“ која освојува награда на изложбата во домот на ЈНА во Белград, на тема НОБ во 1961-та година, припаѓа на третата фаза од неговата работа. Во време на борба за реафирмација на модерното против историското, за плурализмот против догматизмот, тој значително отстапува. Македонската жена ја претставува доста конзервативно. Гордо исправена, а не потчинета, облечена, а не разголена. Потенцирањето на облините кои се карактеристични за неговото творештво, овде не се присутни.

Скулптурата е дел од споменикот на Револуцијата во Куманово, кој се наоѓа во центарот на градот. Зафаќа цел комплекс на површина на која се поставени три релјефни композиции, изработени од Истарски травертин со тематика од три периоди и тоа: Илинденскиот, Народноослободителната војна и Социјалистичката изградба. На посебен постамент е поставена скулптура со човечки лик на жена („Македонка“) во цел раст во натприродна големина изработена од базалт-камен.

Улогата на арх. Маријан Хаберле?

Информацијата треба дополнително да се истражи. Неговиот придонес во делото не е точно дефиниран, но е наведен во некои извори литература. Можеби е во просторната композиција на скулптурите или во уредувањето на плоштадот Маршал Тито. Како и да е, важно е да се напомене дека Маријан Хаберле е еден од најзначајните хрватски функционалистички архитекти и промотор на хрватската модерна. Твори низ повеќето Балкански држави, а доколку е точно ова би било единственото негово реализирано дело во Македонија. Автор е на Концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб (1960-1973) и на многу други значајни објекти во Хрватска.

Денешна состојба

Спомен обележјето не е во лоша состојба, но можат да се забележат ситни временски и човечки оштетувања. Поради црните дамки и нанесени графити, потребно е освежување на истиот. Непланското садење на вегетација на плоштадот, придонело за губење на уметничката целина. Потребна е просторна реактуализација и промоција на делото, кое е доста значајно.