УТВРДУВАЊЕ НА МЕТОДИ И ПОСТАПКИ ЗА ЗАШТИТА НА ОБЈЕКТИ ОД ПЕРИОДОТ НА МОДЕРНАТА ВО Р. МАКЕДОНИЈА / Магистерски труд на Ана Ивановска

Универзитет: Св. Кирил и Методиј / Архитектонски факултет – Скопје

Тема: Утврдување на методи и постапки за заштита на објекти од периодот на модерната во Р. Македонија преку примерот на О.У Јохан Хајнрих Песталоци

Автор: Ана Ивановска

Ментор: проф. Д-р Јасмина Хаџи Алексиевска

Година: 2009

 

НАПОМЕНА: Голем број од информации и тези во претходните објави се превземени од ова дело.

Од големо значење за МАРХ, во креирањето на серијалот „Песталоци“, е магистерскиот труд на проф. Ана Ивановска Дескова кој несебично ни беше предаден благодарение на проф. Владимир Десков.

Делото кое е обработено уште во 2009-тата година, јасно ја посочува и наговестува опасноста со која се соочува модерната архитектура во Македонија денес и дополнително ни нуди методи со кои може истата да се зачува во иднината, преку примерот на училиштето „Ј.Х.Песталоци“.

Идните македонски архитекти со сигурност ќе имаат морална одговорност да ги поправат грешките на своите претходници, а токму ова дело го препорачуваме да послужи како база за сите можни идни чекори. Зачувувањето на автентичноста на училишните објекти од Модерната во Скопје е од клучно значење за културолошкиот развиток на градот.

Во четвртата и финална објава ќе приложиме само еден мал дел од целокупниот магистерски труд. Целта е да се долови фактичката состојба на модерната архитектура во Македонија преку денешната состојба на објектот на Алфред Рот.

Дел од текстот е минимално дополнет поради временското разграничување (2009-2018) од неговото објавување.

Секому добро !

Училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ – предлог методолошки модел за валоризација, категоризација и заштита

Бидејќи заштитата во Македонија сеуште нема однос кон архитектурата од Модерната, објектот нема претходен статус на заштитено добро и соодветно, не постои правен механизам кој би го штител истиот од стихијни интервенции.

Во моментот, училиштето се наоѓа во генерално лоша состојбa; физичката структура е прилично деградирана главно поради недостиг на финансиски средства, запоставување и недостаток на тековно одржување. Објектот нема претходен статус на заштита како културно-историски споменик, ниту пак генерална стратегија за поправка и заштита. Денес како објектот е соочен со потребата за едно посеопфатно реновирање, потребно е да се отворат прашања кои кај нас досега не биле поставени за објекти од Модерната:

– дали објектот треба да добие третман на наследство;

– како да се дефинираат неговите вредности;

– како воопшто да се пристапи кон обнова на објект од модерната и сл.

Заштита

Генерално, заштитните зафати во најголема мера треба да се насочени кон чување, почитување и правилно управување со објектот со цел да се зачува неговата автентичнност како целина – по однос на форма (обликовно), по однос на функционална организација и по однос на физичка структура (конструкција и материјалност). Потребно е да се задржи колку што е можно повеќе од постојаната супстанца на објектот и да се интервенира онолку колку што е минимум неопходно со цел да се истакнат (да станат видливи) архитектонските квалитети на објектот.

Системот на темелите со години бил редовно надгледуван од страна на швајцарски инжинери. Од јужната страна на трактот со училници темелите се видливи – тие се затворени со монтажни бетонски плочи кои во случај на земјотрес треба да се изместат од своите лежишта и да го овозможат дозволеното хоризонтално поместување на објектот. Со тек на годините бетонските плочи се изместени од оригиналната позиција и перниците се долго време изложени на различни временски влијанија (екстремно високи и ниски температури, сонце, снег, дожд и сл.) и вандалско однесување што дополнително ја забрзува нивната амортизација.

Во 2008 година под раководство на ИЗИИС започнува процесот на замена на лежиштата од природна гума со неопренски лежишта, со подобри технички перформанси.

Фасадата иако е во релативно добра состојба, има потреба од чистење и делумна или целосна замена на фасадниот материјал.

Воглавно, архитектонскиот израз на објектот го дефинираат фасади од видлив бетон кај кои може да се забележат оштетувања од различен вид

– во пониските делови, во допир со земјата се забележува појава на отпаѓање на материјал;

– појава на флеки како резултат на зголемена количина на влага и избивање на соли на површината;

– вертикални пукнатини кои може да се забележат на различни позиции на објектот;

– пребојување на големи површини од бетонските фасади (кај крилото со лаборатории);

– графити (кај спортската сала)

//// Оригиналната фасадна облога од рамни и брановидни азбестно цементни плочи, денес е целосно заменета со пластифициран ребраст лим.  Во 2016 година, Општина Центар врши реконструкција и на кровот над аулата.  Кровот стар околу 30 години, исто така бил изработен од салонитни плочи, кои се сметаат за канцероген и штетен материјал. Стариот кров е целосно отстранет и на негово место е монтиран 375m2 нов кров од челичен поцинкуван пластифициран ребраст лим, високо квалитетен и по сите еколошки стандарди.

Столаријата е значаен сегмент од фасадните површини. По 50 години постоење на училиштето, дрвените делови се оштетени или деформирани, на одредени позиции скршени се и стаклата, а платнените заштитни ролетни се во лоша состојба или вон функција. Ваква состојба се тек на време предизвикала одредени перцијални интервенции и замени, но прашањето на столаријата во целост никогаш не било генерално третирано.

Поправката и замената на столаријата во целиот објект е сериозна позиција, како обем на работа и од финансиски аспект. Оваа ставка отвара сериозна дилема и треба да и се пристапи со внимание особено поради специфичноста на столаријата. Прозорецот „крило на крило“ со едноструко стакло како тип е застарен, сложен е за чистење и одржување, а во денешни услови, под прашање е и неговата термичка и акустичка ефикасност. Тенденцијата да се сочува максимум од автентичното ткиво и конструктивна логика на објектот би водел кон:

– задржување и поправка на оригиналните прозорци (со што би се сочувало максимум од автентичниот материјал) и евентуална замена со стакло со подобри перформанси. Ваквата парцијална солуција може да е дискутабилна ако не и неизводлива доколку се установи дека столаријата има сериозни деформации.

– варијанта на ова решение би била замена со нови прозорци од истиот тип „крило на крило“ изработени според моделот на оригиналните. Во овој случај под прашање е оправданоста на зафатот – доколку е неопходна замена, тогаш нелогична е повторната изработка на прозорците од истиот, застарен тип.

– ролетните за заштита од сонце се исто така сериозно оштетени – како платната, така и механизмот за отварање. Тие треба целосно да се заменат, по можност со истиот тип на заштита.

Подовите во објектот се во голема мера амортизирани. Генерално, во сите делови на објектот коридорите и скалите се изведени со под од терацо кој заради природата на материјалот е во добра состојба. Управата, наставничката зборница, амбулантата и сите училници (освен хемиската лабороторија која има под од терацо) оригинално биле изведени со под од линолеум. Во најголем дел од просториите поради истрошеност подот е заменет со нов под од линолеум (управата настојувала поправките врз објектот да се во согласност со неговата природа). Во делот со управата (директорската канцеларија, канцеларијата на педагогот и наставничката зборница) подот е заменет со ламинат. Поради скората интервенција ламинатот се наоѓа во добра состојба и како таков може да се задржи до следното интервенирање, кога подот треба да се врати во автентичноста состојба и да се покрие со квалитетен линолеум.

Единствена просторија каде сеуште може да се види оригиналната подна облога е училницата по физика. Тука подот е во многу оштетена состојба, на места сосема е исчезнат и видлива е дрвената подконструкција. Од оштетените делови може да се забележи дека оригиналниот материјал во својот состав има јута. Постоење на оригинален под е интересно бидејќи пружи можност за анализа на неговите карактеристики и квалитетот, пред целосно да биде отстранет од објектот.

//// Подот во аулата и во спортската сала оригинално бил од т.н. „корклинолеум“ (со јута и плута во својот состав). Во 2014 година, општина Центар врши реконструкција. Комплетно се менува подлогата во салата и се поставува нов висококвалитетен дабов паркет на површина од 300m2, а истовремено се санира подот во аулата со површина од 250m2. Ова е првата интервенција на аулата и на салата од 1969 година, кога е изградено училиштето.

Училишниот двор во својата неправилна парцела од две страни е ориентиран кон улици, а од другите страни кон мали приватни парцели. Присуството на зеленило во дворот е секако позитивно и игра улога на своевиден „тампон“ кон надворешниот свет, но во случајов, тоа во голема мера е неуредно и неодржувано. Освен просторот со игралишта кој преку просторната диспозиција на волумените се формира во средниа на локацијата, остатокот од дворот е потполно неартикулиран, во делови и запуштен.

Одржување

Спроведувањето на одредена физичка заштита врз објектот не е завршен чин. Интензивната употреба бара постојана грижа и одржување и откако објектот ќе се реновира. По завршување на процесот на реновирање на објектот, потребно е вешто одржување и грижа за истиот со цел долгорочно да се сочува, но и да се намалат трошоците за идни поправки и големи зафати. Тековното одржување и грижа за историските споменици се чини дека е најновиот фокус во полето на заштитата. Имајќи го во предвид сознанието дека дневната грижа значително го продолжува циклусот до следната голема интервенција врз објектот, сé повеќе фокусот се поместува од капитални зафати кон мали интервенции кои тековно ќе го одржуваат објектот во добра состоја. Теоретски (во најдобри услови) секој историски објект кој се смета за културно наследство треба да поседува свој програм и план на заштитата и одржување како дел од самиот проект.