Повик за донација на проект / МСУ Скопје

Музејот на современа уметност – Скопје објавува Повик за донација на проект за партерно уредување и санација на скалите и платото пред МСУ Скопје, 17.10.2019
Музејот на современа уметност објавува повик за изработка на идеен проект за партерно уредување и санација на скалите и платото пред МСУ. На Повикот со свое оригинално решение можат да се пријават сите архитекти носители на лиценца А, а иницијативата е од хуманитарен карактер. Повикот за донација на проект за партерно уредување и санација на скалите и платото пред МСУ ќе трае 20 денови од денот на огласување, а е упатен до сите архитекти на РС Македонија, носители на лиценца А. Иницијативата за санација на скалите и платото пред Музејот е резултат на приватна донаторска акција, заради што МСУ ги повикува и архитектите заинтересирани за овој повик да го донираат идејното решение. Со тоа, ќе ја поддржат донацијата, ќе ја зголемат нејзината вредност за музејот и ќе допринесат за единствен краен резултат. Приватната донација во висина од 600.000,00 денари доаѓа од повеќе субјекти и е наменета за изведба на градежните работи неопходни за санацијата. Музејот на современа уметност е плод на солидарност, авангардна и благородна идеја, и до денес достојно ја исполнува својата цел. Визијата на оваа иницијатива заедно со оригиналните идеи и искуството на архитектите ќе остави ново наследство за МСУ и за идните генерации.
Извори:  МСУ, ААМ