Александар Никољски / 1937-2018

Извори: Porta 3, Бимас

На 81 годишна возраст, почина еден од доајените на македонската архитектура и омилениот професор на Архитектонскиот факултет, професорот Александар Никољски. Во своето долгогодишно работење се занимавал со повеќе сегменти од архитектонската професија како проектант и како педагог.

Александар Никољски е роден 1937 година во Пеќ. Основно и средно образование завршил во Скопје и Ваљево. Студиите на Техничкиот факултет – Архитектонски оддел во Скопје ги завршил во 1963 година. По дипламирањето се вработува во „Јавор“ каде се занимава со проектирање мебел и внатрешно уредување. Во 1964 станува асистент на Архитектонскиот факултет на предметите Елементи на проектирање и Проектирање 1. Од 1969 година е асистент на предметот Внатрешна архитектура, а подоцна од 1985 г. и редовен професор. Во 1972 година од Републичкиот совет за култура добил стипендија за специјализација во Франција и асистира на Високата школа за декоративна уметност ENSAD, Париз.

Дом на култура во Србица, Косово

Во 1984 г престојува во Краков, Полска во рамки на размена на наставници со Краковската политехника. Омилениот професор на факултетот уште од основање на Летната школа за архитектура е нејзин активен учесник и прв Претседател на советот на летната школа. Бил декан на Архитектонскиот факултет во мандатите 1985/87 и 1991/93. По повод јубилејот 50 години на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ добил плакета за најдобар професор на Архитектонскиот факултет.

Систем на киосци „Треска“

Била активен и во архитектонските здруженија. Бил претседастел на САДАМ, еден од основачите на БИМАС и Претседател на Собрание на ААМ. Добитник е на повеќе награди на архитектонски конкурси. За својата стручна дејност професор Никољски е добитник на наградата „13 Ноември“ на град Скопје, специјални награди и дипломи на БИМАС 1983, 1989 и 1993 Главна награда, Голема годишна награда за аехитектура 1998.

Добитник е наградата „Андреја Дамјанов” за животно дело и особени достигнувања од областа на архитектурата и градителството за 2006 година, која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ, а истовремено е член на Архитектонската академија на ААМ.

Дом на култура во Србица, Косово

Позначајни реализирани дела:

– Ентериер на продавница „Грациа“ 1967 г.
– Уредување на просторот за шаховска Олимпијада во Скопје 1972 г. со арх. Пулејков
– Дом на култура во Србица, Косово со арх. Пулејков 1984 г.
– Киоскот „КЦ-190“ 1986 г.
– Мотел „Македонија“ кај Велес со арх. Пулејков
– Куќа на фам. Куцурелос во Скопје 1997 г.