„Ослободување на просторот“ е македонскиот проект – претставник на Венецијанското биенале за архитектура 2018

May 2, 2018

Година: 2018

Автори: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски, Марија Мано Велевска

Извори: МСУ - Скопје

Локација: Венеција

Овогодинешното, 16то по ред Архитектонско биенале во Венеција поставено од кураторите архитекти Ивон Фарел и Шели Мекнамара се темели на темата на слободата и нејзината вредност во современиот дискурс на архитектурата. Насловена едноставно како „Слободен-простор“ или во оргинална верзија Freespace, изложбата се осврнува на основните начела и предизвици со кои се соочува професијата во сите сегменти на нејзината продукција денес.

Во рамките на оваа високо ценета манифестација, Република Македонија учествува со проектот кој ја проширува основната зададена тема Freespace, и е насловен Freeingspace, односно „Ослободување-на-просторот“. Овој проект го препознава концептот на слободата, како суштински елемент во дискурсот на архитектурата. Конечно, самиот наслов во англиската верзија носи двојно значење: покрај активната форма на „ослободувањето“ (freeing) како тактика и чин на делување, претставката freeing– како придавка опишува и дефинира „простор кој ослободува“, укажувајќи на иманентниот потенцијал на просторот да создава чувство на слобода.

Низ своето постоење градот Скопје бележи повеќекратни трансформации, не само во демографскa и економска смисла, туку и во интензитетот и карактерот на градежните активности и просторните промени. Последниот во низата -вообличен во екстензивниот градежен зафат именуван Скопје 2014 (Ск2014), е широко публикуван, а контроверзите поврзани со него станаа предмет на бројни истражувања и критики во речиси сите општествени сфери. Сепак, неговиот основен и краен ефект е материјален и просторен и се манифестира со хомогенизација и бришење на вредноста на партикуларното, како и комплетно нарушување на балансот на јавниот и приватниот, односно изградениот и неизградениот простор.

Преку прецизен избор на неколку клучни сегменти од просторното „наследство“ на Ск2014 и деконструкција на нивната појмовна матрица, истите со проектот „Ослободување-на-просторот“ (Freeingspace) на концептуално ниво се ре-проектираат со прецизни архитектонски замисли – преточени во четири проекти на четири тимови млади архитекти, во ко-авторство со кураторите. Во рамките на самоповикан конкурс, четири дистинктивни просторни асемблажи вткаени во архитектонската и колективната меморија на градот Скопје се преиспитуваат фрагментарно, спротивно од  наметнатата сеопфатна тенденција на Ск2014 за солидификација на просторот. Секој од четирите проекти (платото на МОБ и кејот на реката Вардар, објектот на влада на РМ, поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на Мепсо и стоковната куќа на плоштад Македонија) поединечно развива свои дистинктивни проектански концепти, методи и алатки, но сите истовремено ја следат генералната задача за воспоставување на директна релација со отворениот и јавен карактер на просторот, обединувајќи ги вредноста и значењето на јавниот објект и јавниот заеднички простор.

Само така, користејќи ја архитектурата како алатка која ја обликува „кореографијата на секојдневното живеење“ веруваме дека може да се поправат негативните ефекти од Ск2014, градот во материјална и симболичка смисла јасно да ги дефинира сопствените вредносни особини на современост, а  идејата за исклучивост и просторна сегрегација на Ск2014, неговата претенциозност и несмасност да се де-тотализира.

Изложбата како и целокупниот проект „Ослободување-на-просторот“ (Freeingspace), претставува асемблаж на различни концептуални, социјални, и симболички гледања на градски простор. Поставката на Македонскиот павиљон во Венеција, оваа година, се состои од пет фрагменти: покрај информативниот, по еден специфично поставен и конструиран за секој од четирите разгледувани и преработени архитектонски простори. Поединечно, секој сингуларен ентитет претставува информациско тело што во себе ги преклопува меморијата, претставата и идејата за просторот.

Во симболична смисла фрагментите ја сугерираат хетерогеноста и дисконтинуитетот на градот но во исто време го претставуваат новиот почеток на градот,- анкери од кои започнува стабилизацијата и заздравувањето на градското ткиво бидејќи на себе ја носат содржината на ре-проектираните сегменти од Ск2014. Преку нив се препромислува современиот градски наратив и можноста тој да се чита како обединувачки елемент што го гледа и третира градскиот простор како целина од мноштвени, а не апсолутни ентитети. На тој начин, овие фрагменти претставуваат просторни артефакти од кои започнува реконструкцијата на градската целината и враќање на нејзиниот континуитет, при што од партикуларното – фрагментот се влијае на целината.

 

Македонското претставување на 16та Меѓународна архитектонска изложба la Biennale di Venezia 2018 е организирано од Музеј на современа уметност – Скопје, со подршка на Министерство за култура на Република Македонија.

Комесар: Зоран Петровски

Куратори: Слободан Велевски, Марија Мано Велевска

Автори: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски, Марија Мано Велевска

Автор на статија:

| / / / / / / |