Platform tourism: The Ohrid Archipelago / 7ма Меѓународна Летна школа за Архитектура, Охрид / УАКС

Во организација на Факултетот за Архитектура и Дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, во период од 28 јуни до 6 јули се реализираше седмата по ред Меѓународна Летна школа за Архитектура во Охрид.

Праксата на учество на докажани гости, тутори од странство ја продолжи овогодинешниот професор гостин Харалд Трап, социолог и архитект од Виена, Австрија, професор на Технолошкиот универзитет во Виена (TU Wien).

Професионалното искуство на Харалд Трап вклучува бројни изложбени проекти за Museum of Applied Arts (MAK) Vienna, Тhe Albertina Museum Vienna, Belvedere and Künstlerhaus Vienna, the Kunsthalle Bonn и the Art Biennale Venice (со Филип Круммел). Од 2002 до 2015 е доцент на Технолошкиот универзитет во Виена (TU Wien), каде што докторирал во 2013 година. Во 2014 година e куратор и дизајнер на австрискиот павилјон на Биеналето за архитектура во Венеција (со Кристијан Кун). Од 2015 до 2018 година е раководител на Мастер програмата за архитектура на Универзитетот во Источен Лондон (UEL). Во моментов предава на Технолошкиот универзитет во Виена (TU Wien). Работи на проектот Capital Architecture www.capitalarchitecture.eu (со Роберт Тум) и е основач на AKT (2019), колектив на млади архитекти во Виена www.akt.eu.

Темата на овогодинешната школа беше дефинирана со насловот “Platform tourisim: The Ohrid Archipelago”, а беше иницирана од подемот на дигиталните платформи како Airbnb и концептот на туризмот кој е во фаза на фундаментална промена.

Приватните домови се повеќе се трансформираат во сместувачки капацитети и како такви се дел од глобалната индустрија. Традиционалниот модел на хостелот или хотелот се повеќе се под притисок. Ова не само што предизвикува архитектонски последици, туку и сериозни урбани импликации, бидејќи туристичката инфраструктура веќе не е концентрирана во одредени делови на градот, туку е дистрибуирана во мали единици на разни локации во градот. Таа претставува архипелаг на мали острови во урбаната ткаенина, инфилтрирајќи ги постојните населби и нивните заедници.

Платформата за туризам ќе ја предизвика постојната архитектонска типологија со реструктурирање на нејзиниот односот помеѓу аспектите на домување и сместување. Методот на работа на оваа летна школа ќе се обиде да покаже дека овој предизвик не треба да им се препушти на профитно-ориентирани корпорации, туку ќе работи на создавање на концепти за современа интерпретација на богатите локални архитектонски традиции.

Јавно предавање на професорот Харалд Трап со наслов “Platform space” беше одржано во НУ Центар за култура „Григор Прличев” – Охрид.

Во предавањето професорот се осврнa на комплексната сегашност на просторот за живеење која во себе вклучува различни актери, постојани и повремени, поткрепувајќи се со интернационални референтни примери и нивна споредба со македонската традиционална архитектура. Предавањето даде фокус на препознаените архитектонски елементи кои во специфична функционална поставеност, формираат нова релација помеѓу актерите, локалните жители и посетителите на местото.

Во текот на работната недела беа одржани и три затворени предавања за студентите од професор Трап во чиј склоп се задаваа и материјали за читање и дискусија.

Работната недела беше структурирана во три дела.

Забележувања на терен

Забележување на состојбите и промените на привременото сместување во типологиите на хотел, ресорт и сместување во индивидуални станбени објекти во градот Охрид.

 

Анализа на конкретни примери

– Препознавање на просторната комплексност на македонската традиционална архитектура преку документациска анализа на изградени примери, користејќи ја литературата на Душан Грабријан и Борис Чипан;

– Контекстуална документација и изцртување на шемата на движење во типологиите на колективно домување (од соба до ресторан);

– Дигиталната картографија на туризмот во Охрид. Мапирање кое го позиционира влијанието кое туризмот го има врз локалните заедници на Охрид и искуството на градот, истовремено од гледна точка на домаќинот и на посетителот;

– Споредба на особините на Airbnb сместувачките капацитети во Охрид, со истоимени сместувачки капацитети во различни контексти, предизвикувајќи ги со елементите од македонската традиционалната архитектура.

Интерпретација/Симулација

Симулацијата на анализите се спроведуваше во две конткретни просторни ситуации во кои што контекстот беше апстрактно разгледуван, со цел фокусот на студентите да остане единствено во комбинирање на архитектонските елементи и создавање на нова инфраструктура која ќе ја стимулира релацијата помеѓу домаќинот (host) и гостинот (guest) како актери во просторот.

Симулацијата ги зема во предвид неколку карактеристични архитектонски елементи препознаени во фазата на анализа на традиционалната куќа: хоризонтални и вертикални плочи, вертикални комуникации во различни конфигурации, продори и пропорции на простор (двовисински простор, долг простор, осветлен простор…).

Вака дефинираните елементи му овозможија на резултатот да се ослободи од препознатливите терминолошки и архитектонски просторно-конструктивни методи и со тоа да го зголеми капацитетот на користење на елементите и да се стреми кон создавање на поинаква просторна комплексност.

Процесот на работа беше заокружен со јавна презентација и изложба на сработениот материјал во работната сала во хотел Пела, простор во кој се реализираше работната недела.

На овој настан најпрво беа презентирани сите развојни фази на истражувањето спроведени на територија на град Охрид во специфична форма на методолошки ѕид. На ова следеше презентација на која студентите ги образложија своите предлози во форма на проект насловен како „Airbnb куќа на агол”.

Декан: проф. Мишко Ралев

Продекан: проф. Викторија Еремеева

Ментор на Летната школа: проф. Харалд Трап

Директор на Летната школа: Максим Наумовски

Тутори: Мартин Деловски, Павел Вељаноски

Студенти: Алексијоска Емилија, Арсовски Ангел, Банчотова Ангела, Данилова Светлана, Екатерина Николовска, Гочевска Јана, Ѓорѓиева Ангела, Хоџа Енџелуша, Китановска Михаела, Китевска Ива, Коцевска Ивана, Колчаковска Катерина, Наунова Анастасија, Николич Дејана (Србија), Николовски Јосиф, Пејовски Мирослав, Рахими Ардиана (Косово), Седалиу Валбона, Сула Астрит, Тодевска Сандра, Зикова Ана.