„Победа“ / Борка Аврамова

Локација: Тетово, Дом на култура

Автор: Борка Аврамова

Година: 1961

Извори: Jugoslavija-spomenici revoluciji 1968; Revolucionarno Kiparstvo 1977; Дарко Гавровски / портал ‘Тајните на Тетово’ / gavro.com.mk

Блескавите традиции на Македонците во живописот и архитектурата на сите им се познати, но секој искрен љубител на овие уметности ќе го интересираат како и на кој начин ќе се исполи она наследство во ликовното творештво кое го влече своето потекло од архајските тореути и цизелери од Требениште, па прекu портретистите од Хераклеја Линкестис до авторите на величаствената фигура на Свети Климент Охридски од XIII век. Познато е дека византиските навики, непријателски расположени кон пластиката, го свртеле развојот на народниот гениј во правец на дуборез, па копаничарите го продолжиле она кое што со толку дар и слава го започнале нивните предходници од стариот и средниот век. Требаше доста долго да се чека на соответни услови па, по сликарите и графичарите, повторно да се јават вистински, автентични македонски скулптори, достојни на огромно културно наследство на оваа класична област на ликовното творештво. Времето на исчекување не мора секогаш да биде изгубено, зошто креативните импулси , натрупувани со времето и традицијата, можат да се исполат во еден уруптивен облик. Тоа и навистина се случи, и оној што го следи развојот на современата македонска уметност, мора да согледа еден полет достоен за воодушевување и една длабочина на творечка љубопитност која е достојна на своите класични извори. Ние го имавме задоволството да го следиме развојот на еден таков уметник, вајарот Борка Аврамова, уште од нејзината прва самостојна изложба, 1954 година, на која ги покажа сите убави одлики на својот сериозен и за почитување достоен дар. Слично на Ивана Кобилица во словенечката и Надежда Петровиќ во српската уметност, таа веќе на својот прв настап покажа задивувачка сила на изразот и пробивен скулпторски темперамент. Не на прв поглед, зoшто, пробивајќи се низ замрсениот сплет на современите стилски и тематски сфаќања, и втисна печат на својата моделација и својата материја со еден фин, мошне чуствителен и поетичен начин на профилација, отстапувајќи од објективниот свет само толку колку што тоа отстапување бараше еден одреден и логичен стилски континуитет. Па сепак, нејзината сензибилност, развивајќи се во правец на апстрахирање на формата и стегнување на волуменот, умееше во битот на постапката, во основата на стилската конструкција, да ја открие онаа внатрешна раmнотежа на материјата и оној суштествен напон на структурата кој на нејзината скулптура ќе и обезбеди трајност на инспирацијата и автентична сила на изразот. Вонредна како портретист, таа, и покрај мошне редуцираните пластични елементи, се исполува како фин, префинет психолог, но затоа во своите фигурални композиции до крајност цврста и стегната, одминувајќи безмалку до рудиментарни облици и површини. Ваквиот начин на профилација, и ваквото изградување на волуменот внатре во самата маса, споени со чисто чуство за стил, му го обезбедуваат на нејзиниот опус она неопходно присуство на монументалност, без што нема вистинска скулптура, без оглед на нејзините димензии и нејзината намена. Од тие причини пластиката на Борка Аврамова е секогаш на некој начин функционална, во естетска смисла исто колку и по виталноста со коja зрачи нејзиното творештво, конечно, и мајсторски дефинирано во просторот и материјата. Не помалку и по автентичноста, зoшто било каде да создава и изложува Борка Аврамова, нејзината уметност секогаш ќе биде одраз на големиот завет од татковината на Света Софија, Нерези и охридските икони.Д-р Миодраг Колариќ

Која е Борка Аврамова?

Борка Аврамова е македонска вајарка родена во Тетово на 9-ти октомври 1924 година. Во Скопје завршува Основно училиште, Гимназија и Уметничка школа (1945-1948). По ова заминува во Загреб каде студира на Академијата за Ликовни Уметности (1948-1953) во класата на проф. Фрањо Кршинич. Во Загреб се запознава и во 1950 година се мажи за академскиот сликар Светозар Домиќ (Сплит, 02.08.1918 — Загреб, 30.01.1993). Со него имале само една ќерка која починала без да остави свои наследници.

Во 1953 година се враќа во Скопје каде станува член на ДЛУМ (Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија). Во Скопје останува до 1960 година каде учествува на самостојни изложби и изложби на ДЛУМ. Во 1954 година ја организира првата самостојна скулпторска изложба воопшто организирана во македонската историја од еден македонски вајар (скулптор), а воедно и прва самостојна изложба на жена уметник кај нас во „Домот на Градежниците“ во Скопје.

Од 1959-1960 година е на студиски престој во Париз како стипендист на Фондот Моша Пијаде. Во 1960 година се враќа во Загреб каде истата година станува член на УЛУХ (Удружење Ликовних Уметника Хрватске) организира бројни самостојни изложби и изложби како дел на УЛУХ. Од 1960-1963 година е соработник во државната Мајсторска работилница на проф. Фрањо Кршинич во Загреб. Во Загреб останува трајно да живее и твори се до својата смрт 25-ти март 1993 година.

Во Македонија има околу 25, можеби нешто повеќе дела на Борка Аврамова, земајќи ги предвид „Споменикот Победа“ во Тетово (1961) и мермерната парковска скулптура („Бизон“, 1967) во Прилеп. Најголемиот број е во посед на приватни лица, додека Националната галерија на Македонија во својата колекција има 4 дела, а по едно дело имаат МСУ, МАНУ, Музејот на Македонија и Дом на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

Нејзин основен материјал е глина и бронза, а во подоцнежниот период теракота. Ги работела идејните решенија за спомениците Петрова Гора и Макљен. Делата и се наоѓаат во галерии, музеи и приватни збирки ширум светот. Дополнително изложила портрети со етнографски обележја, но со модерна форма и без класични анатомски пропорции од кои најпозната е „Глава на Албанец“ од 1954 година.

Историски контекст за споменикот „Победа“

Тетово уште од почетокот на вооружената борба во летото 1941 година станува центар на ослободителната борба во Македонија. Градот бил под Италјанска окупација и во сето време имал значајна улога во народно-ослободителната борба во западниот дел на Македонија. Тогаш во градот делувал месниот комитет на Комунистичката партија во Југославија кој извел многу акции, првично за подготовки на востанието, а подоцна и цели серии други вложувања. Во пролетта 1942 година, тука е седиштето на Окружниот комитет на Комунистичката партија на Југославија за италјанските окупациони зони. Во Тетово работела илегалната штампара и доставувала листови и други пропагандни материјали во целата област. Во него бил еден од најважните илегални центри за одржување на врска помеѓу раководството на народно-ослободителното движење во овој дел од Македонија. На 13-ти март 1943 година во најстрога тајност е одржана Првата седница на Централниот комитет на Комунистичката партија во Македонија. Формиран е Централен комитет, за секретар е избран Лазар Колишевски, а Мара Нацева за организациски секретар. За време на војната тука се стрелани многу борци и партизански единици. Градот е ослободен на 18-ти ноември 1944 година.

Анализа на делото

Борка Аврамова му се оддолжува на својот град со траен споменик во центарот на Тетово, изграден во 1961. Тој е изграден по јавен конкурс на кој победува нејзиното идејно решение, а е поставен пред тогашната зграда на Општина Тетово (целиот објект е срушен во 1965 година за на истото место да се изгради Домот на Културата, кој е завршен во 1972 година).

Тетовчани ретко знаат дека оригиналното име на споменикот е „Победа“. Денес помеѓу жителите неправилно се именува како „Споменик на Револуцијата“ или „Споменик на Жената Борец“.

Споменикот го сочинуваат: женска фигура, леана во бронза во цел раст во стоечки став, поставен на носач од бетон, обложен со мермерни плочи и релјефна композиција од бронза со тематика од НОВ поставена на носач од бетон. Има приод од главната улица и плато поплочено со мозаични плочи.

Делото е контраст на дотогашната воспоставена вајарска пракса на окупирана Македонија, карактеризирана со масивност, монументалност и романтичност во обликувањето и претставува една модерна форма, без класични анатомски пропорции. Самата пропорционална скромност и едноставност е она што го прави ова дело монументално, како и тоа што е изработено од жена скулптор, факт кој говори за движечките процеси на тој период. Доказ за важноста на ова дело е неговото присуство во речиси сите Југословенски публикации од областа на вајарството, како и уметнички публикации посветени на Народно Ослободителната Борба.

Денешна состојба

За жал споменикот е честа мета на вандалски чинови и оштетувања. Некогашните мермерни облоги се целосно отстранети од постаментите, а истите се редовно вандализирани со испишување на непристојни пароли и недолични графити.

На 4-ти Јули 2018 година, по подолг период Н.У. Музеј на тетовскиот крај во соработка со Сојузот на Борци на Македонија и советничката група на ОО СДСМ Тетово го бојадисаа споменикот, со надеж да се стави крај на недоличното однесување.